„Во изминатиот период покажавме дека само со дискусија и со насочување на финансиските средства кон лицата со попреченост и нивните потреби можеме да направиме итни промени“, истакна министерката за труд и социјална политика Мила Царовска пред почетокот на меѓународната конференција „Механизми и структури за имплементација и за следење на имплементацијата на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост – искуства од регионот“ во организација на Националното координативно тело за еднакви права на лица со инвалидност во Република Македонија.
Таа посочи дека во Законот за социјална заштита веќе регулирале одредени работи, а во собраниска процедура веќе е Законот за пензиско и инвалидско осигурување каде дозволуваат семејна пензија кај лица со попреченост кои некогаш имале активен работен однос, затоа што досега немаа право на семејната пензија.
„Знаеме дека здравствената состојба не се подобрува, се влошува и затоа тие треба да имаат право да ја наследат семејната пензија. Навистина е важно дека како ресорно Министерство во делот на социјална заштита, пензии…ќе правиме максимум што можеме, но тука сме да дискутираме и дека во секое линиско Министерство ни е потребен човек одговорен што ќе ги имплементира и здравствените, инфраструктурните, образовните политики за да го добиеме пакетот на услуги и сервиси кои се потребни за оваа група граѓани“, рече Царовска.
Во однос на персоналната асистенција нагласи дека во активните мерки за вработување во 2018 година се предвидува посебна програма за персонална асистенција.
„Оваа година преку јавните работи општините веќе ангажираа персонални асистенти, што значи дека сме во фаза на институционализација на персоналната асистенција, но и имплементираме активности кои ги опфаќаме со различни мерки“, додаде Царовска.
Претседателот на Националното координативно тело за еднакви права на лицата со инвалидност на Република Македонија, Бранимир Јовановски рече дека очекуваат експертите од владиниот и невладиниот сектор од државите од регионот да ги споделат нивните искуства во однос на мониторингот.
„Ние сме свесни дека реализацијата на мерките не може да оди со кенгурски чекори. Битно е дека имаме одлична комуникација со Министерството за труд и социјална политика. Дел по дел работите одат кон подобро барем во комуникацијата. Се надеваме дека може побрзо да се имплементираат некои мерки особено сегментот на пристапност каде буквално е донесена целата законска легислатива која ја тангира оваа состојба, но за жал имплементацијата малку тешко ни оди. Сепак архитектонските бариери се сериозен проблем за овие лица“, рече Јовановски.
Посочи дека личната асистенција бил проект на ЕУ која се спроведувал преку Министерството за труд и социјална политика, кој заврши во јули.
„Имаме најава дека Министерството сериозно планира да ја продолжи таа сервисна услуга, бидејќи се покажа дека таа е од интерес за лицата со инвалидност, додаде Јовановски.
Потпретседателот на Заедницата на сојузи на лица со инвалидност на Хрватска, Марица Мириќ рече дека пример на добра практика кај нив е Законот за сузбивање на дискриминација. Потенцира дека во сите земји пристапноста за лицата со инвалидност е голем проблем, достап до институциите нема, но нешто се работи на градежен пристап.
„Но, кога зборуваме за слепите лица, патеките на водење или можност за комуникација за глувите, тогаш тоа е многу слабо. Хрватска го усвои Законот за знаковен јазик и според тоа глувите лица можат да комуницираат, но се уште не е системски решено на сите нивоа кога се финансира, колку се финансира. Преку проекти, како што се воведени лични асистенти, се воведени и толкувачи на знаковен јазик, па секоја наша организација на глуви може да добие по некој толкувач. Слепите лица добија придружник, а за лицата со телесен инвалидитет и за лицата со интелектуални потешкотии имаме лични асистенти кои им помагаат во активностите на секојдневното живеење“, рече Мириќ.
Појасни дека за учениците имаат помошници во наставата и додаде дека сите овие помошници кои се неопходни како сервис се уште се на проектно ниво и тоа го финансираат преку проекти на ЕУ.
Меѓународната конференција „Механизми и структури за имплементација и за следење на имплементацијата на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост-искуства од регионот“ е во организација на Националното координативно тело за еднакви права на лица со инвалидност во Република Македонија.