Одржана тркалезна маса на тема „Политики и практики за вработување на лица со попреченост“
Во организација на УНДП и Министерството за труд и социјална политика, на 06.12.2012 година во „Холидеј Ин“ се одржа тркалезна маса на тема „Политики и практики за вработување на лица со попреченост“, на која учествуваа претставници од Националното координативно тело за еднакви права на лицата со инвалидност во Македонија, претставници на министерства, институции, здруженија на граѓани и други заинтересирани организации. Мобилност Македонија на оваа тркалезна маса го претставуваа: претседателот Бранимир Јовановски, генералниот секретар Софка Прчева, Оливера Наковска-Бикова од Битола и Рубин Ристески од Прилеп.
Пред да започне работниот дел на тркалезната маса, присутните ги поздравија: г-дин Алесандро Фракасети, заменик постојан претставник на УНДП во Македонија, г-дин Ибрахим Ибрахими, заменик министер за труд и социјална политика и Бранимир Јовановски, претседател на Националното координативно тело за еднакви права на лицата со инвалидност во Македонија. Модератори на тркалезната маса беа г-ца Милица Трпковска, вработена во УНДП и г-ѓа Силва Пешиќ, советник за човекови права на постојаниот координатор на ОН во Македонија.
Во работниот дел, презентација за националните политики и мерки за вработување на лицата со инвалидност во Република Македонија имаше Слободанка Лазова-Здравковска, раководител на одделение за заштита и згрижување на лица со пречки во развојот при Министерството за труд и социјална политика. Таа во своето излагање ги образложи мерките и активностите кои државата ги донела преку Законот за вработување на инвалидни лица и подзаконските акти кои произлегуваат од него, а се однесуваат за вработување на лицата со инвалидност на пазарот на трудот.
Во натамошниот тек од тркалезната маса гостинката од Бугарија, Капка Панајотова, меѓународен експерт од областа на вработувањето на лицата со инвалидност, ја образложи состојбата со вработување на лицата со инвалидност во ЕУ, особено задржувајќи се на добрите политики и практики за вработување на инвалидните лица во Обединетото Кралство, Германија и Бугарија. Таа истакна дека инвалидните лица се најчесто два до три пати повеќе невработени отколку лицата што немаат инвалидитет. Тие исто така се невработени подолго време од другите и се соочуваат со поголем ризик да го изгубат своето работно место во споредба со другите. Околу 78% од лицата со инвалидните лица се целосно исклучени од работната сила. Најголем број од нив зависат од социјална помош за да можат да преживеат, па како резултата нивниот приход е значително помал во споредба со лицата без инвалидитет“. Ова е наведено во декларацијата на Европскиот форум за инвалидитет (EDF) за правата за вработување на инвалидните лица. Ова е случај и покрај обемната законска регулатива на меѓународно ниво, којашто не дозволува дискриминација врз основа на инвалидитет доколку една земја се смета за демократска.
Како меѓународен инструмент за правата на лицата со инвалидност ја посочи Конвенцијата на ОН за правата на лицата со инвалидност посебно задржувајќи се на: разликата помеѓу медицинскиот и социјалниот модел на инвалидитет – пристап, дефиниција и методолошки импликации, на човековите права и поддршка за инвалидните лица во споредба со грижа за инвалидните лица, како и на одговорности на земјите потписнички на Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност.
Во натамошниот тек на дискусијата. Капка Панајотова се задржа на толкување на Европска директива за еднаков третман во вработувањето и занимањето, и даде општ вовед во политиката на вработувањето на лицата со инвалидност во ЕУ. Таа истакна дека и покрај обемната легислатива за вработување на инвалидните лица, тие се уште се обесправени на пазарот на трудот во Европа. Заедничкиот извештај за вработување од 2003 наведува дека мерките што се преземени во минатото не успеале да го намалат јазот помеѓу инвалидните лица и другите луѓе. Првите податоци што беа објавени за состојбата со инвалидните лица на пазарот на трудот (Истражување на европската работна сила до 2002 ad hoc модул) покажуваат многу ниска стапка на учество во вработувањето: 78% од лицата со „тежок инвалидитет“ на работна возраст се наоѓаат надвор од пазарот на трудот во споредба со 72% од лицата без инвалидитет. Исто така, стапката на невработеност е двојно повисока за инвалидните лица кои бараат вработување. Интересно е тоа што истражувањето покажува дека меѓу вработените инвалидни лица, само 16% добиваат некаква помош на работа. Инвалидните лица се прилично исклучени од пазарот на трудот бидејќи почесто на нив се гледа како на цел за социо-политички мерки отколку на потенцијален капитал на пазарот на трудот. Зголеменото учество на инвалидните лица на пазарот на трудот бара натамошни иницијативи за промена на ставовите. Со цел да се осмислат што поефикасни политики, потребно е оние што ги донесуваат одлуките да имаат поголемо познавање на проблемите. Ова може да се постигне со блиско партнерство со организациите на инвалидните лица. Инвалидните лица не претставуваат некоја хомогена социјална група, а политичките мерки често се насочени кон инвалидните лица во целина. Постои потреба повеќе да се земат предвид специфичностите на различните групи. Иако се важни мерките и активностите што се осмислени посебно за инвалидните лица, исто така е важно сите општи мерки кои имаат за цел зголемување на вработеноста да ги земат предвид и потребите на инвалидните лица.
