21-ви музички фестивал на Мобилност Македонија
Градот Струмица, на 11.08.2015 година во прекрасна атмосфера и пред бројни посетители, по 20-ти пат беше домаќин на Музичките средби на лицата со телесен инвалидитет на Македонија (од вкупно одржани дваесет и едни средби) во организација на „Мобилност Македонија“. Од минатата година, музичкиот фестивал на лицата со телесен инвалидитет се одржува под отворено небо во рамките на манифестацијата „Струмица Опен Фестивал“. Годинава, манифестацијата се одржа под мотото: „Само небото може да биде граница за амбициите и креативноста на Мобилност Македонија“.
Гости на манифестацијата беа: Градоначалникот на Струмица, г-дин Зоран Заев во придружба на претседателот на Советот и неколку советници, претседатели и членови од повеќе здруженија - членки на Мобилност Македонија, како и делегација од Фондацијата „Сила за живот“ од Бугарија, предводена од претседателот на фондацијата, г-дин Јордан Стефанов.
Единаесет кандидати, лица со телесен инвалидитет, придружувани од оркестарот „Феникс“ кој работи во рамките на Мобилност Македонија, запееја познати македонски народни песни на „опенфестовската“ сцена во дворот на Домот на АРМ.
На подиумот, со прекрасните најави од водителот на настанот, неповторливиот и полн со досетки Ѓорѓи Калајџиев, кој по 15-ти пат беше водител на манифестацијата, пред многубројната струмичка публика и гостите од здруженијата членки на Мобилност Македонија еден по друг на сцената излегуваа интерпретаторите, лица со телесен инвалидитет од Скопје, Струмица, Прилеп, и Кавадарци, по следниот редослед и со слените прекрасни македонски песни:
1. Николчо Делов од Кавадарци „Кој не раздели“
2. Зорица Арсовска од Скопје „Ја излези Ѓурѓо“
3. Ѓорѓи Здравески од Прилеп „Тргнало ми лудо младо“
4. Трајче Лазаров од Кавадарци „Разболе се Ирина мома“
5.Соња Ѓорѓиевска од Скопје „ Прошета се Јовка Кумановка“
6. Иле Гичев од Струмица „Болен лежи млад Стојан“
7. Влатко Најдоски од Прилеп „ Болна е легнала“
8. Христина Просковска од Скопје „ Шеќерна“
9. Стеван Ангелески од Прилеп „ Прости ми душо моја“
10. Ристо Спирковски од Прилеп „ Налеј, налеј, налеј“
11. Гоце Миновски од Скопје „ Туѓа си бескрајно“
Стручното жири во состав: Александар Михајлов, уметнички директор на Фондацијата „Сила на живот“ од Бугарија, Ѓорги Калајџиев и Роберт Ѓоргиев, првото место едногласно му го доделија на Стеван Ангелески од Прилеп, кој ја испеа песната „Прости ми душо моја“, второто на Гоце Миновски од Скопје, за интерпретација на песната „Туѓа си бескрајно“, а третото место на Христина Просковска од Скопје за песната „Шеќерна“. Наградите на тројцата најдобри вокалисти им ги врачи покровителот, градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев.
Бурните аплаузи после секоја интерпретација доволно говореа за успешноста на манифестацијата, а присутните гледачи честопати спонтано се фаќаа во оро и прекрасно се забавуваа. Глетка убава и за очи и за уши.