1Мобилност Македонија оствари средба со министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, во врска со Предлог-Законот за социјална заштита. На работнта средба присуствуваа претседателот на Мобилност Македонија, Бранимир Јовановски, генералниот секретар Софка Прчева и членот Елизабета Тодоровска. 

Поред министерката Царовска, претставници на МТСП на средбата беа Душан Томшиќ и Вангел Тркаљанов, советници во кабинетот на министерката, правникот Софија Спасовска и раководителот на Програмата за рефундирање на средства за царина, акцизи и ДДВ за набавка на патничко моторно возило, Дејан Ивковски.

Во врска со нашите претходно доставени сугестии по текстот на Предлог-Законот (имавте можност да ги прочитате во претходната објава), дел од истите се усвоени, дел се доработуваат, но сериозно разминување во ставовите со министерството имаме во врска со член 54, став 2 кој гласи: „Лице кое користи надоместок заради попреченост, истовремено не може да користи и надоместок за помош и нега од друго лице.“

Мобилност Македонија категорично БАРА од министерството овој став да се ИЗБРИШЕ во целост.

Министерката Царовска во повеќе наврати во дискусијата истакна дека законот нуди правична социјална сигурност кон сите граѓани на РМ, и дека додатокот за нега и помош од друго лице кој во моментов го примаат лицата со инвалидност според сите анализи кои ги имаат направено министерството, не ја исполнува својата намена, односно наместо да се ангажираат лица за помош и нега, корисниците на надоместокот средствата ги трошат за други цели. Исто така истакна дека надоместокот за попреченост (претходно наречен надоместок за мобилност) е предвиден да служи на намената да ги компензира дополнителните трошоци што лицата со најтежок телесен инвалидитет ги имаат заради состојбата во која се наоѓаат, а дополнително се воведуваат нови услуги, како што е право на личен асистент (кој навистина ќе му се наоѓа на корисникот), потоа услугата помош и нега во домот со која се обезбедува помош во вршење на основни и инструментални активности од секојдневниот живот за лица со намален функционален капацитет. Корисници на услугата нега во домот се: лица со најтешка телесна или интелектуална попреченост, потполни сетилни нарушувања, стари лица и други лица на кои им е потребна помош и нега во домот. Оваа услуга за првпат се регулира и се воведува со Законот за социјална заштита .

Сите напори да укажеме дека надоместокот заради попреченост и надоместокот за нега и помош од друго лице имаат различни намени, различни критериуми за остварување на право, и не треба да се условува оствареното право на едниот со неможност на остварување на право на другиот надоместок, дека постојат строго пропишани критериуми кои корисникот треба да ги исполни за да го оствари правото и на едниот и на другиот надоместок и дека тоа е во ред, но дека ограничувањето на примање на едниот со другиот надоместок е непотребно и недозволиво, за жал останаа без плод.

Претседтелот на Мобилност Македонија особено потенцираше дека, на крајот од краиштата, лицата со најтежок телесен инвалидитет кои ги примаат овие надоместоци (лицата со параплегија и квадриплегија) во принцип се наоѓаат на работ на сиромаштијата и дека реално имаат зголемени трошоци во живеењето. Надоместокот заради попреченост е наменет за поттикнување на Социјална инклузија и еднакви можности и не треба да се условува со оствареното право на нега и помош од друго лице кој има сосема друга намена. Лицата со инвалидност кои се приматели на овие надоместоци се ограничени во можноста за самостојно живеење, секојдневно се соочуваат со најразличен вид на бариери кои им ги поставило општеството и кои се пречки за нивна целосна инклузија и независно живеење. Со овие надоместоци се врши делумна компензација на зголемените трошоци на лицето заради задоволување на основните животни потреби, исхрана, облекување, лична хигиена, движење, посета на здравствени установи, одење на работа, одговор беше дека токму со надоместокот за попреченост им се компензираат тие трошоци.

Министерката Царовска истакна дека од друга страна Законот предвидува право на гарантирана минимална помош за домаќинoство кое е материјално необезбедено и не поседува имот и имотни права од кои може да се издржува. Висината на гарантираната минимална помош за носителот на правото изнесува 4.000 денари месечно, За секој следен полнолетен член на домаќинството основицата се зголемува согласно еквивалентна скала и тоа за вториот 0.5, за третиот 0.4, за четвртиот 0.4, за петиот 0.2, а за дете 0.1, најмногу до пет члена во домаќинството. Дополнително, еквивалентна скала од став 2 на овој член се зголемува за лице кое е неспособно за работа поради интелектуална попреченост, телесна попреченост, душевно заболување или поради трајни промени во здравствената состојба и тоа за првиот член 0.5, за вториот член 0.2, за третиот член 0.2, но најмногу до три члена. И дека токму оваа одредба нуди социјална сигурност од сиромаштија за загрозените лица со инвалидност

Заминавме од работната средба со замолница министеката и стручните служби уште еднаш да ја разгледаат можноста да се избрише став 2 од член 54, односно да не се условува примањето на надоместокот за попреченост и надоместокот за нега и помош од друго лице еден со друг, меѓутоа не добивме гаранција дека тоа ќе се случи. Од друга страна, потенциравме дека сме сложни да се изврши целосна ревизија на корисниците на овие надоместоци, да се пронајдат лицата кои немаат право да ги користат истите и да им се укине тоа право, што исто така доведува до намалување на издатоците по основ на примање на овие надоместоци.

На нашата забелешка дека ни беше ветено дека како сојуз со свои претставници ќе партиципираме при подготвувањето на текстот на предлог Законот министерката Царовска истакна дека законот го подготвувале стручни лица, дека се консултирала со своите советници особено во делот кој е денес на дискусија и дека сите анализи покажуваат дека треба системски да се постават работите за да се добие современа социјална заштита која ќе понуди и најголема социјална поддршка кон корисниците.

Дискутиравме и за член 256 став 2 кој се однесува на рефундирање на средства платени за акциза, царина и ддв, и ни беше кажано да ги ивестиме членовите дека при користење на оваа Програма, многу е важно во нивните про-фактури и во фактурите да стои одделно по ставки колкава е основната цена на возилото, колкави се акцизите, колку е царината, ддв-то за да може законот да биде применлив и лицата да си го остварат правото.

1.jpg