Академската мрежа на експерти за инвалидитет која обезбедува истражувања и анализа за Европската комисија за политички прашања, определи неколку индикатори за значењето на националните политики за вработување на инвалидните лица со меѓународните инструменти за човекови права. Еден од клучните показатели за усогласување со меѓународните закони за инвалидитет денес претставува недискриминацијата во вработувањето. Друг показател за релевантноста на националните политики за вработување на инвалидните лица е поврзан со јавните сервиси за вработување, потоа адаптации на работните места кои исто така се сметаат за показател на еднаквиот третман на лицата со инвалидност во вработувањето. Финансиските субвенции покажуваат дека пристапот што го имаат националните влади има за цел зголемување на стапката на вработеност кај инвалидните лица. Важно е да се знае каде и како се распределуваат средствата со цел да се обезбеди тие да се во поддршка на инвалидните лица на работни места, а да не се нарушат принципите за фер конкуренција на пазарот.
Капка Панајотова и Африм Илјази, локален консултант, ја анализираа состојбата со вработување на лицата со инвалидност во РМ, од нивен аспект го коментираа Законот за вработување на лицата со инвалидност во РМ, како и мерките од Националната стратегија за еднакви права на лицата со инвалидност во РМ 2010-2018, поткрепувајќи ги анализите со статистички податоци за вработување и невработени лица со инвалидност во РМ. Во рамките на нивното излагање беше потенцирана и меѓународната поддршка за вработување на лицата со инвалидност во Македонија. Меѓународните актери во Македонија како што се Обединетите Нации, Европската унија и големите меѓународни невладини организации ја дефинираат целта на нивните активности за постигнување на овие меѓународни стандарди со унапредување на можностите за вработување, залагање и изградба на капацитети на релевантните заинтересирани страни преку промовирање на мултисекторска и интер-институционална соработката. Тие исто така играат и идеолошка улога во воведувањето на модерни глобални вредности. Некои од проектите што подржуваат вработување на инвалидни лица финансирани од ЕУ се следните:
-„Засилување на социјалната инклузија и инклузивен пазар на трудот“ претставува проект којшто има за цел да ги надгради постојните институционални капацитети со цел да се подобри осмислувањето и спроведувањето на политиките за социјална инклузија. Ова треба да се направи со зајакнување на капацитетите и вештините на релевантните заинтересирани страни преку промоција на мултисекторска и интер-институционална соработката. Основната цел на проектот е да се подобри ефикасноста и квалитетот на социјалните услуги за обезбедување пристап и олеснување на интеграцијата на ранливите групи на пазарот на трудот. Проектот посебно ја подржува интеграцијата на инвалидни лица на пазарот на трудот. Ќе придонесе за зголемена вработеност на целната група членови и ќе го олесни нивото опстанување на пазарот на трудот со задоволување на посебните потреби и потенцијали на ранливите групи.
Проектот е организиран во три меѓусебно поврзани компоненти кои придонесуваат една на друга.
Компонента 1: Подобрување на професионалното знаење и вештини на лицата што се одговорни за социјална инклузија на обесправени групи на пазарот на трудот;
Компонента 2: Интеграција на инвалидни лица на пазарот на трудот;
Компонента 3: Подготовка за создавање на заедничка база на податоци;
Опфатот на проектот е во целата земја и тој ќе работи со професионалци и стручни лица поврзани со заинтересираните страни на полето на социјална грижа, социјална инклузија и вработување. Тоа се Министерството за труд и социјална политика, како и Агенцијата за вработување и центрите за вработување, Центарот за социјална политика и центрите за дневна нега, двете институции за социјални прашања и социјална политика, единиците на локална самоуправа и нивната асоцијација (ЗЕЛС), невладини организации и организации на инвалидни лица, работодавачи, јавни и приватни, претпријатија и заштитни друштва.
