НАЦИОНАЛЕН СОЈУЗ НА ЛИЦА СО ТЕЛЕСЕН ИНВАЛИДИТЕТ НА МАКЕДОНИЈА     

Mobile menu

LogoНабавка на патнички автомобили за лица со инвалидност со рефундирање на средства за ДДВ, акцизи и царина

Мобилност Македонија со години наназад мошне активно делуваше на полето на враќањето на правото за набавка на патничко моторно возило со враќање на данок на додадена вредност, акцизи и царина за лицата со најмалку 80% телесно оштетување на долните екстремитети или карлица (онака како што беше остварување на ова право со стариот Закон за данок на промет на производи и услуги, член 14 точка 14 кој од 1999 година е вон сила). Сме напишале десетици писма со Владата на РМ, до Министерството за финансии, до Министерството за труд и социјална политика, остваривме многу состаноци, преговори и договори, баравме ова право да е слободно право на лицата со телесен инвалидитет кои ги исполнуваат наведените критериуми, предлагавме заштитни механизми од злоупотреба на ова право, и конечно се донесе Закон за измена и дополнување на закон за социјална заштита (Службен весник на РМ бр.33 од 05.03.2015 година), во кој закон е вметната нова глава VII-А која гласи РЕФУНДИРАЊЕ НА СРЕДСТВА ЗА НАБАВКА НА ПАТНИЧКИ АВТОМОБИЛИ и содржи пет нови члена од 213-а до 213-д и нов член 254-б. Со овие членови се уредува можноста за набавка на патнички автомобил, меѓутоа решението не е најдобро за лицата со телесен инвалидитет.

Имено, најнапред со законот се отвори широка можност за набавка на патнички автомобили за сите лица со инвалидност (телесни, слепи, глуви и интелектуално попречени) што е мошне широка лепеза на корисници (додадени се глувите и интелектуално попречените кои никогаш порано не го користеле ова право), иако ова потреба пред се е за лицата со потежок телесен инвалидитет на кои автомобилот им служи како ортопедско помагало и кои не можат да користат алтернативни средства за превоз или да се движат пешки. Иако во преговорите пред донесување на измената на Законот се обидував многу пластично да го објаснам ова, сепак законодавецот одлучи да го прошири правото.

Од друга страна, право на набавка на патнички автомобил ќе има мала група на лица годишно, бидејќи набавката ќе се базира на соодветна програма на Министерството за труд и социјална политика и ќе се однесува на околу 200 возила на годишно ниво!!! На мое прашање за кои лица ќе се однесува правото, според кои критериуми ќе се врши рангирањето на лицата, кое според мое мислење ќе биде мошне тешко и сложено, на првиот работен состанок во министерството добив одговор дека бројот на издадените дозволи ќе биде линеарно распределен (по еднаков број за секој вид на инвалидитет) што е потполно неприфатливо за Мобилност Македонија, бидејќи овие возила служат како ортопедско помагало и единствена можност за самостојно движење само за лицата со потежок телесен инвалидитет. На останатите (глуви, интелектуално попречени и слабовидни) им е доволна само пружена рака која ќе ги води и ќе им помага. Теоретски, се очекува повеќе илјади лица ќе побараат остварување на ова право и објективно со ваква динамика не може истите да се изротираат ниту за 20 години, а тоа не е решението кое го баравме.

Мобилност Македонија упорно бара состанок со министерот за финансии со желба директно да му ги објасниме потребите, меѓутоа и бенефитите од изменување на ова законско решение со цел да им се дозволи уживање на ова право на сите лица кои ги исполнуваат критериумите и тоа веднаш, а не со програма. За жал повторно се соочуваме со повеќемесечно чекање на одговор и игнорански однос, но останува нашата упорност без оглед на тешкотиите за остварување на работен состанок. Ние апсолутно ќе останеме посветени на нашата идеја.

Во продолжение ви ги цитираме одредбите од Законот за социјална заштита кои се однесуваат на остварување на ова право:

РЕФУНДИРАЊЕ НА СРЕДСТВА ЗА НАБАВКА НА ПАТНИЧКИ АВТОМОБИЛИ

Член 213-а

Лице со најмалку 80% инвалидност на долните екстремитети, лице со умерена, тешка и длабока интелектуална попреченост, потполно слепо лице со придружник и потполно глуво лице може да поднесе барање за рефундирање на средства платени како царински давачки, данок на додадена вредност и акциза за набавка на патнички автомобил, со кој ќе управува подносителот на барањето или неговиот брачен другар, родител, дете или друг роднина кој живее со лицето и помеѓу нив постои должност за издржување согласно со Законот за семејството, односно старател, а ќе се користи исклучиво за потребите на лицето за превоз и полесна социјална интеграција во заедницата.

