НАЦИОНАЛЕН СОЈУЗ НА ЛИЦА СО ТЕЛЕСЕН ИНВАЛИДИТЕТ НА МАКЕДОНИЈА     

Mobile menu

mtspНадоместокот за социјална  помош  зголемен за 10%

            Од 1јули 2015 година паричниот надоместок за социјална помош е исплатен со зголемување од 10%. Иако првично беше најавено зголемување од 5%, со дополнителни измени на Законот за социјална зштита надоместокот за социјална парична помош е зголемен за 10%.

            Овој вид на парична помош во државава ја примаат околу 30.000 семејства. Министерот за труд и социјална политика во изјавата за медиумите истакна дека Владата и понатаму ќе продолжи да се грижи за социјално ранливите категории на граѓани со низа мерки и проекти.

Зголемување од 25% за посебниот додаток

            Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов на 26 јуни во Домот на хуманитарните организации „Даре Џамбаз“ оствари работна средба со преставниците на националните сојузи членки на НСИОМ. На средбата се разговараше за неколку проекти кои што треба да се реализираат во наредниот временски период, кои како предлози беа посочени од националните сојузи на лицата со инвалидност. Меѓу другото, министерот  најави реализација на уште едно ветување од Владата на РМ, односно зголемување на посебниот додаток за децата со пречки во развојот од материјално необезбедените семејства за 25%. Тоа значи дека околу 1030 родители на своите сметки веќе добија зголемен посебен додаток за цели 25%.

 

Зголемена постојана парична помош за 10% и помошта за згрижувачките семејства за 25%

            Владата  на РМ од 1 јули почна да ја исплатува постојаната парична помош зголемена за 10%. Исто така  зголемена е висината на надоместокот за семејствата кои згрижуваат деца без родители за 25%.

            Во нашата држава има 35.000 корисници на постојана парична помош. Со ова нема да престане подршката на социјално ранливите категории, и министерот за труд и социјална политика најави дека и во наредната година ќе има ново зголемување на социјалната и постојаната парична помош.

 

Реконструкција на центрите за социјана работа во републиката

            Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов го најави почетокот на реконстреукцијата на 18 центри за социјална работа во земјава. Средставта за рекострукција се обезбедени преку Светската банка. Се очекува објектите што ќе се реконструираат да добијат нов, модерен изглед, достапен за сите граѓани, со нова опрема и подобра функција, модерни, пристапни и квалитетни простории, со нови енергетски фасади, нов систем за греење, видео надзор и др.,  каде што граѓаните ќе  можат да ги остваруваат своите права и услуги.

            Во овој период се работи на реконструкција на центрите за социјална работа во Штип и Гевгелија. Во Прилеп, Битола и Охрид реконструкцијата е во завршна фаза а би завршила во септември, додека градежните работи се завршени во Крушево и Демир Хисар.

 

МТСП со Предлог  на Закон за национална база на податоци за лица со инвалидност

            Во Република Македонија не постои единствен систем на евиденција на лица со инвалидност којшто ќе вклучи повеќе елементи и податоци и којшто ќе овозможи пристап и користење на податоци со цел непречено и ефикасно остварување на правата.

Инаку, инвалидноста како категорија е опфатена во повеќе закони со коишто се уредува начинот и постапката на остварување на правата. Во овој процес вклучени се повеќе институции, комисии за утврдување на инвалидноста која што може да биде од привремен и траен карактер. Во евиденцијата на инвалидноста институциите ги користат податоците коишто се потребни само за остварување на некое конкретно право.

            Основната цел на Предлог на Законот за национална база на податоци за лица со инвалидност е воспоставување на единствена електронска евиденција, односно национална база за лица со инвалидност.

Со Предлог на Законот за национална база на податоци за лицата со инвалидност ќе се уредува и начинот на функционирање на националната база на податоци за лицата со инвалидност, обрботката на податоци и надзор над функционирањето на базата.