НАЦИОНАЛЕН СОЈУЗ НА ЛИЦА СО ТЕЛЕСЕН ИНВАЛИДИТЕТ НА МАКЕДОНИЈА     

Mobile menu

Втора масовна рекреативна средба на лица со телесен инвалидитет во СРЦ „Треска“ - Скопје

18На 15.06.2013 година на просторот на Спортско-рекреативниот центар „Треска“ во Скопје се одржа втората масовна рекреативна средба на лицата со телесен инвалидитет на Македонија во организација на Мобилност Македонија, на која учествуваа околу 400 лица со телесен инвалидитет и нивни придружници.

Мобилност Македонија сака да им изрази најдлабока благодарност на лицата, институциите и фирмите кои со сопствени средства или со вложен ангажман го потпомогнаа овој настан и тоа на: Градоначалникот на Град Скопје, г-дин Коце Трајановски и Советот на Град Скопје кои обезбедија 3 автобуси за бесплатен превоз на нашите членови од внатрешноста на Македонија, како и бесплатен превоз за преку 100 лица со телесен инвалидитет од територијата на Градот Скопје, потоа на Факултетот за физичка култура и Федерацијата за рекреативен спорт претставувани од Проф. д-р Горан Никовски кој со неколку свои студенти и во координација со Македонскиот параолимписки комитет претставуван од генералниот секретар Драган Дојчиноски, се погрижија за рекреативните содржини на настанот, на „Лука Д Трејд“ која донира минерална вода и сокови за учесниците на средбата, на Полициска станица „Ѓорче Петров“ кои се грижеа за безбедноста на настанот, на медицинскиот персонал од Брза Помош кои се грижеше за здравјето на учесниците на средбата, на ЈП „Паркови и зеленило“ кои поставија 40 канти за отпадоци и се грижеа за хигиената на просторот, на Центарот за ортотика и протетика „Славеј“ кои имаа свој изложбен штанд на ортопедски помагала, на персоналот на ресторанот во кој организиравме скромен ручек за учесниците на средбата, како и на сите учесници и нивни придружници без чие присуство во толкав број оваа средба немаше да биде така успешна.

Времето беше сончево, дури и претопло, но не претставуваше пречка за раздвиженост на учесниците на средбата, за нивната желба да се рекреираат на повеќе поставени сегмнти. За истите се погрижија Проф. д-р. Горан Никовски и неговите асистенти – студенти на факултетот за физичка култура кои постојано беа партнери во игрите. Овојпат, поред пикадото и шахот, беа застапени нови содржини и тоа: бочање, бадмингтон, висечка куглана... Средбата помина во прекрасен амбиент, дружење, размена на искуства, поставување на прашања и авање на одговори во врска со правата на лицата со телесен инвалидитет, а во рамките на одржувањето на средбата од страна на преку 310 наши членови и нивни придружници беше потпишана Петиција. Куриозитет е што петицијата од страна на учесниците на средбата беше потпишана за помалку од еден час.

Причина за да се одлучи на ваков чекор е што Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија – Мобилност Македонија постојано со најразлични дописи се обраќа до надлежните институции на РМ за подобрување на правата и положбата на лицата со телесен инвалидитет. Наназад повеќе години на некои наши барања институциите до кои биле упатени воопшто не ни одговориле што го покажува игнорантскиот однос кон нашите барања, на други ни одговориле со големо задоцнение, а на дел од нив иако ветиле некои измени и подобрувања не го остварле тоа преку законската регулатива, што ја докажува нивната спорост и неефикасност. Заради тоа, а поттикната од се почестите јавувања на незадоволните членови во канцеларијата на сојузот, Мобилност Македонија ги повика членовите кои се незадоволни од спороста и неефикасноста на институциите на Државата, како и од игнорантскиот однос при решавањето на нашите барања за подобрување на правата и положбата на лицата со телесен инвалидитет на Македонија да пристапат кон потпишување на Петиција со која ќе го изразат своето незадоволство и ќе ја овластат Мобилност Македонија порадикално да се бори за нивните права, не исклучувајќи ја како можност опцијата од организиран мирен протест пред Владата на Република Македонија.

Втората масовна рекреативна средба на лицата со телесен инвалидитет заврши со скромен ручек за учесниците на средбата кој со свои средства го финансираше Мобилност Македонија. Мобилност Македонија исто така се погрижи и за покривање на трошоците за бензин за учесниците кои заради тежината на инвалидитетот на средбата допатуваа со свои возила. Организаторите на средбата и помагачите на истата задоволни од масовноста и успешната организација, ветија дека на следната средба ќе има уште побогати содржини и настани. Останува Мобилност Маедонија да си го исполни ветувањето.