Барањето од ставот 1 на овој член може да се поднесе еднаш во период од пет години за набавка на патнички автомобил со купопродажна вредност до 10.000 евра во денарска противвредност.

Барањето од ставот 1 на овој член со потребната документација се поднесува до Комисија за рефундирање на средства за набавка на патнички автомобил, преку надлежниот центар за социјална работа.

Министерот формира Комисија за рефундирање на средства за набавка на патнички автомобил, составена од пет члена од кои по двајца претставници од Министерството за труд и социјална политика и Министерството за финансии и еден претставник од Заводот за социјални дејности, со мандат од две години.

Член 213-б

Ако лицето на кое му се рефундирани средства, платени како царински давачки, данок на додадена вредност и акциза за набавка на патнички автомобил, го отуѓи возилото во период од пет години по добивање на средствата, должно е истите да ги врати со законска казнена камата, пресметана до денот на уплатата во Буџетот на Република Македонија.

Член 213-в

Центарот за социјална работа формира Комисија за вршење на увид во домот на

подносителот на барањето, составена од три стручни лица, вработени во центарот.

Комисијата од ставот 1 на овој член, при поднесување на барањето ја утврдува фактичка состојба за начинот на користење на патничкиот автомобил, за што составува

записник. Комисијата барањето со записникот ги доставува до Комисијата за рефундирање на средства за набавка на патнички автомобил.

Комисијата за рефундирање на средства за набавка на патнички автомобил, врз основа на барањето, потребната документација и записникот на комисијата од ставот 1 на овој член дава предлог до министерот за исполнетоста на условите за рефундирање на средства и донесување на решение по барањето.

Во Министерството за труд и социјална политика се води евиденција за лицата кои поднеле барање за рефундирање на средства за набавка на патнички автомобил, која содржи: име, презиме, и единствен матичен број на подносителот на барањето, издадениот наод и мислење за степенот на инвалидноста (број, датум и институција), датумот на приемот на барањето и датумот на издавање на решението или известувањето, согласно прописите за заштита на личните податоци.

Член 213-г

Комисијата за рефундирање на средства за набавка на патнички автомобил, најмалку еднаш годишно врши проверка на наменското користење на патничкиот автомобил за лицето на кое му се рефундирани средства платени како царински давачки, данок на додадена вредност и акциза за набавка на истото, преку надлежниот центар за социјална работа.

Доколку Комисијата за рефундирање на средства за набавка на патнички автомобил утврди дека патничкиот автомобил не се користи за личните потреби за лицето на кое му се рефундирани средствата, а врз основа на податоците добиени со проверка преку центарот за социјална работа, Комисијата дава предлог до министерот за донесување на решение за враќање на неосновано примените средства.

Против решението од членот 213-в став 3 и решението од ставот 2 на овој член може да се изјави жалба во рок од 15 дена од денот на добивањето на решението до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.

Доколку лицето на кое му се рефундирани средства, платени како царински давачки, данок на додадена вредност и акциза за набавка на патнички автомобил, не ги врати средствата во рокот определен со решението од став 2 на овој член, Министерството за труд и социјална политика ќе поднесе тужба до надлежниот суд за враќање на примените средства со законска казнена камата.

Член 213-д

Владата на Република Македонија донесува Годишна програма за рефундирање на средства платени како царински давачки, данок на додадена вредност и акциза за набавка на патнички автомобил за лица со најмалку 80% инвалидност на долните екстремитети, за потполно слепи лица со придружник и за потполно глуви лица, со која се уредуваат мерките, носителите, начинот на спроведување, потребната документација и обезбедените средства.

Рефундирањето на средствата платени како царински давачки, данок на додадена вредност и акциза за набавка на патнички автомобил за лица со најмалку 80%

инвалидност на долните екстремитети, за потполно слепи лица со придружник и за потполно глуви лица се врши во рамките на обезбедените средства за реализирање на

Годишната програма од ставот 1 на овој член.

Член 8

Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, освен одредбите од член 5 од овој закон со кои се додава нова глава VII-А и пет нови членови од 213-а до 213-д и одредбите од членот 6 од овој закон со кој се додава нов член 254-б кои ќе отпочнат да се применуваат од 1 јануари 2016 година.

Очекуваме до крајот на годината да се интензивираат средбите во Министерството за труд и социјална политика на кои ќе се дефинираат критериумите за начинот на користење на ова право.