president1На средбата со претставниците на Националниот совет на инвалидските организации по повод Светскиот ден на лицата со попреченост претседателот Стево Пендароски најави дека нема да потпише указ на Законот за градба доколку во него не се вградат забелешките на лицата со попреченост, а една од нив е одредбата секоја нова градба да има пристап за инвалиди.

На средбата, претставниците на Националниот совет на претседателот Пендаровски му ги укажаа проблемите и предизвиците со коишто секојдневно се соочуваат. Пред сѐ, ја посочија непристапноста на објектите, недостапноста до образованието, невработеноста на лицата со попреченост, ниските надоместоци од државата, недостиг на соодветни помагала.

Во насока на подобрување на дел од состојбите, претседателот Пендаровски искажа ветување дека нема да го потпише Указот за прогласување на Законот за градба доколку во него не се имплементирани главните сугестии на лицата со попреченост, а коишто предвидуваат новите објекти да бидат пристапни за лица со попреченост.

Нашата држава и натаму заостанува во имплементацијата на Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со попреченост, иако е ратификувана пред речиси една деценија, оценил претседателот и нагласил дека се од особена важност членовите 5 и 9 од Конвенцијата кои се однесуваат на правата на пристапност и на еднаквост и недискриминација.

„Потребно е надлежните институции со директна поддршка и вклученост на претставниците од организациите на лицата со попреченост, поефективно да пристапат кон имплементација на споменатите членови. Исто така, неопходно е лицата со попреченост и нивните организации да бидат вклучени во мониторингот, во надзорот над имплементација на Конвенцијата, при што мора да се изнајдат соодветни модалитети за вашето учество во мониторингот за тој да не биде само формалност", соопштил на средбата претседателот.

president1

president2