ЗАКОН ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОН ЗА СОЦИЈАЛНА ЗАШТИТА
усвоен во Собранието на РМ на 09.11.2017 година, а објавен во Службен весник бр.163 од 14.11.2017 година
Повеќето од мерките за кои се залагаше Мобилност Македонија во последните години за укинување на одредбите за врзување на правото за одредени надоместоци со годишните нето примања на корисникот беа донесени како измени и дополнувања на Законот за социјална заштита на 09.11.2017 година, меѓу кои:
-Во член 10 по алинејата 5 се додава алинеја 6 со која грижата на Републиката за спречување и намалување на социјален ризик за граѓаните може да се остварува и преку “- мерки за обезбедување на персонална асистенција на лицата со попреченост“.
- Се БРИШЕ став 2 од членот 72 кој гласеше: „Право на паричен надоместок за помош и нега од друго лице може да оствари лице чиј годишен нето приход по сите основи изнесува најмногу до вкупниот годишен износ на просечни нето месечни плати исплатени за секој месец за претходната година.“
Со ова измена правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице повеќе не е врзана со висина на годишен нето приход на корисникот.
-Во член 75 став 2 се проширува правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице и на лица со умерени пречки во менталниот развој (досега важеше само за лица со тешки и длабоки пречки), а се БРИШАТ ставовите 3,4 и 5 од истиот член кои гласеа и повеќе НЕ ВАЖАТ:
„За потребата за помош и нега од друго лице се доставува конзилијарно мислење и наод од најмалку тројца лекари специјалисти од соодветни специјалности, издадено од клиничките болници, Градска општа болница „ 8 ми Септември“-Скопје, ЈЗУ–Универзитетска клиника по хируршки болести „Св.Наум Охридски“-Скопје и Универзитетски клиники.
По исклучок на став 3 од овој член се доставува отпусно писмо со специјалистички извештај и/или друга медицинска документација.
Формата и содржината на конзилијарното мислење со наод, медицинската документација, како и надоместокот за издавање на конзилијарно мислење со наод поблиску го пропишуваат министерот за здравство во соработка со министерот за труд и социјална политика.“
- Во членот 82 став 1 зборовите: „се остварува во центарот“ се заменуваат со зборовите: „родителот го
остварува во центарот без оглед на возраста на детето.“.
Тоа значи дека се укинува старосната граница и сега ставот 1 од овој член гласи: „Правото на надоместок на плата за скратено работно време поради нега на дете со телесни или ментални пречки во развојот и со најтешки облици на хронични заболувања, утврдено со Законот за работните односи, родителот го остварува во центарот без оглед на возраста на детето.“
- Членот 84-а се менува и гласи:
„Правото на додаток за слепило се обезбедува за потполно слепо лице со навршени 26 години, а правото на додаток за мобилност се обезбедува за лице со навршени 26 години, со 100% телесен инвалидитет кое самостојно користи инвалидска количка или лице со квадриплегија или со умерени, тешки и длабоки пречки во менталниот развој кое користи инвалидска количка со придружник, поради создавање на услови за
изедначување на нивните можности за вклучување во секојдневниот живот во заедницата на овие лица.
Месечниот износ на додатокот од ставот 1 на овој член изнесува 7.000 денари, усогласен со порастот на трошоците на живот за претходната година, објавени од Државниот завод за статистика, во јануари за тековната година и истиот се обезбедува од Буџетот на Република Македонија.
Лицата од ставот 1 на овој член не можат да остварат право на додаток за слепило или мобилност, ако користат право на цивилна или воена инвалиднина, согласно со закон.
Правото на додаток за слепило и мобилност се остварува од денот на поднесувањето на барањето, а врз основа на конзилијарно мислење потпишано од тројца лекари специјалисти или врз основа на наод и мислење донесени од страна на првостепена комисија за утврдување на правото на додаток за слепило или мобилност, којашто ги утврдува видот и степенот на оштетувањето и потребата за остварување на ова право. Во постапката по жалба против наодот и мислењето на првостепената комисија за остварување на право на мобилност или слепило, наод и мислење дава второстепена комисија.
Правото на додаток на слепило и мобилност се остварува врз основа на конзилијарно мислење и наод од најмалку тројца лекари специјалисти од соодветните специјалности од терцијарна здравствена установа (Универзитетски клиники во Скопје).
Во постапка по жалба против решението на центарот одлучуваат тројца лекари специјалисти од соодветните специјалности од терцијарна здравствена установа (Универзитетски клиники во Скопје) кои не го донеле конзилијарното мислење во прв степен.
Доколку лицата од ставот 1 на овој член се наоѓаат на болничко лекување во јавнa здравствена установа имаат право на придружник, при што средствата за сместување, исхрана на придружникот во установата се на товар на Министерството.
Министерот за труд и социјална политика во соработка со министерот за здравство го пропишува начинот за остварување на правото на слепило и мобилност, потребната документација, составот на лекарите специјалисти од ставовите 5 и 6 на овој член, формата и содржината на конзилијарното мислење како и надоместокот за издавање на конзилијарно мислење.“
- Во членот 84-б став 4 СЕ БРИШЕ.
Со истиот се лимитираше можноста за остварување на право на додаток за глувост и ГЛАСЕШЕ:
„ Право на додаток за глувост може да оствари лице чиј годишен нето приход по сите основи изнесува најмногу до вкупниот годишен износ на просечни нето месечни плати исплатени за секој месец за претходната година.“ ОВОЈ СТАВ ПОВЕЌЕ НЕ ВАЖИ.
Ставовите 5 и 6 стануваат ставови 4 и 5.
- Во членот 213 став 4 КОЈ ГЛАСЕШЕ: „Корисникот коj остварил право од социјална заштита на начин утврден во член 209 од овој закон, не може да го оствари одреденото право додека не ги врати неосновано примените парични средства.“ СЕ БРИШЕ.
- Започнатите постапки за остварување на правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице, додатокот за слепило и мобилност и додатокот за глувост, до денот на влегувањето во сила на овој закон, ќе завршат според одредбите од овој закон.
- Корисниците на правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице, додатокот за слепило и мобилност и додатокот за глувост ќе продолжат да го користат правото според одредбите од овој закон.
-Подзаконските акти со кои се пропишува начинот на остварување на правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице, додатокот за слепило и мобилност и додатокот за глувост донесени согласно со Законот за социјалната заштита („Службен весник на Република Македонија“ број 79/2009, 36/11, 51/11, 166/12, 15/13, 79/13, 164/13, 187/13, 38/14, 44/14, 116/14, 180/14, 33/15, 72/15, 104/15, 150/15, 173/15, 192/15 и 30/16), ќе се усогласат со овој закон во рок од три месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон. (Значи најдоцна до 22.02.2018 година).
- Се овластува Законодавно - правната комисија на Собранието на Република Македонија да утврди пречистен текст на Законот за социјалната заштита.
- Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.
ЗАКОН ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОН ЗА СОЦИЈАЛНА ЗАШТИТА