НАЦИОНАЛЕН СОЈУЗ НА ЛИЦА СО ТЕЛЕСЕН ИНВАЛИДИТЕТ НА МАКЕДОНИЈА     

Mobile menu

1Денес, 18.01.2017 година, во канцеларијата на Мобилност Македонија беше одржан работен состанок со господин Амир Гоичмен од Израел, координатор на проекти при Центарот за соработка и напредок (Center for Cooperation and Advancement). На средбата присуствуваа: генералниот секретар на Мобилност Македонија, Совка Прчева, претседателот на Мобилност Битола, д-р Нико Јанков, кој всушност и ја започна соработката со Центарот за соработка и напредок (Center for Cooperation and Advancement) кон крајот на минатата година во Битола, како и координаторот на проекти при Мобилност Битола, Ивона Јанкова.

 

Центарот за соработка и напредок (Center for Cooperation and Advancement) работи во соработка со „МАШАВ“, израелска агенција за меѓународна развојна соработка и министерството за надворешни работи на Израел. Станува збор за тренинг центар кој нуди обуки според потребите на земјите од целната група, пренесувајќи ги искуствата и методологијата развиена во Израел.

„Машав“ има 720 центри низ Израел. Секој центар има посебна, специфична област, како на пример таргет земја, континент, или пак индустрија, земјоделство и сл. Центарот за соработка и напредок работи во областа на културата, економијата и образованието, а сето тоа е достапно во 58 програми. Со оглед на тоа што е под закрила на „МАШАВ“ и министерството за надворешни работи на Израел, центарот не работи за профит, односно може да се нарече полу-профитна организација.

Во Израел, секоја година се одржуваат 2-3 тренинзи на тема интеграција на лицата со инвалидност во општеството, а на овие тренинзи се поканети експерти од разни земји. Сите учесници на овие курсеви и тренинзи добиваат диплома од министерството за надворешни работи, која важи речиси во целиот свет. За жал, Македонија засега не е дел од целната група, но се надеваме дека наскоро тоа ќе се смени.

Она што кај нас, па и во Европа се обидува да се достигне во подолг временски период, во Израел е речиси комплетно имплементирано во изминативе 15 години. Имено, според законот, до крајот на 2017 година не смее да има ниту еден објект, приватен или јавен, кој дава некакви услуги, а да не е пристапен за сите. Од особена важност е вклученоста на заедницата, која е комплетно вклучена во интергацијата на лица со каква било инвалидност или попреченост, често осудувајќи ги установите или компаниите кои не се придржуваат до правилата за пристапност.

Мобилност Македонија ќе добие покана за учество на пет дневен тренинг во Израел, со цел да се запознаеме со работата на Центарот за соработка и напредок (Center for Cooperation and Advancement), а претстои и потпишување на меморандум за соработка и согласност за заеднички настап при аплицирање на проекти од ЕУ и ИПА фондови.