На 20-21.10.2018 година во хотелот „Цар Самуил“ во с.Банско, Струмица, во организација на Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија - Мобилност Македонија, се одржа дваесет и четвртиот Републички квиз натпревар на лица со телесен инвалидитет на Македонија. На квизот му претходеа тестирања низ кои поминаа повеќе стотици членови на здруженијата, членки на сојуот, за да на крајот 16 екипи составени од по три членови настапат на истиот.
Жири комисијата беше во состав: Зоран Јорданов, претседател на жирито и изготвувач на прашањата, Софка Прчева и Драган Дојчиноски, водител, Бранимир Јовановски, технички реализатор, Тони Пајдаков.
Според зборовите на присутните, ова издание на квизот беше еден модерен и содржаен квиз натпревар, на кој сите учесници покажаа завидно знаење и само нијански одлучуваа кои екипи ќе ги продолжат натамошните борби.
По одржаните 4 четвртфинални квиз натпревари составени од по 6 игри, во полуфиналето се пласираа најдобрите две екипи од секоја група.
Првата полуфинална група ја сочинуваа екипите на Мобилност: Кочани, Кичево, Струмица и Кавадарци и од ова полуфинале во финалето се пласираа екипите на Мобилност Кочани и Мобилност Кичево.
Втората полуфинална група ја сочинуваа екипите на Мобилност: Велес, Штип, Куманово и Гевгелија, а борбите во финалето ги продолжија екипите на Мобилност Куманово и Мобилност Штип.
Големото финале започна во 11 часот на 21.10.2018 година. На првиот пулт беше екипата на Кичево, на вториот Штип, на третиот Куманово и на четвртиот екипата на Кочани. Екипата на Мобилност Кочани претендираше на хет-трик, бидејќи претходните две години во истиот состав го освојуваше првото место во континуитет.
Финалниот квиз содржеше седум игри, а борбата беше остра и неисвесна се до крајот, но во фер и коректна атмосфера. Публиката воодушевена со искажано знаење на учесниците, понекогаш и самата нетрпелива да даде одговор и да покаже колкаво е нивното знаење, што повремено предизвикуваше и мала пречка за одржување на натпреварот, но се беше во границите на коректното.
По завршување на седумте предвидени игри, екипата на Мобилност Кочани го исполни својот сон и стана прва екипа која три пати по ред била првопласирана освојувајќи 77 поени. На второто место се пласира екипата на Мобилност Куманово со 58 поени, а на третото екипата на Мобилност Штип со 49 поени.
Средства за одржување на оваа манифестација беа обезбедени од игри на среќа преку Министерството за труд и социјална политика.