НАЦИОНАЛЕН СОЈУЗ НА ЛИЦА СО ТЕЛЕСЕН ИНВАЛИДИТЕТ НА МАКЕДОНИЈА     

Mobile menu

1На 17.07.2017 година во просториите на Министерството за труд и социјална политика се одржа работен состанок со министерот за труд и социјална политика, Мила Царовска. На состанокот присуствуваа: претседателот на Мобилност Македонија, Бранимир Јовановски, претседателот на ПОРАКА, Чедо Трајковски, претседателот на Сојуз на слепи, Жарко Селковски, претседателот на НСИОМ, Коце Димов и раководителот на НСИОМ, Драган Дојчиноски.

Претседателот на Мобилност Македонија во своето излагање истакна: 
„Националниот сојуз на лицата со телесен инвалидитет на Македонија-Мобилност Македонија е национална инвалидска организација која директно пред институциите на државата ги претставува и застапува интересите за подобрување на правата и положбата на повеќе од 8.500 доброволно зачленети лица со телесен инвалидитет, а индиректно, на сите лица со телесен инвалидитет кои живеат на територијата на РМ, кои од било кои причини не изразиле желба да бидат зачленети во сојузот.


Во своето делување Мобилност Македонија има ставено посебен акцент во елиминирање на бариерите со неколку главни области на акција, како што се: пристапноста, образованието, вработувањето, социјалната заштите, здравствената заштита и подигањето на јавната свест.
1 – Пристапност
Пристапноста е основна бариера за потполна инклузија на лицата со телесен инвалидитет во општеството и се дефинира како можност лицата со телесен инвалидитет да имаат пристап, на еднаква основа со другите, на физичкото опкружување, транспортните, информатичките и комуникациските технологии и системи (ИКТ), како и други објекти и услуги. Во сите овие области сеуште постојат големи бариери, особено според фактот дека постоењето на едни бариери метастазира други бариери кои ја спречуваат повеќекратно инклузијата на лицата со телесен инвалидитет во општеството. 
Пример пристапност: доколку лицето со потежок телесен инвалидитет нема квалитетни ортопедски помагала заради бариерите во Законт за здравство и подзаконските акти, нема да може да се движи, а со самото тоа станува социјално изолиран. Скалите во училиштата, неадаптираните тоалети и недостаток на лифтови за премостување на висински бариери, недостаток на асистивна технологија, ги принудува лицата со потежок телесен инвалидитет да останат со низок степен на образование, без соодветни знаења и вештини, што понатаму ги прави неконкурентни на пазарот на трудот. Високата стапка на невработеност кај лицата со телесен инвалидитет значи дека тие директно се на терет на институциите на државата, материјално необезбедени и на работ на сиромаштијата. Неможејќи да ја обезбедат својата егзистенција, автоматски не можат ни да носат сериозни одлуки во животот како што се засновање на брачен однос, купување на стан, автомобил...и тоа само заради неколку скали или непристапен транспорт. Да биде иронијата поголема, со нашето повеќегодишно делување успеавме да излобираме промена на закон за градба и подзаконски акти кои темелно ја опишуваат пристапноста до и во градбите, меѓутоа истите не се почитуваат од инвеститорите, но и од институциите кои даваат дозволи за градба и подоцна употребни дозволи на објектот што е недопустиво.
Пред некој ден токму овде во просториите на министерството се одржа работен состанок на тема деинституционализација на која меѓу другото на наше поставено прашање околу архитектонските бариери во објектоте во кои се одржува настава во основно и средно образование како бариера за деинституционализација, од министерството за образование сувопарно коментираа: „па тоа е надложност на локалните самоуправи“!!!? Не се работи за детектирање на надлежност, се работи за спречување на можност една (или повеќе) млади лица со потежок телесен инвалидитет да се вклучат во системот на образование, да се стекне со знаења и вештини конкурентни за пазарот на трудот, успешно да ја гради својата иднина како корисен член на општеството.
И токму овие примери водат кон следната област на акција, Социјалната заштита.
Помалото учество во општото образование и на пазарот на трудот, доведуваат до нееднаквости во приходите и сиромаштија за лицата со телесен инвалидитет, како и до социјално исклучување и изолација. Лицата со телесен инвалидитет мора да имаат можност да ги користат системите за социјална заштита и програмите за намалување на сиромаштијата, помош во врска со нивната инвалидност, сервиси за лична асистенција, пристап до програми за јавно домување и други услуги, како и програми за пензионирање и бенефиции во процесот на работењето. 
Мобилност Македонија очекува во натамошната комуникација да биде вклучен во изработка на новиот Закон за социјална заштита особено при одредување на националните мерки за обезбедување на квалитет и одржливост на системите за социјална заштита за лицата со телесен инвалидитет, преку размена на искуства и взаемна соработка, а се со цел за промовирање на пристојни услови за живеење за лицата со телесен инвалидитет.
На самиот крај сакам да ги поздравам преземените активности на министерството во однос на реализација на нашите барања за измена на Законот за социјална заштита во однос на бришење на материјалниот цензус за остварување на право на надоместоците (нега и помош, мобилност и сл), врзување на надоместокот со процент од просечна месечна плата во РМ за минатата година, како гаранција дека надоместоците со тек на време нема да еродираат, поедноставување на начинот на преглед и добивање на решение за користење на одреден надоместок од областа на социјалната заштита.-, како и останати измени кои це доведат до поголема социјална сигурност и заштита на лицата со телесен инвалидитет.
Секако и една сериозна забелешка, Објектите во кои делуваат Центрите за социјална работа во РМ се непристапни за лицата со потежок телесен инвалидитет. Министерството пред повеќе години на својата веб страница имаше Програма за овозможување на пристапност на центрите, која во меѓувреме е симната од страницата, но пристапноста не се подобри, иако беа спроведени одредени активности околу реновирање на објектите по локалните самоуправи.“
Министерот Царовска истакна дека во иднина може да сметаме на поддршка од министерството за реализација на нашите програми и побара поконкретно опишување на барањата во програмите и насочување на активностите и средствата кон подобрување на правата и положбата на лицата со инвалидност.