На 12.11.2018 година, Зоран Блажевски, советник во Министерството за труд и социјална политика, Бранимир Јовановски и Софка Прчева, претставници на Мобилност Македонија, во просториите на Општина Охрид, одржаа работен состанок со Благојче Стојчески, раководител на одделот за финансии, Томе Наневски, од сектор за комунални дејности и Кети Росиќ, советник за социјална заштита, а во врска со Иницијативата на градоначалникот на Охрид, д-р Јован Стојаноски, поднесена до Министерството за труд и социјална политика за изградба и отворање на инклузивно детско игралиште во Охрид.
На состанокот беше договорено локацијата на Инклузивното детско игралиште во Општина Охрид да биде во дворот на ЈОУДГ,,Јасна Ристеска“ со површина од околу 200 метри квадратни. Општина Охрид се обврзува да го подготви теренот (да изврши негово тампонирање и обложи со вештачка трева или друга мека подлога за поставување на реквизитите, како и да ја обезбеди соодветната урбана опрема (клупи, корпи за отпадоци и осветлување) на игралиштето, додека Мобилност Македонија, од наменските средства добиени од Министерството за труд и социјална политика, согласно Програмата за финансирање на програмските активности на националните инвалидски организации, нивните здруженија и нивната асоцијација за 2018 година,се обврзува да ги набави реквизитите, да обезбеди транспорт и монтажа на истите на терен обезбеден и подготвен од Општина Охрид. По завршување на состанокот беше посетен локалитетот на кој се предвидува изградба на игралиштето. Истиот се наоѓа во централното градско подрачје.
Согласно договорената динамика на активности, очекуваме инклузивното детско игралиште во Охрид да биде изградено и пуштено во употреба до крајот на 2018 година.
Претставниците на Мобилност Македонија ја искористија можноста да иницираат уште две важни прашања за членовите, а тоа е асфалтирање на приодот до апартманите во Охрид кој во моментот е во сериозно оштетена форма, како и за изградба на платформа (рампа) за влез во езерото со инвалидска количка и адаптиран тоалет на плажата поред полициската станица во близина на Куба Либре. Беше договорено да го обновиме претходниот допис и барањете да го испратиме до Градоначалникот на Охрид и надлежните градски служби.