НАЦИОНАЛЕН СОЈУЗ НА ЛИЦА СО ТЕЛЕСЕН ИНВАЛИДИТЕТ НА МАКЕДОНИЈА     

Mobile menu

11Во период од 17-24.04.2016 година во Охрид се одржа седмата по ред меѓународна ликовна колонија на која учествуваа 23 уметници од шест држави и тоа: Тома Димовски, Роза Мојсовска, Мирослав Славковиќ, Санда Миева, Петра Јовановски, проф. Зоран Јакимовски, Богоја Мојсоски, Виданка Мојсоска  и Томислав Нешковски од Македонија, Варвара Дивишова и Ленка Малиска од Чешка, Жељан Павиќ од Хрватска, Јован Мијиќ, Јована Јоциќ, Марија Алексиќ,       Станислава Летиќ, Клара Томиќ-Касаш, Лидија Милутиновиќ и Иван Шарчевиќ од Србија, Борис Штер и Клавдиљ Лебан од Словенија и Севда Патурлијан од Бугарија.

Уметниците беа сместени во апартманите на Мобилност Македонија во Охрид, а сојузот како и секоја година, обезбеди сликарски материјали (платна, бои, штафелаи и останати материјали) и исхрана за сите учесници на колонијата. Интересот за учество на колонија е голем и од здруженијата на лицата со телесен инвалидитет, но и од академските сликари. Мобилност Македонија се труди постојано да има нови учесници. На оваа колонија има двајца учесници  кои заради својата инвалидност цртаат со уста. Една од нив е нашата сликарка-аматер Роза Мојсоска, која е член на светското здружение на лица кои цртаат со уста и нозе. Во својата изјава за медиумите. Роза истакна дека е задоволна од учеството на колонијата и од она што го насликала во изминативе денови. Оваа година инспирација и беше лебедот од Охридското езеро, но наслика и девојка во ливада. Како што истакна Роза, таа многу ги сака ливадите  и цвеќињата. Господ и дал дарба за цртање и тоа го пренесува на платно.

Сликарот Иван Мијовиќ-Мија од Пирот, Србија, се труди да наслика што повеќе платна со прекрасни пејзажи од Охрид.Тој пред  повеќе од 3 децении бил во Охрид, а денес нашол само две згради на кои се сеќава дека биле од тогаш, едната од нив кај Водоводот и ја насликал. Другото за него било се ново и  изменето.

Жељан Павиќ од Ријека, Хрватска  е за прв пат во Охрид, а често е учесник на хуманитарни колонии. Чест му е што учествуваше на нашата ликовна колонија во Охрид, град кој е инспирација за секој уметник. Неуморно слика секој ден во обид што повеќе квалитетни слики да остави  во сопственост на Мобилност Македонија.

За време на одржување на колонијата двајца уметници имаа роденден, Клара Касаш-Томиќ и Клавдиљ Лебан. Организаторот на колонијата им приреди скромна забава со скромни подароци по повод нивните родендени.

Сликите создадени  на оваа колонија ќе бидат изложени на 2-ри декември во чест на „3-ти Декември“ – Меѓународниот ден на лицата со инвалидност.