НАЦИОНАЛЕН СОЈУЗ НА ЛИЦА СО ТЕЛЕСЕН ИНВАЛИДИТЕТ НА МАКЕДОНИЈА     

Mobile menu

1 1Иницијален состанок на тема „Програма за реформи во социјалните и политиките за вработување“

На 17.12.2014 година во „Музејот на македонската борба за државност и самостојност“ во Скопје, претседателот на Мобилност Македонија, Бранимир Јовановски, учествуваше на Иницијалниот состанок по покана од Министерството за труд и социјална политика како еден од презентерите. На овој важен Иницијален состанок практично се започна креирањето на Програмата за реформи во социјлните и политиките за вработување, меѓу кои и за политиките за вработување на лицата со инвалидност. Процесот во разни фази се предвидува да трае континуирано до 2020 година.

Мартин Клауке, раководител на одделот за соработка во рамки на Делегацијата на Европската унија во Македонија, смета дека оваа програма ќе ја приближи Македонија кон Унијата и дека ќе овозможи економскиот раст да се фокусира кон зголемување на вработувањето. Тој смета дека со заедничка работа во текот на следните години на спроведување на потребните реформи и обид Р.Македонија да ги исполни сите цели потребни за пристапување кон ЕУ, програмата може да стане важна алатка за справување со невработеноста, да обезбеди социјалната инклузија, како и да придонесе за подобрување на целокупната состојба на граѓаните и ќе овозможи поголем пристап на Мкаедонија до фондовите на Унијата.

На отварањето на состанокот, министерот за труд и социјална политика Диме Спасов истакна: “Се спроведуваа и се спроведуваат бројни програми, мерки и активности насочени кон подобрувањето на состојбите на пазарот на труд, зголемување на вработеноста и намалување на невработеноста, справување со сивата економија, јакнење на социјалниот дијалог, поттикнување на инвестициите и отворање на нови работни места, политики и мерки за намалување на високата невработеност кај младите, подобрување на усогласеноста на понудата и побарувачката на работна сила, мерки за поголемо поврзување на системот на образование со реалните потреби на пазарот на труд и олеснување на преминот на младите лица од образование кон вработување. Се воведоа мерки за намалување на сиромаштијата и социјалната исклученост во државата, мерки со кои се зголемија пензиите, се зголемуваат и износите на различните парични давања и социјални бенефиции за различни ранливи категории на граѓани, се зголеми и опфатот преку воведување на нови права и социјални услуги за одредени групи на граѓани кои се наоѓаат во состојба на социјален ризик. Се имплементираа програми и мерки за унапредување на состојбата на инвалидните лица, на старите лица, на децата, на Ромите, за справување со демографските предизвици со кои е соочена државата, мерки за интензивирање на процесот на деинституционализација, мерки за поуспешна превенција и заштита од одредени негативни појави во општеството како што се семејното насилство, злоупотребата и занемарувањето на деца, појавата на деца на улица, злоупотребата на дроги итн”.

Претседателот на Мобилност Македонија говореше на тема: Дали лицата со инвалидност се „невидливи работници“!!!, подтема: Бариерите во образованието (архитектонски и наставни) како фактор за нискиот степен на едукација на лицата со инвалидност.

