Националниот сојуз на лицата со телесен инвалидитет на Македонија – Мобилност Македонија, како национална инвалидска организација на лицата со телесен инвалидитет во Република Северна Македонија, и кровна организација на здружени членки со преку 8.200 членови, поред активностите за подобрување на правата и положбата на овие лица, во својата програма за работа презема и соодветни активности за социјална инклузија на лицата со телесен инвалидитет преку развивање на нивните креативни, уметнички и интелектуални потенцијали.
Една од тие мерки е и одржување на манифестацијата Литературните средби на лицата со телесен инвалидитет на Македонија, која ја одржуваме долг низ на години и секоја година финишира со Литературни читања на најдобрите три творби, селектирани од стручната жири комисија, токму во предвечерието на одбележувањето на 3. Декември - Меѓународниот ден на лицата со инвалидност. Низ годините од нашето постоење и делување, се нанижаа 25 изданија на Литературните средби на лицата со телесен инвалидитет на Македонија.
Во овој Зборник на литературни творби наречен „Ајде да пишуваме“, ги објавуваме најуспешните три творби од секое издание на Литературните средби на лицата со телесен инвалидитет на Македонија, во период од 2010-2019 година, со што им се заблагодаруваме на авторите за нивната креативност, оддавајќи им должна почит. Ова е наш обид, преку публиковање на творбите, истите да го видат светлото на денот и да се најдат во рацете на вљубениците на убавиот пишан збор, воедно штитејќи ги од заборав.
Како сојуз, посакуваме Калиопа, заштитничката на епската поезија и ораторството, со својата восочна плочка, моливот и свиток од хартија и понатаму ги буди страстите, да ги инспирира и да им даде сила на нашите членови – поети, да истрајат во обидите да ги преточат своите емоции преку нивните поетски креации, кои понатаму несебично ќе ги понудат на уживање на широкиот поетски аудиториум.
Мобилност Македонија ќе продолжи да ги поддржува и развива креативните потенцијали на своите членови преку организирање и одржување на Литературни средби, Литературните читања, а ќе се погрижи периодично, најуспешните од нив, да ги објави во соодветен Зборник.
Линк за преземање на Зборникот::