15.02.2017 година, хотел „Континентал“ Скопје, тематска расправа „ЗДРАВСТВЕНА ЗАШТИТА И ЗДРАВСТВЕНО ОСИГУРУВАЊЕ НА ЛИЦАТА СО ИНВАЛИДНОСТ ВО Р.МАКЕДОНИЈА“
Тематската расправа ја отвори министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими, претседателот на Националното координативно тело за еднакви права на лицата со инвалидитет во РМ, Бранимир Јовановски и претседателот на Националниот совет на инвалидски организации на Македонија, Душан Нешевски.
Раководител на тематската расправа и модератор беше д-р Василка Димовска, секретар на Националното координативно тело за еднакви права на лицата со инвалидитет во РМ,
Претседателот на Мобилност Македонија во својата презентација истакна: „Човекот како интегрална целина, на физичките, психичките и социјалните компоненти кои се обусловени и меѓусебно зависни, од раѓањето и во текот на целиот свој живот, е изложен на многубројни влијанија кои најразлично се одразуваат врз неговата целокупна личност. Разни причини доведуваат до определени последици на човековата состојба, на неговиот статус, на улогата и местото во општествената заедница. Една од тие причини за подобрување на статусот, на улогата и местото во општествената заедница за лицата со инвалидност, а особено за лицата со телесен инвалидитет, секако се ортопедските помагала. Широка е лепезата на ортопедски помагала што ги користат лицата со телесен инвалидитет во секојдневниот живот. Дел од најкористените и најважните за нивната потполна инклузија во општеството и изедначување на можностите со останатите се: инвалидски колички, надколени и подколени ортози, надколени и подколени протези, ортози и протези за раце, корсети, ортопедски чевли, патерици....
Ортопедските помагала се единствената можност за нивната мобилност, вертикализација, тие се услов за нивно самостојно движење, одење на училиште, на работа, посета на културно-забавни и спортски настани, излети, прошетки....со еден збор, помагалата им се составен дел од животот без кои претходно кажаното би било невозможно. Меѓутоа исто така е важен квалитетот на изработката и дизајнот на ортопедските помагала што ги користат лицата со телесен инвалидитет бидејќи истите од страна на ФЗОМ се наменети за повеќегодишно користење (2,3 или 5 години во зависност од помагалото). Квалитетот е важен заради истрајност и беспрекорно функционирање се до правото на замена, а дизајнот заради body language и невербалната комуникација што ја испраќаме до останатата популација.
Според Правилникот за оцена на специфичните потреби на лицата со пречки во физичкиот или психичкиот развој (чл.10, Службен весник на РМ бр.30/2000 год) телесната инвалидност е сосотјба на намалување или губење на функционалната способност на еден или повеќе делови на телото со што значително се намалува способноста на лицето во задоволувањето на основните животни потреби.
Во зависност од специфичните потреби што се јавуваат какао последица на ваквите промени на организмот телесната инвалидност може да биде тешка, потешка и најтешка. Тешка телесна инвалидност се јавува во оние случаи кога лицето може самостојно да ги задоволва своите потреби со соодветни ортопедски помагала или адаптација на физичката средина.
Конвенцијата на ОН за правата на лицата со инвалдност обрнува посебно внимание на достапност до ортопедските помагала.
