НАЦИОНАЛЕН СОЈУЗ НА ЛИЦА СО ТЕЛЕСЕН ИНВАЛИДИТЕТ НА МАКЕДОНИЈА     

Mobile menu

1МОБИЛНОСТ МАКЕДОНИЈА НА ПРОМОЦИЈА НА МАКЕДОНСКАТА ВЕРЗИЈА НА „МЕЃУНАРОДНА КЛАСИФИКАЦИЈА НА ФУНКЦИОНАЛНОСТА“ 

-во рамките на кампањата на УНИЦЕФ „Биди фер, за детство без пречки“-

На 11.09.2017 година, во хотел Мериот во Скопје, во организација на УНИЦЕФ, партнерите и Владата на Република Македонија, во присуство на повеќе од 300 посетители, меѓу кои и Мобилност Македонија, беше промовирана македонската верзија на документот „Меѓународна класификација на функционирање“ - алатка која ќе помогне да се промени начинот на кој гледаме и одговараме на потребите на децата со попреченост. Настанот го означи почетокот на новата фаза од кампањата „Биди фер. За детство без пречки“. 
„Ајде да ги видиме способностите на децата и да го ослободиме потенцијалот на секое дете!“ беше мотото според кое на сцената се појавија и дел од настанот беа пијанистката со оштетен вид, Ема Ананиевска, потоа студентката на Тетовскиот универзитет и лице со Даунов синдром Нина Костеска, како и деветгодишниот Јане Велковски, кој боледува од спинална мускулна атрофија (СМА), член на нашиот сојуз.


Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, во придружба на министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, и министерката за образование и наука, Рената Дескоска, присуствуваше на промоција на македонската верзија на документот „Меѓународна класификација на функционирање“, од новата фаза од кампањата „Биди фер, за детство без пречки“ во организација на УНИЦЕФ.
„Владата на Република Македонија развива инклузивно општетство на граѓани со еднакви услови за живот. Правото на еднаквост почнува од раѓањето. Секое дете ни е важно, затоа што фиданките се иднината на дрвото наречено живот.“ истакна премиерот Заев.
За да бидат достигнати овие благородни општествени цели, премиерот Заев порача дека треба сите одговорни чинители во општеството да го пренасочат погледот од пречката, кон целта, а целта претставува општетство со еднакви шанси за децата со попреченост.
„Затоа, овде сум, како премиер да потврдам дека Владата на Република Македонија го поддржува меѓународниот документ на УНИЦЕФ, „Меѓународната класификација на функционирање“, и веќе влеговме во подготовките за примена на овој документ на УНИЦЕФ“, соопшти премиерот Заев.
„Успехот во животот не зависи од тоа што не можеме да направиме, туку од љубовта и поддршката што ги добиваме како деца за да го исполниме нашиот потенцијал. Како и сите други деца, и децата со попреченост имаат огромен потенцијал, но можат да го остварат само ако сите се здружиме за да го промениме начинот на кој општеството гледа на нив.“ – истакна г. Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ.

Според истражувањето на УНИЦЕФ, 5,1 отсто или околу 21 500 деца во Македонија имаат некаква попреченост. Од нив само 4,7 проценти одат во градинка, а 28,3 отсто посетуваат основно училиште. 
И една занимливост за на крај. 
На денешниот настан , за време на говорот на г. Андреа Мартинуци, меѓународен експерт на тема „ Не може, би можело, може - Меѓународната класификација на функционирање како алатка за вклучување“, присутните, меѓу кои беше и Премиерот Зоран Заев, откако се вклучи безбедносниот аларм, беа замолени мирно да ја напуштат салата и хотелот, како и да не го користат лифтот при напуштањето на хотелот. Големиот број луѓе кои беа на настанот збунето и полека почнаа да ја напуштаат салата, се додека не се појави готвачот кој информираше дека за вклучувањето на алармот биле виновни палачинките кои се подготвувале за коктелот.
Се случува, нели...