НАЦИОНАЛЕН СОЈУЗ НА ЛИЦА СО ТЕЛЕСЕН ИНВАЛИДИТЕТ НА МАКЕДОНИЈА     

Mobile menu

1 1            Македонската репрезентација во стрелаштво за лица со инвалидитет во состав: Бранимир Јовановски (тренер и спортист), Оливера Наковска-Бикова, Ванчо Каранфилов, Лидија Крстеска и Александар Јовановски (стрелци), настапи на првиот ИПЦ Светски куп во стрелаштво кој се одржа во Осијек, Хрватска од 07-15.07.2015 година и кој беше од квалификациски карактер за учество на Параолимписките игри во Рио 2016 година. Од минатата година, Оливера Наковска-Бикова и Ванчо Каранфилов имаат обезбедено квоти за следните Параолимписки игри во Рио, на Ванчо Каранфилов му требаше само уште исполнување на минимум параолимписка норма во дисциплината воздушен пиштол за да настапи на игрите во сите 3 пиштолски дисциплини. За Бранимир Јовановски, Лидија Крстеска и Александар Јовановски настапот на првенството беше можност за обезбедување на директна квота. На Александар Јовановски ова му беше прв меѓународен натпревар, можност да помине медицинска класификација и да добиеме стручен совет за висината на дозволениот наслон и адаптирање на количката од која стрела.

            На исклучително силниот спортски настан настапија 227 спортисти од 48 држави од сите континенти. Се одржаа вкупно 14 индивидуални дисциплини од кои 5 во пиштолски дисциплини, на кои беа поделени 70 медали, беа срушени 7 светски рекорди и 28 континентални рекорди, беа доделени 27 директни квоти за учество на Параолимписките игри во Рио. Најмногу медали освоија стрелците од Народна република Кина (вкупно 11), потоа на Голема Британија (вкупно 10) и на Русија (вкупно 9) медали. Седумнаесет држави се вмешаа во борбата за медали, за жал нашите спортисти беа многу блиску до освојување на медал, и буквално „за влакно“ им избегаа два медали, еден во екипна и еден во поединечна конкуренција.

Во исклучително силна конкуренција, најдобар пласман на македонските спортисти беше освоеното екипно 4-то место (од 10 екипи) во дисциплината спорт пиштол со 1628 кругови и поединечно освоеното 5-то место на Оливера Наковска-Бикова во дисциплината воздушен пиштол - жени, која во финалето влезе како второпласирана (од вкупно 33 натпреварувачки), со резултат од 371 круг.

Во дисциплината воздушен пиштол, Лидија Крстеска го освои 18-то место од вкупно 33 спортистки со резултат од 358 кругови, додека Александар Јовановски 50-то место од 58 натпреварувачи со резултат од 524 кругови. Во оваа дисциплина Ванчо Каранфилов повторно не успеа да стрела над минимум параолимписка норма, а негов најдобар пласман беше 16-то место од 59 натпреварувачи со резултат од 521 круг во дисциплината пиштол слободен избор, додека најдобар пласман на Бранимир Јовановски беше 26-то место од 52 натпреварувачи со резултат од 540 кругови во дисциплината спорт пиштол. Средства за учество на овој натпревар беа обезбедени од Агенција за млади и спорт, како и од НФСРИМ-МПК од делот на средствата наменети за спортување на лицата со телесен инвалидитет.

Заради недостаток на средства, македонските спортисти нема да учествуваат на вториот Светски куп кој ќе се одржи во Сиднеј, Австралија од 12-20.09.2015 година. На третиот и последен квалификацијски Светски куп во стрелаштво, кој ќе се одржи од 01-07.11.2015 година во Форт Бенинг, САД, ќе учествуваат параолимпијците Оливера Наковска-Бикова, Ванчо Каранфилов и нивниот тренер Бранимир Јовановски кој воедно, поред тренерските обврски, ќе настапи во 3 пиштолски дисциплини во борбите за квота, како и Лидија Крстеска која обезбеди лично спонзорство и која ќе настапи во дисциплината воздушен пиштол-жени.

Да им посакаме успех на нашите спортисти на последниот квалификацијски турнир со апел, идната година Агенцијата за млади и спорт да одвои поголем буџет за непречени подготовки, предолимписки меѓународни настапи и самиот настап на нашите параолимпијци на Параолимписките игри во Рио, од каде со право очекуваме од нашите спортисти успешен настап, влез во финале и реални шанси за освојување на медал.