На 04.04.2016 година во Музејот на македонска борба беше одржана прес конференција за промоција на вториот гранд за самовработување на лицата со инвалидност на која присуствуваа заменик министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, Директорот на СВРМ Влатко Поповски и претседателите на националните сојузи на лица со телесен инвалидитет Бранимир Јовановски, на слепи Жарко Селковски и на глуви Васко Марковски.
Сите заинтересирани лица со инвалидност кои се работоспособни од 04.04.2016 година ќе можат да аплицираат за грант за самовработување преку отворање сопствен бизнис во висина од 270 илјади денари. Дополнително, тие ќе можат да вработат уште најмногу две лица, за кои ќе добијат по 92.000,00 денари. Овие лица може, но не мора, да бидат со инвалидност. Средствата од грантот се наменети за опрема и материјали. За адаптација на работното место на лицето со инвалидност АВРМ ќе им исплати и дополнителни 100 илјади денари, а девет месеци по отворањето на бизнисот, доколку правното лице уплаќало придонеси и плати ќе може да аплицира за неповратни средства во висина од 20 просечни плати, согласно Законот за вработување на инвалиди.
- Лицата со инвалидност имаат знаења способности и вештини кои може да ги искористат и за отворање на сопствен бизнис и за самовработување. Преку огласот ќе се обезбедат можности за лична егзистенција и токму поради тоа државата предвиде финансиска поддршка преку која ќе им помогне да се самовработат, рече на денешната прес-конференција заменик министерот за труд и социјална политика Диме Спасов. Тој појасни дека со оваа мерка на лицата со инвалидност ќе им се обезбеди можност да посетуваат обука за меки вештини, за претприемништво и бизнис планирање да добијат потврда, менторство и стручна поддршка во текот на програмата и по регистрацијата на сопствениот бизнис, да се регистрираат како правен субјект и да се самовработат. Доколку лицето не е регистрирано како активен барател на работа или воопшто не е регистрирано како невработено лице тоа може да го направи во Центрите за вработување, а еден ден потоа да аплицира за добивање на овие средства. Заменик министерот Спасов ги повика сите лица со инвалидност кои се работоспособни, а своето вработување сакаат да го решат со финансиска поддршка од оваа програма да се пријават во центрите за вработување, или на веб страниците: www.samovrabotuvanje.mk или www.avrm.gov.mk. За реализација на оваа мерка за 2016 е предвиден буџет од 49 милиони денари.
Директорот на СВРМ Влатко Поповски информира дека ова е втор оглас кој се објавува, а се однесува на самовработување на лицата со инвалидност. Во првиот се пријавиле над 160 лица и обуките се во тек, дел се завршени и се пристапува кон определување ментор кој ќе им помогне да го направат бизнис планот, по што тој ќе биде оценет и ќе им бидат доделени средствата. Аплицирањето за вториот грант стартува веднаш, и како што рече, нема временско ограничување и ќе се аплицира до исполнување на бројката за која има средства.
Задоволство од мерката изразија и претседателите на националните сојузи на лицата со инвалидност во Македонија. На ваков начин, сметаат тие, ќе се реши еден голем проблем на овие лица и дел од нив ќе можат да дојдат до вработување.
„Овие мерки кои водат кон можноста за решавање на суштествено егзистенцијално прашање на секој човек, а со тоа и на самите лица со телесен инвалидитет, како што е вработувањето, се мошне корисни и ние ги повикавме нашите членови да се јават на овој повик бидејќи ова е една од можностите да го надминат проблемот и да се вработат“, истакна претседателот на Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија – Мобилност Македонија, Бранимир Јовановски.
Истиот став го дели и претседателот на Националниот сојуз на слепи и слабовидни лица Жарко Селковски кој ја искористи приликата да ги повика членовите на овој сојуз да аплицираат за оваа мерка и да се обидат да се осамостојат преку самовработување.
Претседателот на Нациоалниот сојуз на глуви и наглуви лица Васко Марков истакна дека се надева оти и за овој повик како и за претходниот ќе има интерес, бидејќи, како што потенцира, ова е начин како тие да се интегрираат во општествените текови и да обезбедат сопствена егзистенција.
Б.Јовановски