Член 4 – Основни обврски
1. Земјите потписнички се обврзуваат да обезбедат и промовираат целосно остварување на сите човекови права и основни слободи на сите лица со инвалидност без било каква дискриминација врз основа на инвалидност. За таа цел, земјите учеснички се обврзуваат:
г. да преземат или промовираат истражување и подобрување, како и унапредување на достапноста и користењето на нови технологии, вклучувајќи и информатички и комуникациски технологии, подвижни помагала, справи и помошни технологии, соодветни за лицата со инвалидност, давајќи приоритет на технологии со достапни цени;
Член 20 - Лична мобилност
Земјите потписнички преземаат ефикасни мерки за да обезбедат лична мобилност со највисока можна независност на лицата со инвалидност, особено преку:
б. овозможување пристап на лицата со инвалидност на квалитетни помагала, справи и помошни технологии и облици на помошници и посредници, особено по достапни цени;
д. поттикнување на ентитетите кои произведуваат помагала, справи и помошни технологии да ја земат предвид мобилноста на лицата со инвалидност;
Конкретни предлози од Мобилност Македонија:
1. Право на активна инвалидска количка (скелет од алуминиум или друг лесен материјал, седиште од техничка ткаенина подесиво по висина, широчина на седиште од 38-50 см, папучи подесиви по висина, вкупна тежина до 13кг (на фабрички модел со најмалата ширина на седиште), штитници за задни тркала, можност за различно прилагодување на задните тркла, можност за вадење на задните тркала без алат, за осигурени лица над 18 години со параплегија кои имаат прилагодено моторно возило и возачка дозвола.
2. Право на инвалидска количка на електромоторен погон врз основа на дијагноза и утврдена потреба, без ограничување на правото на добивање на истата осигуреното лице да биде во работен однос, или да врши дејност врз основа на која е осигурено, како и за децата кои се на редовно школување до 18, односно 26 годишна возраст;
3. За одредени дијагнози (параплегии, квадриплегии, тетра и парапарези од потежок степен), поред собна инвалидска количка, на осигуреното лице да му се издава и тоалетна количка;
4. Вертикализатор, механичка справа за правилно и сигурно исправање на лицата во инвалидска количка од седечка во стоечка положба. Поред терапевтска улога при што значително ги намалува пореметувањата како резултат на неподвижноста, како што се: отварање на декубитуси, намалена циркулација, разни болести на мускулно-коскениот систем, исто така овозможува и поголемо самостојно движење низ просторијата;
5. Медицински кревет и антидекубитен душек . Креветот има функција да се подигне душекот до висина од 0,8 метри заради полесно негување на лицето, хранење, преоблекување, масажа. Исто така има можност за превиткување во делот на колената и на слабинскиот дел подигајќи го торзото во полуседечка положба. Антидекубитен душек штити од иритација на кожата, појава на црвенило и декубитусни рани;
6. Зголемување на референтните цени на ортопедските помагала, преку враќање на одредбата за средна цена од референтните земји (Словенија, Хрватска, Бугарија и Србија) во Правилникот за утврдување на начин и методологија за утврдување на цени на ортопедски и други помагала, а не како што сега стои во правилникот во член 7 „најниска цена“. Исто така утврдување на можност за доплата над утврдена референтна цена при набавка на ортопедските помагала;
7. Враќање на правото за Набавка на ортопедски помагала со доплата на сумата над определената референтна цена.
Во член 11 став 4 од Правилникот стои: „Надстандардното ортопедско помагало е на терет на осигуреникот.” Овој термин се толкува несоодветно. Во нашиот случај не се работи за „надстандардно ортопедско помагало” туку за ортопедско помагало со доплата на цената над определената референтна цена на сметка на осигуреникот. Стандардот и на едните и на другите помагала е ист (изработени од кожа, метал, пластика...) разликата е во квалитетот на изработката, дизајнот, полесни материјали и компоненти, итн. Враќањето на ова укинатото право на корисниците НЕ ГО ОПТОВАРУВА ФИНАНСИСКИ ФЗОМ бидејќи фондот секако има обврска на осигуреникот, корисник на ортопедско помагало, да му овери потврда за ортопедското помагало и да ја исплати утврдената референтна цена по неговата набавка.
