Јавна дебата по текстот на Предлог Законот за вработување на лица со инвалидност
На 13.11.2014 година во Клубот на пратеници во Скопје се одржа првата јавна дебата по текстот на Предлог-Законот за вработување на лица со инвалидност. На дебатата учествуваа претставници од Националните инвалидски организации, професори од Институтот за дефектологија, како и претставници од други невладини организации.
Кон крајот на 2013 година Министерството за труд и социјална политика најави, а од почетокот на 2014 година и започна со активностите за носење на нов Закон за вработување и професионалната рехабилитација на лица со инвалидност. Во работната група при министерството беше вклучен и Бранимир Јовановски, претседател на Мобилност Македонија. Таа работна група одржа еден состанок на почетокот на годината и една тркалезна маса со присуство на меѓународни експерти во првата половина на годинава во просториите на министерството, а Националното координативно тело за еднакви права на лицата со инвалидност во РМ одржа меѓународна конференција во Клубот на пратениците во Скопје, со присуство на меѓународни експерти од повеќе држави од регионот на 22.05.2014 година на тема „Законски рамки и практики за вработување на лица со инвалидност“.
Како што изјави министерот Диме Спасов, во летниот период тој со своите соработници од министерството биле во работна посета во Хрватска, Словенија, Србија, Австрија, Турција и Бугарија, и согласно собраните искуства подготвен е текстот на новиот Закон за вработување на лица со инвалидност, кој во втората половина на месец септември го добија на разгледување Националните инвалидски организации и други субјекти. Мобилност Македонија, како национален сојуз, го разгледа текстот на законот и даде свои примедби и сугестии во повеќе членови од Законот од кои три беа прифатени и имплементирани во новиот текст кој беше ставен на јавна дебата.
Јавната дебата ја раководеше министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, во соработка со своите соработници од министерството, а на расправата присуствуваа професори од Правен факултет, од Институтот за дефектологија при УКиМ, претставници на националните инвалидски организации и претставници на други здруженија.
По претставувањето на Законот од страна на министерот Диме Спасов, и по првичното излагање од страна на професорот по социјално право од Правниот факултет, Проф. д-р Лазар Јовевски, кој ги пофали законските решенија компарирајќи ги со меѓународната легислатива и важечките резолуции и конвенции, по кое следеше кусото излагање на претседателот на Националниот сојуз на глувите, Васко Марков, кој исто така го пофали текстот на законот, збор зеде и детално дискутираше по одредбите на Законот за кои сметаме дека треба да се корегираат и додефинираат, претседателот на Мобилност Македонија, Бранимир Јовановски:
„Најнапред сакам да истакнам дека ако се било добро во однос на вработувањето на лицата со инвалидност во Република Македонија во минатото, доколку јавната свест била подигната на високо ниво, немаше во 2000 година да се ангажираме да се донесе Закон за вработување на лица со инвалидност кој, со сите свои добри страни и мани, и со многуте измени и дополненија кои ги имаше во изминатиот период, е на сила и денес и согласно неговите одредби околу 3.000 лица со инвалидност добија вработување. Мобилност Македонија подржува дел од новините во текстот на новиот Закон, особено воведување на квотниот систем за вработување на лица со инвалидност и професионалната рехабилитација и работно оспособување на лицата со инвалидност, меѓутоа треба да се направи внимателна и реална, издржана анализа, дали новината квотен систем, со која фирмите од најмалку 35 вработени ќе имаат обврска да вработат едно лице со инвалидност, а поголемите фирми од 2%-6% од вработените, ќе можат евентуално да ги примат на работа лицата со инвалидност на кои ќе им престне работниот однос со евентуалното згаснување на заштитните трговски друштва. Да не добиеме „пирова победа“ од која лицата со инвалидност ќе имаат повеќе штета одколку корист. Ова пред се од причина што фирмите над 35 вработени, согласно одредбите од Законот може да се одлучат наместо да примат на работа лице со инвалидност, да уплатат во Посебниот фонд средства во месечен износ од една бруто минимална плата (околу 13.000,00 денари). На ова бевме предупредени и на меѓународната конференција во организација на Националното координативно тело, на која на пример експертите од Австрија, истакнаа дека во нивната држава 35% од фирмите вработиле лица со инвалидност, а 65% од оние кои имаат обврска за вработување сепак се одлучиле да платат пенали и да уплатуваат средства во Посебниот фонд. Нам, во борбата за заштита на правата и подобрувањето на положбата на лицата со инвалидност во РМ, не ни е потребен Посебен фонд полн со пари, туку вработување и економска сигурност на лицата со инвалидност.
