НАЦИОНАЛЕН СОЈУЗ НА ЛИЦА СО ТЕЛЕСЕН ИНВАЛИДИТЕТ НА МАКЕДОНИЈА     

Mobile menu

КОВИД – 19 предизвика и се уште предизвикува незамисливи последици врз здравјето на луѓето и економиите во општествата. Целиот свет се мобилизира во борбата за скротување на пандемијата. Многу емисии беа посветени на оваа модерна чума на денешницата, многу еминентни личности, лекари, научници, фармацевти и експерти говореа на оваа тема, но се чини дека анализата на ризиците со кои се соочуваат лицата со инвалидност во услови на КОВИД-19 и овојпат беше некако запоставена, иако според СЗО 10-15% од светското население или околу една милијарда жители во светот, се соочуваат со некаков вид на инвалидитет. Малку се говореше за нивните ризици по здравјето, за одлуката дали да се вакцинацинираат и дали кај нив вакцинирањето може да предизвика зголемени негативни појави отколку кај останатата популација.

Се чини дека она што засега недостасува е информацијата за ретки, евентуално многу тешки несакани ефекти, бидејќи тие се видливи само откако ќе се вакцинираат голем број луѓе и по долг период на набудување. Во таков случај можеби е оправдано што се соочувааме со дилемата: дали треба да се вакцинираме или ризикот од новите вакцини е преголем? Зарем можеби не е подобро да се смета на можноста од инфекција, отколку да се изложуваме на ризиците од новите вакцини?

Мобилност Македонија, како Национален сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија, кровна организација која обединува преку 8.000 лица со најразличен вид на телесен инвалидитет, денес на оваа тема разговараше со Проф. д-р Нико Беќаровски од Универзитетската клиника за токсикологија, специјалист интернист, доктор на медицински науки.