На 05.09.2017 година, по барање на Мобилност Македонија, беше одржан работен состанок со новиот директор на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Ден Дончев. На состанокот присуствуваше и Д-р. Венко Филипче, советник за здравство на премиерот Зоран Заев.
Пред директорот и советникот на премиерот, ги изнесовме барањата кои подолг временски период се предмет на разговори и преговори на претставниците на Мобилност Македонија со претставниците на фондот во однос на: враќање на правото за доплата на ортопедското помагало или негова компонента за изработка над референтна цена, зголемување на референтните цени на ортопедските помагала, вклучување на пософистицирани помагала во листата на ортопедски помагала во Правилникот, намалување на роковите за користење на помагалата, склучување на договор помеѓу фондот и ортопедските куќи за цела палета на ортопедски помагала (и индивидуално изработените и сериските помагала) и средствата за инконтиненција, но и зајакнување на критериумите за продолжување на договорите за дистрибуција на помагалата на аптеките (соодветен интимен простор за земање на мерка и проба, тоалет, пристапност на објектот, соодветен стручен кадар и сл...), утврдување на стандардот на ортопедските помагала и воведување на шифрарник за сите ортопедски помагала по ИСО стандарди кои ќе бидат ставени на листата на фондот....и уште многу други предлози и прашања.
Во дискусијата која траеше скоро два часа, и на која по повик на директорот Дончев и се приклучија и Бранко Аџигогов-советник на директорот и Зоран Крајоски-директор на Сектор за контрола, ги образложивме и аргументиравме нашите предлози, ги изнесовме практичните проблеми на нашите членови при остварување на правото, за да на крајот од дискусијата се констатира дека некои наши барања (како на пример доплатата над референтна цена) се објективни и без зафаќања на средства на фондот прашање е само постапката на промена на Законска одредба која го регулира ова прашање, но и кој модел ќе се примени заради правна регулираност, но и заради почитување на барањата на електронскиот систем во фондот.
Исто така се донесе заклучок да се формира работна група од претставници од фондот, од производители и дистрибутери на ортопедски помагала, лекари и физијатри кои препишуваат ортопедски помагала, и претставник на Мобилност Македонија, како национална инвалидска организација (за делот на помагалата кои ги користат лицата со телесен инвалидитет) и да се започне со подготовка на текст за измени и дополнувања на Правилникот за индикации за остварување на право на ортопедски и други помагала.
Беа поствени рокови и очекувана динамика во наредните месеци до крајот на годината, бидејќи одредени измени ќе мора да претрпат и измени во законите кои ја третираат оваа област, а со оглед на тоа дека следат локални избори и неактивност на Собранието, првите конкретни чекори може да се очекуваат најрано во ноември.