НАЦИОНАЛЕН СОЈУЗ НА ЛИЦА СО ТЕЛЕСЕН ИНВАЛИДИТЕТ НА МАКЕДОНИЈА     

Mobile menu

unnamed 17            Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија – Мобилност Македонија, преку Фудбалската федерација на Македонија се вклучи во проектот на УЕФА - „Капитени на промени“. Проектот се спроведува во голем број од европските земји. Целта  на овој проект е да се влијае на креирање на еднакви можности за сите во фудбалскиот свет, без разлика на полот, религијата , националната припадност и физичката способност.

            Фудбалската федерација на Македонија во рамките на проектот „Капитени на промени“ на натпреварот Македонија – Белорусија, покани членови на Мобилност Македонија да ја подржат нашата репрезентација. Фудбалскиот натпревар се играше на 27 март на Националната арена „Филип Втори“.

            Најмладите членови во инвалидска количка заедно со фудбалерите на Македонија и Белорусија излегоа на теренот при интонирањето на химните на двете држави.  За прв пат деца со телесен инвалидитет во рамките на УЕФА излегоа заедно на терен пред почеток на фудбалски натпревар. Ангела Величковска, Фатуше Незири, Марија Савевска, Јане Велковски, Јована Јовановска, Александар Стојчевски и Антонио Стојчевски, на многу ладно и дождливо време,  беа дел од овој настан. Децата беа облечени во соодветна опрема-дрес и носеа капитенска трака, додека родителите кои ги придружуваа носеа маица со логото на проектот. Од претставниците на УЕФА добија на поклон фудбалски топки.

            Капитените за промени е проект кој што се однесува на креирање на непречен пристап за лицата со инвалидитет на стадионите  во Македонија. Фудбалот е спорт за сите и треба да е достапен за секого. Фудбалската федерација на Македонија смета дека со модернизација на нашите стадиони ќе ги отвориме вратите за лицата со инвалидитет. Така ќе можат да ги следат натпреварите во живо, но и да бидат  активни учесници. Наша одговорност и обврска е да чекориме кон европските стандарди – истакнуваат во Федерацијата.

            Истражувањата покажуваат дека разновидноста води кон просперитет, а фудбалските организации во Европа се стремат што подобро да ги интегрираат маргинализираните групи.

            Мобилност Македонија со формирање на екипа од свои членови во футсал, односно фудбал во сала, прави скромни чекори во фудбалскиот свет, а можеби за некого овие чекори ќе значат скок до трибина.