НАЦИОНАЛЕН СОЈУЗ НА ЛИЦА СО ТЕЛЕСЕН ИНВАЛИДИТЕТ НА МАКЕДОНИЈА     

Mobile menu

1На 15.11.2017 година, во хотел „АРКА“ во Скопје, се одржа конференцијата „Очи за еднаквост” посветена на лицата со инвалидност, организирана од Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија во рамките на проектот „Поддршка од граѓанското општество кон политиките за социјална кохезија и различностите“ поддржан од страна на Британската амбасада во Македонија, на која присуствуваше и Мобилност Македонија. 

Преку конференцијата, јавноста и граѓаните подетално беа информирани за наодите од истражувањата и анализите за потребите за промени на лицата со инвалидност во областите:

1. Социјална заштита
2. Образование
3. Здравствена заштита
4. Вработување 
5. Квалитет на живот
Воведно обраќање на прес-конференцијата имаше Британскиот амабасадор во Македонија, Чарлс Герет и извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права Уранија Пировска, а потоа следеше обраќањето на министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, потоа излагањата на експертите од разните области, како и излагањата на претставниците на министерствата надлежни за областите за кои беа спроведени истражувањата.


Министерката Царовска потенцираше дека е потребно да се спроведе функционална проценка на можностите на лицата со инвалидност за разлика од досегашната проценка само на нивната попреченост. 
„Треба да се направат напори образовниот систем и заштитниот систем да бидат во насока на вработување и инклузија на лицата таму каде тоа е можно, бидејќи доколку едно лице држите на социјална заштита со години го правите се поисклучено од општеството и од пазарот на труд”, - рече министерката Царовска обраќајки се на конференцијата.
Министерката Царовска истакна дека токму држањето на едно лице под социјална заштита долги години, ги прави овие лица се попасивни и наместо да се водат дебати за тоа колку активни мерки наменети за нив има во системот, какви кфалификации имаат самите лица со инвалидност, колку се конкурентни на пазарот на трудот и колкава е потребата од професионална рехабилитација и стекнување на нови знаења и вештини, се се сведува на дискусија за зголемување на додатокот.
,,Јас сум за поголеми додатоци, но и за поголеми можности да се вклучат во пазарот на труд и општеството за да почуствува лицето дека само заработува и да има повеќе самодоверба”, - истакна на крајот од својата дискусија министерката Царовска.
Во натамошниот тек на конференцијата експертите ги елаборираа во куси црти резултатите од истражувањата за кои има издадено и брошури, а беа поставени и повеќе конкретни прашања од учесниците на конференцијата од областа на образованието, здравствената и социјалната заштита.

Mобилност Македонија пред новинарите излезе со следната објава:
„За лицата со телесен инвалидитет, основна пречка за потполна инклузија во сите пори на општеството, секако се архитектонските бариери кои делумно или целосно ја спречуваат нивната пристапност. И не само ја спречуваат пристапноста, туку и ги оневозможуваат да се едуцираат, да се стекнат со знаења и вештини конкурентни на пазарот на трудот, што подоцна ја отежнува нивната можност да се вработат, да обезбедат егзистенција за себе и за своето семејство, да носат сериозни одлуки во животот, како што се засновање на семејство, решавање на стамбената состојба, купување на автомобил без кој едноставно не можат да функционираат и слично.
Залудна е и најдобрата образовна програма доколку во објектите во кои се изведува наставата од основно, средно и високо образование има скали без соодветна пристапна рампа за влез на лица кои се движат со инвалидска количка и други ортопедски помагала, потоа адаптирани тоалети и лифтови за премостување на висинските разлики во објектот.
Залудна е и најдобрата програма за вработување на лицата со инвалидност ако тие претходно не успеале да го подигнат нивото на своето образование и ако пред работното место повторно има високи рабници на тротоарите и скали на влезовите. Тие скали всушност двојно ги хендикипираат лицата со инвалидност: еднаш како можни корисници на услугите и втор пат како можност за вработување во истите.
За жал раководните лица во надлежните институции неможат да замислат дека само една скала (или повеќе скали) во опкружувањето имаат таков негативен ефект врз животот на лицата со телесен инвалидитет, дека дијаметрално го менуваат нивниот живот во негативна смисла на зборот. 
Мобилност Македонија преку своето делување силно се залага за доследно спроведување на одредбите од Законот за градба и Правилникот за пристапност до и во објектоте, со што значително ќе им се овозможи целосна инклузија на лицата со телесен инвалидитет во општеството. Време е да се делува одлучно и ефикасно, бидејќи поголемиот дел од адаптациите за овозможување на пристапноста не бараат големи средства, туку големо разбирање и доследно почитување на легислативата.
Пикасо кажал: „ Оној кој сака да направи нешто ќе најде начин. Кој не сака да направи ништо, ќе најде изговор“.