Одржани 18-ти Литературни средби во организација на Мобилност Македонија
И годинава, 18-те Литературни средби на лицата со телесен инвалидитет на Македонија се одржаа во рамките на одбележувањето на „4 Декември“ – Ден на лицата со телесен инвалидитет. Домаќин на литературните средби беше Мобилност Кичево, а некаде во средината на Програмата на одбележување на овој значаен ден за лицата со телесен инвалидитет, започна презентацијата на најуспешните творби од нивните автори.
На конкурсот пристигнаа 11 творби од 8 автори и тоа: 5 од Скопје, 2 од Прилеп, и по една од Охрид, Кочани и Гевгелија. И оваа година, селекцијата на творбите ја изврши нашиот повеќегодишен селектор, г-ѓа Весна Ацевска. Таа ги доби творбите за селекција под шифра, воопшто не знаеше за кој автор се работи и за својата селекција и забелешките за квалитет на творбите истакна:
„Разгледувајќи ги пристигнатите 11 песни на конкурсот на Мобилност Македонија, видливо е дека неколку автори/авторки читале и читаат поетски дела и од народната литература и од современата светска и македонска поезија. Читањето овозможува при пишувањето авторот да ја издигне песната од обичен запис на длабоко чувство или размисла и да се пренесе тоа преку фигуративен говор, односно преку говор во кој сликите, ритамот и звукот ги сугерираат емоциите и идеите, а атмосферата помага тие да се примат.
Во таа смисла, изненадува со фигуративноста песната „Мојот лик во кал“, со шифра „Зад аголот“, која го обработува мотивот на творештвото како можност за лет во височините, за придвижување од калта во која е потонат животот на многу луѓе, не само на инвалидизираните. Оваа песна е изведена целосно, со воедначен ритам и во заокружени строфи.
До неа се доближува песната „Поради тоа“, со шифра „Пикачу“, која се одликува со изградена структура и ритмика, во која фигуративниот говор е помалку буен, но не и помалку убедлив и вешто е развлечен на платното на целата песна, при што таа завршува со убав обрт со кој она што е мачно и лошо во животот, иако е издигнато во споменик, всушност станува приклештено и засекогаш смраморено и затворено.
Песната „Љубена моја мила, љубен мил мој“, со шифра „373-595“, потсетува на познатата „Песна над песните“ од Библијата, од која црпеле инспирација мнозина автори. Во неа спокојно се опева љубовта меѓу мажот и жената и тоа е изведено со мера и со химничен тон.
За разлика од неа, песната „Болка“, со шифра „Балче“, е инспирирана од народната поезија, и тоа преку нејзината обработка од нашиот голем поет Коста Рацин. Таа е испеана со елегичен тон, но истовремено остава простор и за лековитост на големата душевна болка.
Како петта ја издвојувам песната „Во секој мој сон“, со шифра „Питон“, која се одликува со необична ситуација и неочекувано решение на крајот.
Следуваат „Забранета љубов“, со шифра „Бисер1“, која обработува мотив што досега не бил присутен на конкурсите; „Камено срце“, со шифра „Ох-69“, на тема невозвратена љубов; „Благодарност“, со шифра „Бисер2“, која ја воспева поддршката, толку потребна во животот; „Мост“, со шифра „Чудна ноќ“, во која е опеано чувството на крајна безнадежност; „Царство“, со шифра „Цар“, во која е интересно што се дава предност на тоа де се биде поетеса пред царица; „Дочекав“, со шифра „Дупликат“, која и дава предност на трпеливоста во животот.
Се чини дека авторите/авторките успеваат да навлезат во „тајните на занаетот“ што е вистинскиот клуч за влегување во уметноста на пишаниот збор.“ – истакна Ацевска.
Додека авторите ги изведуваа своите дела, на видео бимот присутните можеа да се запознаат со кусите биографии на учесниците, нивниот мотив и инспирација да започнат да пишуваат поезија, како и за делата кои во минатото ги објавиле и наградите кои ги добиле.
Стручната комисија од Кочани навистина имаше тешка работа, и на крајот едногласно ги прогласија најуспешните литерати од редот на лицата со телесен инвалидитет од Македонија за 2012 година и тоа:
Првото место и го доделија на Ана Додева од Кочани за литературната творба “Забранета љубов”,
Второто место и припадна на Соња Георгиевска од Скопје за литературната творба “Мојот лик во кал” и
Третото место и припадна на Славица Стојановска од Скопје за литературна творба со наслов “Поради тоа”.
Уредувачкиот одбор на „Феникс 86“ им честита на добитниците на наградите и ги охрабрува и повикува сите лица со телесен инвалидитет во Македонија кио имаат дарба за пишување и на кои убавиот пишан збор им е хоби или дури и професија да ги испратат своите творби на конкурсот кој ќе биде објавен за 2013 година.