НАЦИОНАЛЕН СОЈУЗ НА ЛИЦА СО ТЕЛЕСЕН ИНВАЛИДИТЕТ НА МАКЕДОНИЈА     

Mobile menu

1Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија – Мобилност Македонија, преку својата Комисија за Статутарно правни работи, го разгледа текстот на Нацрт - Закон за градење, воочи некои недостатоци и во интерес на подобрување на текстот во однос на овозможувае на пристапност (хоризонтална и вертикална) на лицата со инвалидност, самостојно и непречено движење, домување и работење, а се во духот на мерките од Конвенцијата на ООН за правата на лицата со инвалидност, благовремено и во неколку наврати достави забелешки, сугестии и коментари до Министерството за транспорт и врски.

Беа одржани неколку работни состаноци со претставници на министерството, советници на Премиерот, а последната од нив се одржа на 27.12.2019 година во просториите на Владата на Северна Македонија на која поред другите присуствуваше и изготвувачот на текстот, проф д-р Грчев.

Во нашиот допис укажавме дека генерално, потребно е законодавецот да ги детектира бариерите кои ја оневозможуваат пристапноста и самостојното движење, престој, работа и домување во градбите и непосредното опкружување со кои се соочуваат разните групи на граѓани и да пропише градење на објекти и урбана околина согласно универзален дизајн, според кој никој не би бил исклучен, односно на сите би им се овозможило непречен пристап, престој, работа и живеење во градбите со јавни и деловни намени, градби со намена домување во станбени згради како и градби со станбено-деловна намена  Градбите мора да бидат изградени на начин кој обезбедува непречен пристап, движење (хоризонтално и вертикално), престој и работа на лицата со инвалидност стари лица кои се движат со потешкотии, привремено попречени лица во мобилност, млади брачни парови со колички за бебиња и слично.

Универзалната градба и користењето на објектите мора да им овозможи во целост да учествуваат во сите аспекти од животот, да им обезбедат пристап на лицата со инвалидност врз основа на еднаквост со другите до изграденото опкружување во урбаните и руралните средини, идентификација и отстранување на пречките и бариерите кои го онемозвожуваат самостојното движење и пристапност на лицата со инвалидност до и во сите стамбени, јавни и деловни објекти, како и други внатрешни и надворешни капацитети. Законодавецот мора да пропише јасни одредби во Нацрт-Закон за градење во оваа насока.

Изградба и употреба на објекти достапни за сите луѓе, без оглед на нивната трајна или привремена попреченост (инвалидност), значи дизајнирање, изградба и употреба на објектите на начин што овозможува непречен пристап до објектите и нивна непречена употреба. Пристапите, ходниците, патеките за поврзување, пасажите, вратите и вертикалните приклучоци (скали, рампи, платформи, лифтови и други механички уреди за кревање) мора да бидат дизајнирани и изградени на начин кој им овозможува на лицата со инвалидност да ги користат самостојно, тие мора да содржат потребна сигнализација и опрема за непречено движење, комуникација и ориентација. Бројот на места за паркирање за лица со инвалидност во близина на главниот влез мора да биде најмалку 3% од бројот на паркирни места, а доколку дозволува просторот, треба да се обезбедат места и за паркирање на возил на корисници со детски колички.

Во случај на хотелски и слични угостителски објекти, како и други згради за гостопримство со краток престој, условите за пристапност мора да ги исполнат најмалку една сместувачка единица во објект со десет или повеќе сместувачки единици, и барем една сместувачка единица за дополнителни десет сместувачки единици во објектите.

Секако, начинот на обезбедување на непречен пристап, движење (хоризонтално и вертикално), престој и работа на лицата со инвалидност до и во градбите со јавни и деловни намени, градби со намена домување во станбени згради како и градби со станбено-деловна намена се пропишува со посебен Правилник.

На почетокот имавме една техничка забелешка кон текстот на Нацрт – Законот за градење, за појасен опфат на лицата со пречки во мобилноста, пред се на лицата со инвалидност. Во текстот се употребуваат повеќе различни поими: лица со намалена подвижност и инвалидност (чл.10 ст.3), лица со потешкотии во движењето (кои и не мора да се лица со инвалидност во чл.90 ст.3 точка 6). Заради поширок и подобар опфат на лица на кои им е потребен адекватен пристап заради овозможување на еднакви можности, треба да се оди со единствени термини и категории кои ќе вклучат поголем број на лица со потешкотии во мобилноста на кои пристапноста им е од суштинско значење и доколку не им се овозможи, нема да можат да ги користат деловно-стамбените објекти и изградената околина. Во таа насока предлагаме да се користи дефиницијата на поимот лица со инвалидност опишана во Конвенцијата на ООН за правата на лицата со инвалидност (официјален превод на Собранието на РСМ). Доколку предлагачот на законот смета дека оваа дефиниција треба да се прошири и со други термини, потребно е истите кумулативно да се употребуваат („лица со инвалидност  и лица со потешкотии во движењето“), како некој не би бил исклучен.

Како дел од основните барања на градбата во делот 8. Непречено движење и сигурност во употребата поточно член 10 ставови 3 и 4 даден е поширок пристап за пристапноста на објектите и движењето во нив на лицата со инвалидност, без јасни обврски на субјектите. Дополнително ослабена е обврската бидејќи се користи терминот „треба“ што остава простор за слободно толкување, наместо терминот „мора“ кој би создал задолжителна обврска.

Професорот Грчев детално го образложи текстот на Нацрт-Законот за градење при што повеќепати напоменуваше дека се усвоени голем дел од нашите забелешки и сугестии, а најважно од се е што овозможувањето на пристапноста во Законот е ставена како стандард кој мора да се почитува при градење на непосредната околина. Исто така засилени се и казнените мерки за инвеститорите но и кривична одговорност на одговорно лице за издавање на употребна дозвола и секаква друга документација за објект за кој не ги задоволува одредбите за пристапност.

           

Констатиравме дека работниот текст во глобала ги содржи нашите сугестии и барања, истиот ќе оди на седница на Влада на Република Сееверна Македонија каде може да се случи да биде изменет во некои делови, а потоа и на седница на Собрание каде секако може да биде изменет амандмански од страна на пратениците. Затоа Мобилност Македонија ќе ги следи натамошните фази на носење на законот и ќе интервенира во рамките на своите надлежности.