НАЦИОНАЛЕН СОЈУЗ НА ЛИЦА СО ТЕЛЕСЕН ИНВАЛИДИТЕТ НА МАКЕДОНИЈА     

Mobile menu

1На 04.02.2016 година, во Порта Македонија со почеток во 12 часот и во присуство на членови од скоро сите здруженија на Мобилност Македонија, академски сликари, наши членови - талентирани сликари, претставници на организацискиот одбор на ликовната колонија, жири комисијата за литературни творби при Мобилност Македонија, потоа претставни на Центарот за ортотика и протетика „Славеј“, претставници на националниот сојуз РЦПЛИП-Порака, електронски и пишани медиуми...., беше одржана изложба на 53 уметнички дела изработени на шестата меѓународна колонија која беше одржана во месец април 2015 година во Охрид. Водител на манифестацијата беше Ѓорѓи Калајџиев, изложбата со пригоден говор ја отвори претседателот на сојузот, Бранимир Јовановски.

„Лицата со телесен инвалидитет се способни да творат и можат невозможното да го претворат во возможно. Еден од начините за искажување можностите и потенцијалите на лицата со телесен инвалидитет е уметноста, без оглед на тоа дали таа е преточена преку сликарски дела, музички средби или убавиот пишан збор.  Целиот проект на Мобилност Македонија го стимулира ликовното творештво на лицата со телесен инвалидитет и им пружа можност да творат заедно со академските уметници,  да учат едни од други. Уметниците за способноста, дарбата и можностите на лицата со инвалидност, а тие пак за професионалноста во уметничката фела. Оваа колонија е единствена од овој вид во Македонија и покажува дека уметничкиот потенцијал не знае за поделби и хендикеп, како и дека креативните потенцијали на лицата со телесен инвалидитет се исклучителни и многу поважни од предрасудите. Преку нашите активности се обидуваме да постигнеме едно ново ниво на односи и зајакнување на јавната свест во општеството за можностите на лицата со телесен инвалидитет“ – истакна претседателот на Мобилност Македонија. 

Во рамките на манифестацијата беа одржни и 21-те Литературни читања и доделени плакети на трите првопласирани творби според мислењето на стручното жири.Првото место го освои Билјана Тодоровска од Битола со творбата „Еликсир на животот“, второто место и припадна Јасмина Стојановска од Скопје со „Недоразбирање“ и третото место на Кире Ивановски од Прилеп со творбата „На мојата мила“. Плакетите на првонаградените им ги врачи генералниот секретар на сојузот, Софка Прчева.
Манифестацијата беше масовно посетена, беа изготвени пригодни постери, каталози а беше организиран и коктел за учесниците и гостите на манифестацијата....

Б.Јовановски