8. Намалување на роковите за користење на ортопедските чевли за возрасни од 18 месеци, истиот да се намали на 12 месеци, како и Потпишување на договор на ФЗОМ со ортопедски куќи за изработка на сите видови на ортопедски чевли (особено на ортопедски чевли со повишување преку 7 цм за кое нема потпишан договор подолго време со ниедна ортопедска куќа заради несоодветно утврдена референтна цена);
9. Изработка на шифрарник по ИСО стандарди со посебна шифра за секое ортопедско помагало, со под-шифри за секој производител на ортопедското помагало пооделно (по урнекот на Попис на помагала во Р.Хрватска кој стапи на сила на 23.06.2016 година), како и дефинирање на стандардот на ортопедските помагала со цел да се добие соодветен квалитет и определи реална референтна цена на помагалата;
10. При изработка на новиот Правилник за индикации за остварување на право на ортопедски и други помагала, да се воведат пософистицирани ортопедски помагала, делови и материјали за изработка на истите. Пример: Да се одобрат пософистицирани колена за протези за долни екстремитети (хидраулика, пневматика), активни (динамички) стопала, силиконски навлаки (линери) итн., кои ќе се одобруваат комисиски, кај високо активни корисници (критериуми: години на старост, вработеност или школување и физички капацитети кај пациентот). Согласно актуелниот Правилник, ФЗОМ им го нуди истиот стандард на младите и активни корисници како и на неактивните возрасни осигуреници над 65 год.;
11. Да се формира комисија при ФЗО која ќе утврдува потреба од изработка на индивидуални ортопедски помагала или делови за нивна изработка кои не се опишани во Правилникот или се над пропишаната референтна цена, а за истите постои индикација и оправдана потреба од нивно користење.
12. Да се дефинираат и одобрат соодветни ортози за долни екстремитети (пасивни и динамички ортози) од соодветни материјали (карбонски) кои ќе ја намалат тежината на помагалото, со дефинирани зглобови вградени во ортозите кои ќе бидат лесни за носење, а во исто време цврсти и сигурни за корисникот.
13. За параплегии, тетраплегии, на терет на фондот да се издаваат силиконски катетри (Нелатон) за самокатетаризација, и да се предвиди обука за самокатетаризација. Овие катетри придонесуваат кон намалување на компикациите кои што ги предизвикува долготрајната употреба на катетаризација како што се: крвни инфекции (сепса), оштетување на уретрата, појава на крв во урина и сл.;
14. Лекување на декубитус во болнички услови (обично со оперативен зафат) да се измени времетраењето на третманот од сегашните 15 дена, до 60 дена во зависност од реалната потреба за целосно заздравување по процена на докторот. Декубитусот како патолошки процес во кој се јавува некроза на меките делови на кожата, поткожното ткиво, па дури и до коската, претставува влезна врата за многу микроорганизми при што настануваат инфекции кои понекогаш се фатални за лицето. Лечењето, пред се хируршкото, бара постојана грижа од медицинскиот персонал и подолго времетраење за заздравување од досега предвидените 15 дена болничко лекување;
15. Средства за инконтиненција (пелени, влошки, уринарни кондоми) да се зголеми понудата на пазарот (по големина, форма, впивливост, константност...), и можност на избор од корисниците. ФЗОМ да објави оглас за право на набавка на уринарни кондоми, кои не се опфатени во моментот.
16. Рехабилитација за параплегија и тетраплегија наместо сегашните 21 ден, да се зголеми до 60 дена во зависност од препорака на лекар;
17. Проширување на листата на пациенти кои ќе добијат можност за специјализирана медицинска рехабилитација (еднаш годишно до 21 ден) со дијагнозата детска парализа.
19. Лекување на лица со мултипла склероза сега се спроведува со Интерферон кој кај некои пациенти не дава резултати и има нус појави (Интерферонот се дава преку инекции). Бараме за лекувањето на лицата со мултипла склероза да се зголемат средства од буџетот на фондот и да се воведе терапија на лекови (таблети) поефикасни и поодамна воведени во светот а во последно време и во соседните држави и тоа:
-dimetilfumarad со фабричко име tekfidera
-natalizumab – tusabri
figolimot – gilenija
Со овие лекови на Клиника за неврологија во Скопје во моментот се лекуваат 34 лица, а по процена на лекарите би требало да се стават на терапија уште 100 од евидентораните 850 лица;