На 01.08.2017 година во Министерството за труд и социјална политика се одржа работна средба помеѓу министерот Мила Царовска и претставниците на Работната група за измени и дополнувања на Законот за социјална заштита. На средбата присуствуваа и претставници на повеќе граѓански здруженија и инвалидски организации.
Министерот Царовска го промовираше предлог Законот за измени и дополненија на Законот за социјална заштита, во кој за лицата со телесен инвалидитет се предвидуваат следните измени:
-во член 10, став 2, се додава алинеја 6 со која се предвидува грижата на РМ за намалување и спречување на социјалниот ризик на граѓаните меѓу другото да се остварува и реку мерката за обезбедување на персонална асистенција;
-Во членот 72 се брише став 2 што всушност претставува бришење на лимитот за остварување на правото на надоместок за помош и нега од друго лице. Со ова измена правото може да го оствари секое лице кое ги задоволува пропишените критериуми без ограничување неговиот годишен приход по сите основи да изнесува најмногу до вкупниот годишен износ на просечна нето месечна плата;
-Во член 82, став 1 се менува во однос правото на надоместок на плата за скратено работно време за нега на дете со телесни пречки во развој (кој беше лимитиран до 26 годишна возраст), родителот во иднина ќе го остварува без оглед на возраста на детето/лицето;
-Во член 84а ставот 8 се брише. Во овој член се опишува правото на надоместок за мобилност и со измените лицата со телесен инвалидитет може да остварат право на додаток за мобилност доколку ги задоволуваат пропишените критериуми (корисник на инвалидска количка) без ограничување неговиот годишен приход по сите основи да изнесува најмногу до вкупниот годишен износ на просечна нето месечна плата;
Законот веќе ја поминал процедурата во Владата на РМ, и се очекува да биде донесен од Собранието наскоро.
Министерот Царовска најави нов Закон за социјална заштита кој ќе се подготвува најмалку 1 година и во чиј текст и изнаоѓање на најдобри решенија за лицата со инвалидност ќе бидеме активно вклучени во одделните фази од подготовката на законот. Со истиот се планира воведување на повеќе сервисни услуги за лицата со инвалидност и градација на надоместоците согласно претходна проценка и потребите на лицето, а не линеарно како до сега. Мобилност Македонија активно ќе партиципира во работните групи во сегментот кој се однесува на социјалната заштита и одредени надоместоци за лицата си телесен инвалидитет.