Конкретно по членовите на Законот предложив:
-во членот 6 точка 6 да се додаде дека лицето со инвалидност е дожно да прифати вработување, поред согласно со професионалните способности, и согласно преостанатата работна способност. На пример, може да е професионално оспособено за одредена дејност, ама заради инвалидитетот да е спречено да работи работни задачи кои се поврзани со стоење и одење. (Оваа забелешка беше прифатена од министерот).
-во член 7, каде е опишан квотниот систем, во точка 2 да се впише дефиницијата од член 15 став 1, (најмалку од половината на вработените се лица со утврдена инвалидност во смисла на членот 2 став 1 од овој Закон). Токму во член 2 став 1 се опишани телесните инвалиди, слепите, глувите и интелектуално попречените, а во ставот 2 од член 2 се опишани трудовите инвалиди. Имено, да не ни се случи „замка“ фирмите, од редот на своите веќе вработени лица, да ги упатат на инвалидска комисија за да им издадат решенија за намалена работна способност, па со тоа истите да ги трансформираат внатрешно, да ја задоволат обврската од квотниот систем, а воопшто и да нема нови вработувања. Вака се случи со квотниот систем во осумдесетите години на минатиот век кога всушност немаше нови вработувања при пополнување на квотниот систем тогаш, туку само прераспределување на веќе вработените заболени на органски системи работници од еден во друг погон. (Оваа забелешка беше прифатена од министерот).
-во член 7 во точка 3 стои дека максимален број на лица со инвалидност по квотниот систем кои големите фирми ќе имаат обврска да ги вработат се лимитира на максимални 20. Реагирав дека ова бројка не треба да се лимитира, туку да е производ на математичка операција во однос на утврдениот процент. (За оваа забелешка министерот не се изјасни).
-во член 7 точка 4 се наведени активности кои ако ги презеде работодавачот ќе се смета дека го исполнил квотниот долг, меѓу кои и доколку има договор со лице со инвалидност чие што редовно образование го стипендира работодавачот. Истакнав дека ова може да биде „дупка во законот“ и негативно да се манифестира во однос на вработувањето на лицата со инвалиднст, односно работодавачот да најде лице со инвалидност кое ќе го стипендира со 2-3.000 денари месечно и ќе ја избегне обврската од уплата на 13.000 денари за невработено лице со инвалидност. Висината на стипендијата мора да се изедначи со платениот надоместок за да има смисол оваа точка од членот. (Оваа забелешка беше прифатена од министерот и стипендирањето ќе биде врзано со стипендирање на средства во висина од 1 бруто минимална месечна плата во РМ)
-во член 9 точка 2 претходно беше утврдено работодавачот за секое невработено лице со инвалидност кое не го вработил а има обврска за тоа, да уплати 70% од минимална месечна бруто плата. Мобилност Македонија предложи тоа да биде најмалку 1 плата што беше прифатено и веќе е дел од текстот на законот (пеналот значи е поголем од 13.000 денари, па работодавачот ќе се размисли дали ќе прими лице кое ќе му работи и ќе сработи нешто, или ќе ги „фрли“ парите во Посебниот фонд)
-во член 9 точка 3 со претходната реакција на Мобилност Македонија барав исплатата на паричниот надоместок за невработено лице со инвалидност за кое работодавачот има обврска да го вработи согласно квотниот систем да се уплатува во Посебниот фонд истовремено со исплата на месечна плата на вработените за тековниот месец. Оваа наша забелешка е прифатена и веќе е дел на текстот на Законот.
-во член 10 да се предвиди одредбите за бенефициите од вработување на лицата со инвалидност да важат и за лекари, адвокати, нотари...односно за занимања кои не се регистрирани според Законот за трговски друштва. Добивме одговор дека овие занимања се опфатени во алинеја 4 од овој член каде стои: -вршење на професионална дејност.
-во член 15 точка 1 реагирав да се намали бројот на вработените во заштитните трговски друштва од минимално 10 на минимално 5 од кои 40% да бидат лица со инвалидност, или само да се задоволи условот од 40% да се лица со инвалидност, без ограничување на минималниот број на вработени. (За оваа забелешка министерот не се изјасни).
-во член 16 точка 4 инсистирав да се најде сигурен механизам на редовно враќање на придонесите на работодавачите за исплатена плата, бидејќи сега доцнат и по 7 месеци. Министерот истакна дека се работи на подобрување на системот, меѓутоа сега со оглед на тоа дека се плаќаат и придонесите на здравите вработени во заштитните трговски друштва, се јавува голем недостаток на средства во Буџетот за ова намена, а од друга страна, според зборовите на министерот, заштитните трговски друштва работат профитабилно и можат и треба самите да си го плаќаат овој дел од обврските.
