На 01.07.2016 година, градоначалникот на Град Скопје и директорот на Јавното сообраќајно претпријатие-Скопје, го промовираа новото комбе-возило посебно адаптирано за превоз на лица во инвалидска количка.
Здружението на лица со телесен инвалидитет на град Скопје – Мобилност Скопје, повеќепати реагираше до администрацијата на Градот Скопје за потребите од зголемување на боројот на адаптирани комби-возила за превоз на лицата во инвалидска количка. Трите адаптирани возила набавени и пуштени во употреба во 2010 година ни од далеку не ги задоволуваат потребите на лицата во инвалидска количка во градот.
Барањето на Мобилоност Скопје е сериозно разгледано и Јавното сообраќајно претпријатие почна редовно го следи превозот и потребите на оваа категорија на граѓани, при што утврди дека маршутите се добро организирани и дека опфаќаат оптимален број на корисници. Исто така утврди дека бројот на корисници и нивните потреби се зголемуваат и дека е потребно зголемување на бројот на возилата, односно обезбедување нови возила.
Во буџетот на Градот Скопје во 2016 година беа предвидени средства во висина од 1.760.000,00 денари со кои е набавено четвртото адаптирано комбе-возило за превоз на лицата во инвалидска количка.
Од Градот Скопје на годишно ниво се издвојуваат 5 до 6 милиони денари за реализација на овој вид превоз.Овој вид на превоз го користат околу 500 лица во инвалидска количка граѓани на Градот Скопје.
Превозот е организиран на база на телефонски јавувања според кои се прави распоред на возење. Закажувањето на превозот се договара во работни денови, еден ден порано, во периодот од 8ч. до 15ч. на бесплатниот телефон 080015115, или од 5 наутро до 24 часот закажувањето се врши на телефонот 3173 224 и овој повик се наплаќа по нормална тарифа.
Корисниците го користат превозот за разни потреби, како за превоз до здравствени установи, превоз до училиште и факултет, превоз до работно место, за остварување права од созијалната заштита, посета на спортски и културно-забавни настани и слични манифестации.
За реализација на овој вид превоз се ангажирани 8 возачи и еден диспечер. Дневно се реализираат околу 40 превози или околу 1200 превози месечно.
Правилата за организирање и вршење на овој вид на превоз се достапни до здруженијата на граѓани, до корисниците и до пошироката јавност. Истите се определени во заедничка соработка со лицата за копишто е наменет превозот, надлежните служби во Градот Скопје како и службата во Јавното сообраќајно претпријатие - ЈСП Скопје.