- Владата гради општество на еднакви граѓани, лицата со инвалидност активно се вклучуваат во општествените процеси;
По барање на Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија – Мобилност Македонија, Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, на 11.08.2017 година во 16,30 часот се сретна со претставници на сојузот, претседателот Бранимир Јовановски, генералниот секретар Софка Прчева, како и со раководителот на стручната служба на ДХО „Даре Џамбаз“, Драган Дојчиноски.
Претседателот на Мобилност Македонија му го честита изборот на Зоран Заев за Претседател на Владата на РМ, а мотив за денешната средба е интересот на Мобилност Македонија во најавените реформи на Владата на РМ за подобрување на животот на граѓаните на РМ и лицата со телесен инвалидитет, како и лицата со останатите инвалидитети, да не останат по страна и рамноправно да го почувствуваат бенефитит на инклузијата и изедначување на можностите со останатите граѓани на нашата Држава.
На ова, премиерот Заев одговори: „Како Влада определени сме да градиме општество на еднакви граѓани и Владата подава рака кон лицата со инвалидитет и кон граѓанските организации за соработка со цел надминување на посочените проблеми. Подготвени сме да ги вклучиме граѓаните со инвалидитет во општествените процеси и да овозможиме активно да учествуваат во општествениот развој“.
Откако го претставивме сојузот, преминавме на тековни барања кои во минатиот период ги упативме до институциите на државата, а кои се уште чекаат на своја разрешница.
Најнапред ги пофаливме заложбите на министерот за труд и социјална политика, Мила Царовска, за измените и дополненијата на Законот за социјална заштита кои ги подобруваат и олеснуваат правата и постапката за остварување на правото на надоместоците за нега и помош од друго лице и надоместок за мобилност. Изразивме благодарност што од почетокот бевме вклучени во работната група и побаравме тоа да стане пракса во министерствата кога ќе се носат законски одредби кои ги тангираат лицата со инвалидност.
Потоа ги презентиравме и тековните барања до:
Министерство за здравство и ФЗОМ:
- Во однос на ортопедски помагала, итноста за измени и дополненија на Законот за здравствена заштита и правилниците, пред се Правилникот за индикации за остварување на право на ортопедски помагала: враќање на можноста за доплата над референтна цена, воведување на пософистицирани ортопедски помагала и делови за нивна изработка, зголемување на референтни цени (да се пресметува средна вредност од референтни држави, а не најниска како до сега)...и благодарени на заложбата на премиерот Заев, беше договорен и состанокот со новиот директор на Фондот за здравствено осигурување, Ден Дончев, за следната недела, со цел да ги презентираме потебите и изнаоѓање соодветни решенија за посочените проблеми.
Министерство за транспорт и врски:
- Доследно почитување на одредбите од Закон за градба за пристапност, особено во објектите за изведување на настава од основно, средно и високо образование како предуслов за стекнување на знаења и вештини конкурентни за пазарот на трудот, како и во однос на други надлежности на ова министерство...
Финансирање
- Посочивме дека се финансираме од даноци од игри на среќа, согласно Закон за игри на среќа и други забавни игри. Побаравме зголемување од барем 10% за годишно финансирање на националните инвалидски организации и нивните здруженија, средства кои им се потребни пред се за ладен погон (закуп на канцеларии, месечни режиски трошоци, канцелариски трошоци, ангажирани стручни лица итн.)
Исто така отворен беше и проблемот со долгогодишната запоставеност на ДХО „Даре Џамбаз“, каде што се сместени националните инвалидски организации на лицата со инвалидност, и можноста за обезбедување дополнителни финансиски средства во висина од 2 милиони денари за обезбедување на лифт во домот, за што беше изразена лична заложба од премиерот Заев најитно да се реши ова потреба. Во следна фаза да се реновира салата бр.1 во домот и санитарните јазли.
На крај од работната средба дискутиравме за НАЦИОНАЛНОТО КООРДИНАТИВНО ТЕЛО ЗА ЕДНАКВИ ПРАВА НА ЛИЦАТА СО ИНВАЛИДНОСТ ВО РМ кое е Формирано 1999 година со Заклучок на Влада на РМ, а согласно Стандардните правила за еднакви можности на лицата со инвалидност кое е составено од 37 претставници, по двајца од: 7 НИО, 8 Министерства, 2 институции, 1 научна институција и 1 стручна организација. Ова тело досега изготвило 2 Национални стратегии за изедначување на правата на лицата со инвалидност во РМ (последната ревидирана 2010-2018)
-МТСП со УНДП започна активности за дефинирање на координативни тела за имплементација и за мониторинг. Ние сметаме дека треба да постои вакво тело, можеби редефинирано, меѓутоа гласот на НИО да не биде маргинализиран бидејќи застапуваме преку 90.000 доброволно зачленети лица со инвалидност во преку 136 инвалидски организации. Беше договорено ова прашање да го разработиме со министерот за труд и социјална политика.
Голема благодарност до премиерот Заев за отстапеното време од повеќе од еден час во сослушување на нашите потреби, но и во давање на конкретни предлози и поддршка за нивно решавање.