1На 26.12.2019 година во просториите на ФЗОМ, а по барање на Мобилност Македонија, се одржа уште еден работен состанок помеѓу претставниците на Мобилност Македонија (Бранимир Јовановски и Софка Прчева) и претставниците на ФЗОМ (д-р Вера Митровска и Даниела Стојановска Ѓинговска), а во врска со нашите барања за ортопедски помагала, во овој случај за стандардно лесни инвалидски колички и за активни инвалидски колички.

Овие преговори траат скоро 3 години и конечно им се гледа крајот. Од д-р Вера, претставник на ФЗОМ, ни беше кажано дека нашите напори конечно вродија со плод, буџетот за ортопедски помагала на фондот за 2020 е зголемен на наше инсистирање и конечно може да се пристапи кон реализација на нашите барања.

Идејата е сите постојани корисници на инвалидски колички (лица со параплегија, квадриплегија, дистрофија, церебрална парализа, мултилекс склероза, полио, двојна ампутација на долни екстремитети...) кај кои е индицирана и од стручни лица потврдена потреба од користење на инвалидска количка за движење, во иднина ќе добиваат стандардно лесна инвалидска количка, наместо досегашните привремени инвалидски колички, кои и понатаму остануваат во употреба меѓутоа за корисници кај кои се очекува вертикализација (мозочни удари, ампутации, терцијален стадиум на канцер и слично).

Преговараме и се договараме со фондот лицата кои се наоѓаат на школување (основно, средно, високо), лицата во редовен работен однос, како и лицата кои не се вработени но поседуваат „Б“ возачка дозвола, да можат да земат активна инвалидска количка, наместо стандардно лесна. Тие критериуми фондот уште ги дефинира, а потребно е и време да се завршат техничките процедури како што се измена и дополнување на Правилникот, впишување на помагалата во Листа на ортопедски помагала, определување на референтна цена, нивно објавување во Службен Весник на РСМ, потоа барање и добивање на понуди од деловни субјекти, и слично. Очекуваме овие активности да се заокружат во првата половина од месец јануари 2020 и веднаш потоа да се стартува со користење на правото.

Мобилност Македонија инсистира до ФЗОМ, при пропишување на критериумите за добивање на понуди, на пазарот да се понудат квалитетни, брендирани стандардно лесни и активни инвалидски колички, да се определи коректна и реална референтна цена која ќе побуди натпревар во испорачување на квалитетни инвалидски колички кои ги задоволуваат европски стандарди за квалитет, а не било какви колички водејќи се само по тежина и најниска цена. Се поинаку ги девалвира нашите напори и преговори и нашите напори губат секаков смисол, бидејќи предмет на долгогодишните преговори беше добивање на терет на фондот функционални, квалитетни, издржливи и со подобар дизајн инвалидски колички за постојаните корисници. Очекуваме ФЗОМ да остане коректен и решителен на најдобар можен начин да го реализира ова суштинско барање за нашите членови кои се движат со инвалидска количка, но и на сите други лица кои се корисници на инвалидска количка за секојдневно и целодневно движење.

1.jpg 2.jpg