НАЦИОНАЛЕН СОЈУЗ НА ЛИЦА СО ТЕЛЕСЕН ИНВАЛИДИТЕТ НА МАКЕДОНИЈА     

Mobile menu

1Здружението на лица со телесен инвалидитет „Мобилност“ – Скопје, оваа година за прв пат го обележа меѓународниот ден на лицата болни од мултиплекс склероза на последната среда од месец мај, кој ден од 2009 година официјално е прифатен во светот како ден на МС.

Настанот се одржа на плоштадот „Македонија“ на 25 мај под мотото „Имаме мултиплекс склероза, но таа не нема нас“. На настанот присуствуваа дел од членовите на Здружението, се делеа флаери со кратки информации за болеста, а присутните беа облечени во портокалови маици на кои беа испечатени пораки „Јас можам се“, „Не сум мрзлив, имам МС“, „Не сум пијан имам МС“. На овој начин лицата кои боледуваат од Мултиплекс склероза се обидоа да ја подигнат свеста на граѓаните за оваа тешка болест односно  „да не се осудуваат прерано луѓето кои не одат стабилно, дека можеби не се под дејство на алкохол, туку  се борат со ова сериозно заболување“.

Како најзначаен би се издвоил отворениот апел кој лицата  болни од ова тешка болест го упатија до институциите, министерствата и фондовите, со кој се бара најновите и современи терапии кои се со поголема ефикасност да бидат пристапни до поголем број пациенти, со цел да не дојде до прогресија на болеста, туку на лицата болни од мултиплекс склероза значително да се олесни животот, справувањето со работните обврски, начинот на функционирање и секако придонесот во општеството. На тој начин би било овозможено овие лица да не бидат товар на државата, туку функционални, работоспособни и корисни граѓани.

Случувањата по повод Меѓународниот ден на лицата болни од мултиплекс склероза го збогатија и присутните доктори од Клиниката за Неврологија кои имаа обраќање до медиумите и ставија акцент на сериозноста на оваа болест која е проследена многу често со инвалидитет. Во светот регистрирани се 2,3 милиони пациенти со МС, додека во Република Македонија таа бројка се движи околу 1.200. Алармантно е што бројот на заболените од мултиплекс склероза во земјава од година во година се повеќе се зголемува, се јавува кај помлади лица, односно од дваесетата до четириесетата година од животот, а најзагрижувачки е фактот што оваа болест се дијагностицира кај се помладата популација.

Посебна заслуга за успешноста на самиот настан имаа електронските, телевизиските и пишаните медиуми кои со нивниот ангажман и масовно присуство целосно го поддржаа обележувањето на Меѓународниот  ден на лицата болни од мултиплекс склероза, а апелот упатен до надлежните институции го пренесоа на адекватен и достоинствен начин.

Веруваме дека гласот и пораката упатени од пациентите болни од мултиплекс склероза допре до пошироката јавност, а беше слушнат и од ресорните органи на државата.

Ана Карајанова-Димитрушева