-во член 18 точка 7 стои дека неискористените средства од Посебниот фонд може да се ористат за вработување на лица во социјален ризик по претходна одлука на Владата на РМ. Ова решение е неприфатливо за нас, сметаме дека овие средства треба да се користат исклучиво за намената за која се акумулираат, а тоа е вработување, обезбедување на услови за вработување и разни форми на поддршка и професионална рехабилитација за вработување и тоа исклучиво на лицата со инвалидност.
-во член 19 каде се опишуваат средствата кои од посебниот фонд ќе се доделуваат за вработување и за адаптација на работното место за лицата со инвалидност износите да бидат изразени во евра, а не во денари, бидејќи една девалвација (доколку се изразени во денари) може да го сруши системот, а од друга страна казнените одредби во Законот се изразени во евра. Оваа сугестија начелно беше прифатено од страна на министерот. За адаптација на работно место се добива сума до 200.000 денари. Сметам дека овој износ не треба да се ограничува, туку комисијата да го утврди реалниот износ за адаптација, а на работодавачот веднаш да му се исплатат средства од Посебниот фонд (не по извршена адаптација како што стои во сегашното решение во текстот). Подоцна комисијата да изврши контрола и доколку не е постапено согласно законот, и средствата не се искористени наменски, да го казни ригорозно работодавачот. И оваа сугестија беше прифатена од министерот. Потоа во точката 4 од истиот член да се направи градација на доделување на средства согласно тежина на инвалидитет и стручна спрема на лицата со инвалидност. Ова остана работната група да го размисли, а воедно министерот истакна дека на неповратните 5000 евра кои се предвидени како поддршка за самовработување на лицето со инвалидност, ќе му се дозволи да прими и други (здрави или инвалидни) лица во фирмата, а ако се здружи во работењето со други лица со инвалидност да добие и за нив по 2000 евра, до максимално 15.000 евра (самовработеното лице и уште 5 инвалидни лица на пример). Остана овој предлог да се доработи од страна на службата при министерството.
-во членот 20 точка 3 се опишува дека државата ќе рефундира придонеси за вработување на лице со инвалидност до 1 просечна месечна плата, а доколку платата е поголема, работодавачот да ја уплати разликата за придонеси од сопствени средства. Приговорив дека оваа одредба не е прифатлива за нас бидејќи ги стимулира работодавачите да им исплатуваат на лицата со инвалидност пониски плати. Меѓу телесните инвалиди денес имаме многу лица со завршено високо образование, магистри, дури некои се и на докторски студии, и реално е истите да имаат поголема плата од просечната, а со оваа одредба ќе бидат казнети токму нашите членови со високообразование. Министерот ја прифати оваа сугестија со додавка дека за лицата со инвалидност со најмалку високо образование, ослободувањето ќе изнесува до 2 просечни плати, а за останатите во висина на 1 просечна месечна плата во РМ.
-нашата заложба и здравите лица во заштитните трговски друштва да бидат ослободени од придонеси од месечна плата беше категрички одбиена од министерот и се кажа, како што стои во законот, дека таа привилегија заштитните трговски друштва ќе ја имаат до 01.10.2016 година.“
Останува да видиме колку од овие ветувања и прифатени сугестии на јавната дебата ќе бидат впишани во новиот текст на Заонот за вработување на лица со инвалидност. Мобилност Македонија искрено верува дека сите решенија прифатени од страна на министерот за време на дебатата ќе бидат составен дел на новиот текст на Законот, а Мобилност Македонија и понатаму останува активна во процесот на подобрување на текстот на Законот.
Законот би треба да се донесе до крајот на годината и да важи од 01.01.2015 година. Само некои одредби од истиот ќе имаат продолжена примена од 01.10.2016 година.
И сосема за крај, Мобилност Македонија серозно и со полна енергија и внимание делува на подобрување на текстовите на законите (на оние до чии текстови ќе дојдеме во фаза на носење, што не беше случај со Законот за измени и дополненија на Законот за социјална заштита чии одредби за врзување на надоместоците се врзани со приходи на примателот на надоместоците ги оспоривме на Уставен суд). Искрено го почитуваме залагањето на Министерството за труд и социјална политика за взаемна комуникација за подобрување на одредбите од законите и секогаш ќе бидеме во улога на заштитници и промотери на правата на лицата со телесен инвалидитет, меѓутоа треба да сме свесни дека законите во најголема мера ги предлага Владата на РМ, а ги донесуваат пратениците во Собранието, каде што всушност законите во амандманска расправа и ја добиваат конечната верзија. Ние остануваме посветени во работењето.