НАЦИОНАЛЕН СОЈУЗ НА ЛИЦА СО ТЕЛЕСЕН ИНВАЛИДИТЕТ НА МАКЕДОНИЈА     

Mobile menu

001Министерството за труд и социјална политика  со конкретни акции ја подржува активноста на Мобилност Македонија за подобрување на положбата на лицата со телесен инвалидитет во РМ. Кон крајот на минатата година ни додели дополнителни средства за спроведување на проект за инклузивни детски игралишта, кои веќе се во фаза на реализација, а во конгресната сала на арената „Борис Трајковски“ организираше средба со најуспешните бизнис компании на која беше промовирана идејата за зголемено вработување на лицата со телесен инвалидитет во отвореното стопанство и во јавната администрација, како и формирање на фонд за набавка на ортопедски и други помагала. Беше упатен и повик до фирмите за донација на инвалидски колички на електромоторен погон за лица кои заради тешки оштетувања на горните екстремитети со сопствена сила на рацете не можат да придвижуваат собна инвалидска количка.

Токму таквата соработка со Министерството за труд и социјална политика придонесе да се случи и првата донација од страна на  „НЛБ Нов пензиски фонд“ кои донираа 2 (две) инвалидски колички на електромоторен погон. Мобилност Македонија ги повика своите здруженија да предложат потенцијални кандидати за добивање на количките и по извршената селекција и рангирање, почитувајќи ги критериумите, членовите на Управниот одбор на Мобилност Македонија одлучија количките да им се доделат на Џемаил Демиров од Штип на возраст од 40 години, поранешен активен спортист на кој му се ампутирани двете потколеници и двете подлактици и на Тања Паркачева од Скопје на возраст од 39 години, заболена од мултиплекс склероза, поранешен аматерски фотограф која заради слабоста на рацете повеќе не може да го држи фотоапаратот и заради тежината на инвалидноста мораше да се откаже од таа своја пасија.

Количките им беа предадени во присуство на претставник на донаторот во ДХО „Даре Џамбаз“ на 21.01.2014 година. Неизмерна беше нивната радост и благодарност кон овој хуман гест, а ние ќе ја продолжиме активноста и ќе се обидеме да излобираме уште донации со кои ќе ги задоволиме потребите и на другите наши членови кои имаат неопходна потреба од инвалидски колички на електромоторен погон, а за жал тоа право сега за сега не можат да го остварат преку ФЗОМ.