На 20.10.2018 година во хотелот Цар Самуил во С.Банско, Струмица, во организација на Мобилност Струмица, а со финансиска поддршка од Мобилност Македонија, општина Струмица и други донатори, се одржа дваесет и првото издание на манифестацијата „ТОРТИЈАДА“ на која членовите на Мобилност Македонија од 12 здруженија ги презентираа своите кулинарски вештини изработувајќи прекрасни торти кои рефлектираа прекрасни пораки упатени до институциите на државата за подобрување на правата и положбата на лицата со телесен инвалидитет во РМ.
Дванаесет екипи вредно работеа во подготвувањето на своите торти кои наликуваа на вистински ремек дела. Повеќе од 24 членки на Мобилност Македонија, без оглед на својата инвалидност, вешто го обликуваа тестото и се надеваа дека токму нивната торта ќе го привлече вниманието на жирито и ќе освои една од трите награди кои ги предвиде организаторот. Жири комисијата беше составена од членки на „Вешта жена“ од Струмица, а водител на манифестацијата,неповторливиот Ѓорѓи
Калајџиев.
Манифестацијата ја увеличаа со своето присуство Претседателот на Владата на РМ, Зоран Заев, градоначалникот на општина Струмица, Коста Јаневски, претседавачот на Советот на општина Струмица, советници, претставник на Министерството за труд и социјална политика, претставници на институции, организации и дел од спонзорите на манифестацијата.
Пред преполната сала од наши членови од повеќе градови од нашата држава прв се обрати градоначалникот на Струмива, Коста Јаневски, истакнувајќи дека тортите се вистински ремек дела, направени со голем труд и љубов и посака уште многу години да се гледаат заедно и восхитуваат на секоја нова торта и на секој заеднички напредок.
Претседателот на Мобилност Македонија, Бранимир Јовановски, го поздрави присуството на премиерот на РМ, Зоран Заев истакнувајќи дека членовите на сојузот го чувствуваат за искрен пријател, и дека е уверен дека и тој не чувствува за искрени пријатели, бидејќи со своето присуство од 13 години во континуитет на нашите манифестации, тоа го докажа и во пракса. Јовановски истакна дека овие две манифестации кои се одржуваат истовремено, Тортијадата и Републичкиот квиз натпревар, се традиционални манифестации низ кои во подготовките, тестирањата и со самото учество поминуваат повеќе стотици членови на нашиот сојуз. Ако се земат во предвид и другите манифестации кои тековно ги орханизираме, доаѓаме до бројка од најмалку 2.500 членови кои во годината се анимираат и социјализираат со лично учество на истите, а сето тоа благодарение добрата програма и средствата кои ги добиваме од игри на среќа, преку Министерството за труд и социјална политика.
Премиерот Зоран Заев со своето присуство ја увелича манифестацијата, а за особена почит е што и покрај големите обврски, не пропушти да биде дел од оваа манифестација на која е присутен во континуитет уште од првата година кога стана градоначалник на Струмица. Тој истакна дека искрено се радува на средбата со нашите членови, кај и да е, на Тортијадата тука е, заеднички да се радуваме на уште една премостена бариера, на уште еден триумф на искажаните вештини на лицата со телесен инвалидитет.
„Ова наше пријателство е и силна порака до целото општество, дека цврсти пријателства се можни, ако ги градиме со разбирање едни за други, со топлина и со љубов“ - истакна на крајот премиерот Заев, прогласувајќи ја за отворена дваесет и првата „Тортијада 2018“.
Годинава, највкусна и најубава торта според гласовите на жирито составено од членките на „Вешти жени“ од Струмица, Илинка и Невенка, направија претставниците на Мобилност Тетово. Тортата беше насловена „Со ЕУ поблиску до еднаквост“, а по доделувањето на признанието, тортата му ја подарија на претседателот на Владата на РМ, Зоран Заев.
Второто место го освои тортата на здружението Мобилност Кочани, насловена „Вечна мајка“, а третото место тортата „Селска фурна“ подготвена од членките на Мобилност Велес.
Манифестацијата беше уште еден доказ дека со соодветна поддршка, лицата со телесен инвалидитет можат рамноправно да ги манифестираат своите вештини со останатите членови на заедницата.
Секоја пофалба за организаторите на манифестацијата од здружението Мобилност Струмица, кои во детали го испланираа и реализираа секој сегмент, претворајќи ја манифестацијата во незаборавно искуство на секој од присутните.