Во својот говор, Бранимир Јовановски истакна: „Полот, возраста, видот и степенот на инвалидноста се фактори кои влијаат на степенот на вклученост на лицата со инвалидност на пазарот на трудот. Идентификување на овие фактори, преку собирање на податоци и обезбедување на соодветно разумно прилагодување преку различни шеми на политиката за вработување на лицата со инвалидност се клучните услови за надминување на негативната положба која е значително влошена со економската криза во која последните години западна светската економија.
Според најновите податоци на ЕУ, се уште има разлика од 26% во однос на стапките на вработување на лица со и без инвалидност на територијата на целата ЕУ. Во Република Македонија овој процент е уште поизразен на штета на лицата со инвалидност. И покрај спроведувањето на разни национални и регионални политики во насока на зголемување на учеството на лицата со инвалидност на пазарот на трудот, севкупната стапка на вработеност на лицата со инвалидност е значително пониска отколку кај лицата без инвалидност, со што уште повеќе се зајакнува социјалната нееднаквост.
Пристапот до вработување е фундаментално право и услов за лицата со инвалидност да бидат во можност да живеат независно и да го подигнат квалитетот на нивниот живот на повисоко ниво. Правото на работа е основно човеково право. Сепак, лицата со инвалидност често не се вработени од страна на работодавачите како резултат на негативните перцепции во однос на нивната способност да придонесат во процесот на работењето, високата цена за адаптација на работните места во зависност од нивната инвалидност или заради недостапни работни места. Често, работодавачите не се свесни за придонесот кој лицата со инвалидност можат да го постигнат на различни работни места, преку употреба на адаптирани помошни технологии, како и други мерки за разумни услови за работење. Со користење на адекватна технологија и прилагодување на работното место, лицата со инвалидност се во можност целосно да ги извршуваат своите работни задачи. Кога работодавачите преземат мерки за идентификување и елиминирање на бариерите за вработување, унапредување и задржување на лицата со инвалидност на работното место, тие всушност промовираат култура на работното место врз основа на фер практики што ги штитат лицата со инвалидност и овозможуваат истите да бидат третирани со почит и достоинство, како и да ги уживаат еднаквите услови за вработување. За постигнување на социјална еднаквост, потребно е да се создаде работна околина која е отворена, инклузивна и достапна, и која им овозможува на лицата со инвалидност целосно да учествуваат на пазарот на трудот и да придонесат за обезбедување на работна сила. Лицата со инвалидност не се хомогена група. Тие може да имаат физичка, сензорна, или интелектуална инвалидност. Тие може да имаат инвалидност од раѓање, или стекната во детството, во тинејџерските години или подоцна во животот за време на понатамошно образование или додека се во работен однос. Нивната инвалидност може да има мало влијание врз нивната способност за работа и непречено да учествуваат во општеството, или пак инвалидноста може да има големо влијание врз нивната способност и да бара значителна поддршка и помош. Насекаде низ светот, луѓето со инвалидност учествуваат и придонесуваат во работата на сите нивоа. Сепак, голем број лица со инвалидност, кои сакаат да работат немаат можност да работат поради многу бариери. Една од основните причини за големата невработеност на лицата со инвалидност е степенот на образование и совладани вештини и знаења за одреден работен процес. Поразителен е податокот дека од лицата со инвалидност кои активно бараат работа во Агенцијата за вработување на Македонија, скоро 35% се со ниско образование и без квалификации, апсолутно неконкурентни на пазарот на трудот. Со новиот Закон за вработување на лица со инвалидност кој е во фаза на донесување, предвидена е мерка професионална рехабилитација, со која се надеваме дека ќе се премости дел од оваа бариера преку преквалификација и доквалификација на лицата со низок степен на образование и овозможување на стекнување на знаења и вештини кои можат да ги направат конкурентни на пазарот на трудот. “

Понатаму, Јовановски дискутираше за бариерите на опкружувањето, пред се во однос на пристапноста до и во објектите во кои се изведува настава во предучилишно, основно, средно и високо образование, за непочитување на Правилникот за начинот на обезбедување на непречен пристап, движење, престој и работана лицата со инвалидност до и во градбите, кој во овој случај предвидува да објектите за предучилишно, основно, средно и високо образование, мора да ги содржат елементите на пристапност на влезниот простор, комуникација во внатрешниот простор, тоалетите, бањите и туш кабините, училниците, кабинетите и другиот работен простор, како и огласното пано.

„За жал, мораме да констатираме дека многу мал број на објекти во Република Македонија во кои се изведува наставата ги задоволуваат пропишаните елементи на пристапност, а со самото тоа ги оневозможуваат децата со пречки во развојот да се стекнат со повисок степен на едукација и соодветни занаети, вештини и занимања кои се конкурентни на пазарот на трудот. Децата со пречки во развојот се принудени да изучуваат занимања кои се на програмата во колку толку адаптираните училишта, а не согласно својата дарба, желба и искажаните афинитети, што во голем број случаи е лимитирачки фактор за нивна вертикална проодност во високото образование и одлуката да се запишат на факултет. Архитектонските бариери се само почетокот на проблемите. Следењето на наставата, комуникацијата со светот и пристапот кон интернет се исто така важен сегмент од општото живеење. Додека за лицата со телесна инвалидност, архитектонските бариери се во најголема мера пречки во образованието и им претставуваат тешкотии за пристап до објектите во кои се изведува наставата, на лицата со оштетен слух, вид и на интелектуално попречените лица им се неопходни други помагала за редовно следење на наставниот процес“ – истакна Јовановски.

На состанокот присуствуваа претставници од Европска Комисија, од повеќе министерства, од Синдикатот, од Коморите на работодавачите, од други институции и од одделни организации од невладиниот сектор. Презентација наиде на големо одобрување од присутните и заинтригира дел од нив (особено работодавачите) да размислат подлабоко за спроведување на мерките на пристапност во нивните фирми. „Вие веројатно и не знаете дека вашите непристапни фирми и дуќани двојно ги хендикепираат лицата со инвалидност. Еднаш како консументи на вашите производи и услуги, а вторпат како можност истите да бидат вработени кај вас. Двоен хендикеп, а една причина: АРХИТЕКТОНСКИ БАРИЕРИ.“- го заврши своето излагање претседателот на Мобилност Македонија.