XXII Музички фестивал на лицата со телесен инвалидитет во организација на Мобилност Македонија, а во соработка со Општина Струмица, што требаше да се одржи на 7 август во рамките на VII-от Опен Фест Струмица не се одржа.
Ден пред тоа на 6 август во Скопје и околината се случија катастрофални поплави во кои повеќе од 20 лица ги загубија своите животи, многу повеќе беа повредени, а над 1000 лица останаа без покрив на главата. Владата на Република Македонија прогласи ден на жалост, а Мобилност Македонија, Општината Струмица и организаторите на Опен Фест Струмица ги одложија сите настани кои требаше да се случат на 7 август во рамките на фестивлот, во знак на сочуство со фамилиите на загинатите, повредените и настрадните во поплавите.
Мобилност Македонија како општествено одговорна организација упати сочувство кон семејствата на жртвите од невремето и кон семејствата кои претрпеа голема материјална штета, ги повика своите членови масовно да се вклучат во донаторската акција и во рамките на своите можности да донираат облека, средства за хигиена, храна и други материјали и парични средства, а од своите скромни средства за активност уплати на сметката на солидарност 30.000,00 денари.
Искрено сочувствуваме со болката на семејствата од настраданото подрачје.
Посакуваме никогаш повеќе да не се повтори.
XXII Музички фестивал на лицата со телесен инвалидитет на Македонија ќе се одржи во рамките на активностите кои Мобилност Македонија ги предвидува согласно Програмата за работа на 22 и 23 октомври кога ќе се одржат Републичкиот квиз во знаење и манифестацијата Тортијада во организација на Мобилност Струмица.
На овогодинешниот музички фестивал беа пријавени 15 членови од: Мобилност Скопје, Мобилност Прилеп, Мобилност Штип, Мобилност Струмица, Мобилност Кавадарци и Мобилност Велес. Двајца од нив се пријавија да настапат со песни од забавен карактер. Комисијата одлучи тие да не учествуваат во натпреварувачкиот дел од фестивалот, туку да настапат во ревијалениот дел, додека жири комисијата одлучува за наградите. Комисијата исто така одлучи во натпреварувачкиот дел да настапат 11 од пријавените. Нив како и секогаш ќе ги придружува оркестарот на Мобилност Македонија – „Феникс’ На најдобрите тројца изведуваче ќе им бидат доделени плакети.
С.Прчева