Апел на Мобилност Македонија до комисиите за определување на право на инвалидска пензија
Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија – Мобилност Македонија, како инвалидска организација во која членуваат преку 7.200 лица кои имаат пречки во мобилноста поради телесна инвалидност предизвикана од параплегија, дистрофија, ампутација на екстремитет, детска парализа, церебрална парализа, мултиплекс склероза и други невро мускулни или коскени заболувања, се обрати до Секторот за остварување на правата од пензиското и инвалидско осигурување при Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, како и до Секторот за пензиско и инвалидско осигурување при Министерство за труд и социјална политика, со апел до Комисијата за оцена на работната способност, како и до Комисијата заревизија на наод, оцена и мислење за утврдена инвалидност, односно неспособност за работа.
Имено, во последно време во канцеларијата на Мобилност Македонија, но и во канцелариите на 17 здруженија, членки на Мобилност Македонија, се повеќе се јавуваат наши членови со телесен инвалидитет кои заради здравствени проблеми и тешкотијата која им ја носи степенот на инвалидноста биле упатени на Комисијата за оцена на работната способност и се незадоволни од наодот, оцената и мислење која истата ги носи во однос на оценувањето на нивната неспособност за работа и одбивањата да им определи право на инвалидска пензија.
Кај поголемиот дел од вработените лица со телесен инвалидитет, инвалидноста настанала од раѓање или во раните детски години (церебрална парализа, детска парализа, парапарези, дистрофија, ампутации...). Тие цел живот ја компензираат својата инвалидност со активирање на преостаната мускулатура, што често доверува до брз замор и оштетување и на здравите екстремитети и со тек на времето претставува значаен лимитирачки фактор во успешноста на извршување на нивните работни задачи. Сметаме дека тие треба да имаат посебен третман и согледување на фактичката состојба од страна на Комисијата за оцена на работната способност, бидејќи целиот свој работен век, и пошироко целиот свој живот го поминале живеејќи и работејќи на една нога, со една рака или со значително заслабнета мускулатура на екстремитетите и на целото тело. Нивната физичка состојба апсолутно била нееднаква со физичкката состојба на здравите лица уште на почетокот на нивниот работниот век и прогресирала за време на работниот век. Честопати се случува степенот на основниот инвалидитет со кој биле вработени да прогресира, или пак да доведе до други телесни оштетувања. Заради тоа сметаме дека треба да бидат повнимателно и пофлексибилно третирани и разбрани од страна на Комисијата за оцена на работната способност.
Мобилност Македонија во името на своите членови, лица со телесен инвалидитет на Македонија, упатува апел до Комисијата за оцена на работната способност, како и до Комисијата заревизија на наод, оцена и мислење за утврдена инвалидност, односно неспособност за работа, при констатирање на инвалидноста и неспособноста за работа на лицата со телесен инвалидитет да ја имаат во предвид опишаната состојба, да бидат пофлексибилни и похрабри во одлуките лицата со телесен инвалидитет да ги упатат во инвалидска пензија.