25 март од многу држави е прогласен за Ден за подигање на свеста за церебрална парализа. Мотото е: Насликајте го светот со зелена боја, едуцирајте се и застапувајте се!
Церебрална парализа (ЦП) претставува непожелен глобален феномен, а овој ден нè потсетува на над 17 милиони луѓе во светот кои се погодени од ова состојба. Церебралната парализа е една од најчестите физички попречености што ги погодува најранливите меѓу нас - децата. Дополнително, ЦП останува присутна низ текот на целиот животен век на детето без ефикасен лек за целосен опоравок, но со можност со примена на одредени медицински третмани, физикални вежби, ортопедски помагала и оперативни зафати, истата значително да се подобри.
Церебралната парализа е најчеста попреченост во детството, но сепак во целиот свет малку се знае што е тоа ЦП и како е предизвикана. Важно е да се знае дека церебралната парализа не е болест, туку се смета за нарушување, различно од една до друга личност, кое може да се манифестира со слабост на едната или двете раце, епилепсија, интелектуална попреченост или тотална неспособност да се контролира движењето, како што е на пример одењето.
Подигањето на свеста за церебралната парализа се решава на различни начини низ целиот свет. Така, во САД, март е прогласен за месец на церебрална парализа, додека во некои земји се слават неделите на церебрална парализа - обично првата недела од октомври. Со признавање на ден - недела - месец на церебрална парализа, добиваме можност да го привлечеме потребното внимание и да кажеме што е потребно и важно.
Тоа се нашите пет минути годишно кога треба да ја пренесеме пораката до пошироката јавност. Тоа се пет минути во кои можеме да се бориме за подобро утре за нас и за нашите деца.
Тоа се пет минути во кои некој ќе нè слуша кога зборуваме за нашите проблеми и за нашите можности.
Оние пет минути во кои навистина можеме да го смениме светот.