НАЦИОНАЛЕН СОЈУЗ НА ЛИЦА СО ТЕЛЕСЕН ИНВАЛИДИТЕТ НА МАКЕДОНИЈА     

Mobile menu

18Во организација на Мобилност Велес, денес во хотелот „Гарденија“ во Велес се одржа одбележувањето на „4 Декември“ - Денот на лицата со телесен инвалидитет на Македонија. Во присуство на градоначалникот на општина Велес, Аце Коцевски, градоначалникот на Градско, Роберт Бешовски, претставникот на МТСП Слободанка Лазова-Здравковска, генералниот директор на Дрекслмаер, Лукас Мирингер, директорот на Центарот за ортотика и протетика „Славеј“ од Скопје, Горан Чаловски, претставници од бизнис секторот, подржувачи на работата на Мобилност Македонија и Мобилност Велес, преставници на подрачните единици на ПИОМ и ФЗОМ во Велес, преставниците од Центарот за социјални грижи од Велес голем број на членови од сите здруженија, членки на Мобилност Македонија, претседателот на Мобилност Велес, Горан Здравков, ја отвори манифестацијата со поздравен говор во кој истакна: „Триесет и една година од формирањето на Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет – Мобилност Македонија – време исполнето со бројни активности, со бројни иницијативи – се’ со цел подобрување на животот на лицата со телесен инвалидитет во сите сфери на живеење. Оваа година честа да ја организира средбата по повод овој за нас значаен датум, ја има Здружението на лица со телесен инвалидитет – Мобилност Велес. Од свое лично име, и од име на членовите на нашето Здружение, Ви посакувам плодна работа и пријатен престој во нашиот град.“

Програмата продолжи со културно уметничка програма во која настапија: Младинскиот хор ,,Св. Кирил и Методиј’’ под раководство на професорката по музичко образование Веселинка Маџарова, настапот на учениците од ОМУ „Стефан Гајдов“ – Велес и на крај настапот на Балетското студио „Анабела“.
На присутните им се обратија градоначалникот на Велес, Аце Коцевски истакнувајќи ја определеноста на општината за тесна соработка со здружението во интерес на членовите, и претседателот на Мобилност Македонија, Бранимир Јовановски, афирмирајќи ги заложбите на сојузот и преземените активности за подобрување на правата и положбата на лицата со инвалидност во РМ.
Програмата продолжи презентации како дел од тематската работилница „Предизвиците и можностите од областа на здравствената заштита со кои се соочуваат жените со телесен инвалидитет во Република Македонија“. Со свои презентации на оваа тема се обратија г-ѓа Весна Миркова – дипломиран социолог, и д-р Билјана Јаковлева – специјалист физијатар. Тематската работилница заврши со дискусија од присутните по која беа формулирани предлози и заклучоци кои ќе ги обединиме во интегрален текст со заклучоците и предлозите од претходните тематски работилници и ќе ги доставиме до надлежните институции на решавање. Средбата заврши со заеднички ручек на присутните, дружење и неформална комуникација.
Голема благодарност до организаторите од Мобилност Велес, претседателот Горан Здравков и волонтерите, за успешната организација на манифестацијата.