НАЦИОНАЛЕН СОЈУЗ НА ЛИЦА СО ТЕЛЕСЕН ИНВАЛИДИТЕТ НА МАКЕДОНИЈА     

Mobile menu

2Познатиот говорник, мотиватор и хуманист Ник Вујичиќ беше централна фигура на големиот хуманитарен настан кој се одржа во Скопје на 16 април во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ каде за првпат говореше пред македонската публика. Тој е роден во 1982 година во Бризбејн, Австралија со ретко медицинско пореметување кое е необјасниво за докторите - тетра амелија синдром, а се карактеризира со отсуство на четирите екстремитети. Држел говори во 43 земји и разговарал со повеќе од 4.5 милиони луѓе, а и гледаноста на неговите видеа на интернет се милионски. Меѓу неговата публика се вбројуваат претседатели на држави и бизнисмени, средношколци, луѓе со инвалидитет, родители, деца, затвореници.  "Ако не можеш да постигнеш чудо, тогаш биди чудо" и "секој има избор да биде благодарен за она што го има или огорчен за она што го нема" е мотото на светски познатиот мотивациски говорник. Иако роден без четирите екстремитети, со исклучително тежок животен почеток, тој денес е успешен, целосно самостоен и со желба да инспирира други луѓе преку неговите говори на голем број конференции низ светот.

Имав чест и задоволство, по покана од организаторот на настанот, на самиот почеток да бидам дел од манифестацијата искажувајќи го накусо, во само неколку минути, својот животен пат, од здраво родено дете, преку прележана детска парализа на 11 месечна возраст, повторното застанување на нозе по повеќегодишен третман и упорност од моите родители, силната депресија во пубертетските години и излезот од истата со цврста одлука да го живеам животот со „полни плуќа“ без „постојано притискање на кочница“, нормален живот од возење мотори, свирење гитара, одење во дискотеки, напорно и целосно посветено спортување кое ми ја донесе титулата параолимписки шампион и светски рекордер, меѓутоа и за трнливоста на животниот пат кој честопати не ме штедеше. Мојата приказна беше само увертира и капка во морето, пред генијалниот Ник да ја сподели својата приказна со сите нас во неговиот едно и пол часовен мотивациски говор исполнет со френетични аплаузи додека ги презентираше животните искуства, мотивацијата и поред тешките оштетувања да се пронајде себе си и да стане успешен деловен човек, шегобијни ситуации во кои се наоѓал, шеги на своја сметка, но и совети кон младата популација за споделување на љубов, солидарност и разбирање, како и длабока верба во Бога и самоспознавање.

Ник, ти благодарам за прекрасното излагање, споделеното искуство и големата хуманост, доделувајќи ги средствата од продадените билети како донација за опремување со реквизити на првата спортска сала за рекреирање и спортување на лицата со инвалидитет во Скопје.