На 01.12.2017 година во „Порта Македонија“ со почеток во 19 часот, во присуство на голем број на членови на Мобилност Македонија, уметници - учесници на колониите, поддржувачи на работата на сојузот и други гости, беше отворена изложбата на делата од седмата и осмата меѓународна ликовна колонија, одржани во 2016 и 2017 година.
Претседателот на сојузот Бранимир Јовановски истакна: „Мобилност Македонија одамна го има препознаено талентот на дел од своето членство кон ликовната уметност и со цел да се унапреди и промовира нивното делување на ова поле, започнавме со организирање на ликовна колонија. Веќе првата беше меѓународна и го оправда своето постоење, така да од година во година се нижеа и стасаа до бројката осум. На колониите учествувале академски уметници и лица со телесен инвалидитет од Србија, Хрватска, Словенија, Бугарија, Чешка и Македонија, а имаме најава дека следната гдина ќе им се придружат и уметници од Германија и Босна и Херцеговина. Ова колонија е единствена од овој вид во нашата република, покажа и докажа дека уметничкиот потенцијал не знае за поделби и инвалидност, и нејзиното организирање има за цел да докаже дека креативните потенцијали на лицата со телесен инвалидитет се доминантни и над предрасудите дека техничката изведба е најважна.“
Во една прилика Мајка Тереза има кажано: „Секој од нас чувствува дека она што го прави е само една капка во океанот. Но ако не правиме ништо, океанот ќе биде посиромашен за таа една капка”.
Мобилност Македонија со поддржување на оваа креативна дејност на своите членови и организација на ликовните колонии, ја додаде таа капка во океанот на потребите на лицата со телесен инвалидитет на Македонија.
Во рамките на манифестацијата се одржа и литературно читање и беа прогласени најуспешните поетски творби од отворениот повик за XXIII Литературни средби на лицата со телесен инвалидитет на Македонија. Од вкупно пријавени 7 творби, комисијата во состав Весна Ацевска од Скопје, Ѓорѓи Калајџиев од Струмица и Кире Огненовски од Демир Хисар одлучија за најдобри три да се прогласат: 1 место „Губитник“ Билјана Димовска од Гевгелија, 2-ро место „Акростих на знакот“ Љубе Лазаровски од Струмица, 3-то место „Заблуда“ Јасмина Стојановска од Скопје. На најдобрите, генералниот секретар на Мобилност Македонија, Софка Прчева им додели плакети.
На крајот од манифестацијата беше организиран коктел за присутните.