-Проектот „Соработка за еднакви можности за лицата со интелектуална попреченост“ се финансира со фондот ИПА на ЕУ за прекугранична соработката и трае една година (19.05.2011 – 19.05.2012) во соработката со бугарската невладина организација „Шанса“, Асоцијација на лица со интелектуална попреченост во Разлог и македонското здружение за лица со интелектуална попреченост „Порака наша“ од Куманово. Основната цел на проектот е да ја олесни интеграцијата на лицата со интелектуална попреченост на пазарот на трудот во Бугарија и Македонија со засилена соработка на вклучените институции и организации.
-Со поддршка на УСАУД, локалната организација „Моја кариера“ во партнерство со „Хендикеп“ од Тетово и „Порака наша“ од Куманово имплементира проект кој има за цел зголемување на учеството на инвалидни лица во општеството и нивно вработување и економски можности со подобрување на нивните вештините за вработување преку приправнички активности и обуки и нивно учество во кампањи за јавна свест. Проектот има три основни компоненти:
Првата компонента има за цел да обезбеди можности за стажирање и вработување за инвалидни лица во одбрани компании и локални јавни институции. Инвалидните лица ќе добијат обука за успешно да го завршат стажирањето. Менторите во компаниите и институциите што ќе примаат стажанти ќе бидат обучен да го препознаваат, оценуваат и правилно да го користат придонесот на инвалидните лица во своите организации. Професионални курсеви (на пример за маркетинг, финансии, сметководство и менаџмент), како и советувања за бизнис и советодавни услуги ќе се обезбедуваат за инвалидни лица кои ќе започнат сопствен бизнис.
Втората компонента има за цел да ги направи видливи проблемите со на инвалидните лица во приватниот сектор и заедницата. Со оваа компонента се планира да се подготват и поделат видео спотови и друг промотивен материјал во кој ќе се претстават најдобрите практики и успешно вклучување на инвалидни лица во процесот на стажирање.
Третата компонента на овој проект има за цел да направи проектен советодавен одбор составен од инвалидни лица. Овој одбор ќе се формира со претставници од организациите на инвалидни лица со цел да се обезбеди нивно учество во спроведување на проектните активности. Советодавниот одбор ќе спроведува активности за лобирање со цел да ги направи креаторите на политиките и другите актери свесни за потребата од продуктивно вклучување на инвалидни лица во општеството.
Беше потенцирана улогата на граѓанското општеството во вработување на инвалидни лица. Организациите на инвалидни лица претставуваат значајна заинтересирана страна во граѓанското општество за лобирање за правата на инвалидни лица и за обезбедување на соодветни услуги. Нивната улога е да ги лоцираат потребите и приоритетите, да учествуваат во планирање, имплементација и оценка на услугите и мерките што се однесуваат на животот на инвалидните лица и да придонесуваат за подигање на јавната свест и залагање за промени.
Имаше повеќе дискусии во однос на мерките и помените кои се потребни за подобрување на вработувањето на лицата со инвалидност во Македонија. Претседателот на Мобилност Македонија особено го истакна истражувањето „Положбата на лицата со телесен инвалидитет на пазарот на трудот“ кое Мобилност Македонија го спроведе во 2009 година со финансиска поддршка од УНИФЕМ за која цел беа анкетирани 508 лица со телесен инвалидитет од кои 209 жени и 299 мажи од целата територија на Македонија и 100 работодавачи од 3 фокус градови:Тетово, Кавадарци и Штип. Од извршената анализа на состојбата подоцна е испечатена брошура. Целта на истражувањето беше да се дојде до релевантни податоци за можностите и пречките за вработување на лицата со телесен инвалидитет, нивните потреби од таа област, но и потребите на работодавачите. Истражувањето поред статистички податоци и разни укажувања, покажа дека вработувањето и работењето на лицата со телесен инвалидитет е најдобар начин за нивна целосна социјална интеграција, а за работодавачите можност да добијат еднакво продуктивен работник.
Тркалезната маса заврши со констатација дека е очигледна потребата од одредени промени во легислативата од областа на вработувањето на лицата со инвалидност, меѓутоа на промената треба да и се пристапи внимателно со цел да не се изгуби заинтересираноста на работодавачите за вработување на лицата со инвалидност, бидејжи согласно статистичките податоци на Агенцијата за вработување постојат околу 393 регистрирани заштитни друштва кои вработуваат 3442 инвалидни лица. На оваа бројка вработени лица треба да им се додаде и бројката на лицата со инвалидност кои не се вработени во заштитните друштва, и која не е така мала, туку се вработени на отворениот пазар на трудот, а ги користат бенефитите од Законот за вработување на лицата со инвалидност.