На 26.03.2021 година, претседателот и генералниот секретар на Мобилност Македонија одржаа работна средба со министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска. Ова беше прва работна средна на која по запознавањето со активностите кои ги презема Мобилност Македонија за подобрување на правата и положбата на лицата со телесен инвалидитет во Република Северна Македонија, дискутиравме и за конкретни чекори на натамошна соработка.
Поднесовме иницијатива за регулирање на правото на рефундирање на средства за набавка на патничко моторно возило бидејќи, Комисијата за рефундирање на средства за набавка на патнички автомобил формирана во рамки на Министерството за труд и социјална политика не одобрува рефундирање на средства за автомобил со автоматски менувач, доколку неговата цена е поголема од 10.000 евра во денарска противвредност, односно со купопродажна вредност до 20.000 евра во денарска противвредност. Пречка за нив претставува дел од документацијата која се приложува кон барањето, а подносителите на барањето не можат да ја обезбедат, а тоа е: Доказ од овластена компанија за вградена специјализирана опрема ( за возила со купопродажна вредност над 10.000 евра во денарска противвредност, но не повеќе од 20.000 евра во денарска противвредност). Таков документ не може да се набави за возило со автоматски менувач, па ние предложивме измена на член 256, став 2 од Законот за социјална заштита со кој ќе се зголеми износот на возилото за кое се рефундираат средства од 10.000 евра на 15.000 евра, а во самиот член да се избришат зборовите „автоматски и полуавтоматски менувач„ односно истиот да гласи:
„Барањето од ставот 1 на овој член може да се поднесе еднаш во период од пет години за набавка на патнички автомобил со купопродажна вредност до 15.000 евра во денарска противвредност, односно со купопродажна вредност до 20.000 евра во денарска противвредност, доколку во возилото е вградена дополнителна опрема која овозможува лицето самостојно да го управува возилото како што се рачни команди кои ги заменуваат ножните команди, хидраулична дигалка за инвалидска количка или пристапна рампа за влез во возилото за што се доставува и доказ од овластена компанија која ја вградила таквата специјализирана опрема.“
Исто така истакнавме дека во во Мобилност Македонија и 16-те здружени организации пристигаат поплаки од повеќе членови на кои им се укинува правото на надоместок за попреченост откако, по издадено времено решение за одобрено право од страна на надлежната комисија, на контролниот преглед после шест месеци, една или 2 години (во зависност од мислењето на комисијата), им се одбива право на користење на надоместок за попреченост само заради наполнети 65 години во меѓувреме!
Со донесување на вакви решенија од страна на комисијата, лицата со телесна инвалидност со право се сомневаат дека комисијата намерно им издава времени решенија, особено на оние лица кои се на гранична возраст, за да има причина истите да ги одбие од користење на право при одење на следниот контролен преглед.
Затоа предложивме Министерството за труд и социјална работа да пропише во соодветен Правилник, Уредба или Одлука за работата на комисиите за утврдување на право на надоместок за попреченост, со која оствареното право на надоместок за попреченост на лице со инвалидност кое ги исполнува пропишаните критериуми пред навршена 65 годишна возраст, а со времено решение, по извршениот контролен преглед да му се продолжи користењето на правото без оглед на возрасната граница (колку години има во моментот на одење на контролниот преглед), доколку здравствената состојба не му се променила или се променила на полошо. За решавање на ова прашање ќе биде потребно да организираме средба и со министерот за здравство, Венко Филипче, бидејќи ова министерство ја формира Комисијата.
Покренавме и други иницијативи и Програми, а претстои нова средба откако ќе се дефинира текстот на новиот Закон за вработување на лица со инвалидност.