Мобилност Македонија оствари работна средба со министерот за здравство, д-р Венко Филипче. На средбата го запознавме министерот за активностите што нашиот сојуз ги презема за подобрување на здравствената заштита на лицата со телесен инвалидитет. Најавивме иницијатива за измени и дополненија на Законот за здравствена заштита во однос на: зголемување на старосна граница за потреба од придружба на дете со телесен инвалидитет при болничко лекување, зголемување на лимитот на болнички денови за успешно санирање и третирање на одредени состојби, ревизија на право на рехабилитација и опоравок како потреба, а не како продолжено болничко лекување, лекарства и зголемување на буџет на клиники за набавка на лекарства за третман на одредени дијагнози, како и иницијативата која е во рамките на одлучување на ФЗОМ за ортопедски помагала, за која во соработка со партнерски организации сработивме и Правилник за измени и дополненија на Правилникот за индикации за остварување на правото на ортопедски и други помагала, и Список на ортопедски помагала со ИСО 9999 стандарди, кои уште пред еден месец ги доставивме до ФЗОМ и очекуваме повик за работна средба во однос на конечно разрешување на ова прашање и воведување на пософистицирани ортопедски помагала и делови за нивна изработка на терет на фондот. Ова последново од причина што минатата година министерот Филипче (во тоа време советник на премиерот Заев за областа на здравството), учествуваше на работните средби кои ги имавме на оваа тема со директорот на ФЗОМ, Ден Дончев и неговиот тим.
На состанокот исто така ја афирмиравме и нашата иницијатива и активност за одржување на меѓународна работилница на која ќе бидат поканети експерти од Словенија на која ќе се разговата за третман, програми за лечење и рехаблитација на лица со параплегија и тетраплегија, и ја повторивме иницијативата за потреба од воведување на посебен Центар за параплегија на просторите на РМ.
Очекуваме продолжение на соработката во насока на подобрување на правата и услугите на лицата со телесен инвалидитет од областа на здравствената заштита.