На 10.09.2019 година во хотел Солун во Скопје се одржа состанок на работната група на дел од проектот: ,,Правен, финансиски и физички пристап до правда во основните судови во Р. Северна Македонија". На состанокот присуствуваше секретарот на Мобилност Тетово и Гостивар, Фани Јаќимовска, а беа присутни и претставници од други невладини организации, претставници од медиумски куќи, од Министерство за труд и социјална политика, како и претставници од Коалиција Сите за правично судење, кои го имплементираат овој проект со поддршка на УСАИД за граѓанско учество.
Пред одржување на овој состанок е изработен бриф за физичката пристапност до судовите во Р. Северна Македонија. Имено, ,,различни категории на лица со посебни потреби се соочуваат со различни ограничувања на своите права и пристапот до судските објекти или услуги, поради што е неопходно при своето организирање, планирање и работење судовите да ги имаат предвид различните заложби кои треба да ги направат со цел да овозможат ефективна примена на правото на фер судење, како и на пристапноста до правда од страна на сите граѓани."
Во рамките на овој проект во декември 2018 година е објавено истражување во поглед на физичката пристапност на 10 основни судови и нивните услуги. Првичните резултати од ова истражување во кое учествувале 16 набљудувачи на Коалицијата Сите за правично судење, кои активно спроведуваат мониторинг на граѓански (парнични) судски постапки од аспект на правниот, финансискиот и физичкиот пристап до правда во 10 основни судови во Р. Северна Македонија, како и преку барања за слободен пристап до информации од јавен карактер покажале дека сите категории на лица со посебни потреби се соочуваат со потешкотии во поглед на пристапноста до суд и до судските услуги, со што ефективно им е ограничено правото на фер и правично судење под еднакви услови за сите согласно со важечките закони и меѓународните прописи.
Согласно тоа, Коалицијата Сите за правично судење постојано ја следи состојбата со физичката пристапност на судовите и судските услуги и изработува периодични брифови во однос на ова прашање, (инаку, предмет на набљудување се 10 основни судови во Р. Северна Македонија и тоа: ОС Скопје, ОС Велес, ОС Гостивар, ОС Тетово, ОС Битола, ОС Прилеп, ОС Штип, ОС Струмица, ОС Струга и ОС Охрид) па така податоци од ова истражување заклучно со месец март 2019 година се следниве:
,, Во поглед на пристапноста на судската зграда однадвор, битно е да се напомене дека дел од реформите кои треба да се спроведат се реконструкциите на судските објекти со цел да се овозможи пристапност до истите за сите категории на лица. Констатирано е дека сите 10 судови кои се предмет на набљудување се пристапни од надвор за лица со посебни потреби, поточно три суда се пристапни и без рампа (ОС Скопје 2, ОС Прилеп, ОСОхрид), додека останатите седум судови (ОС Велес, ОС Гостивар, ОС Тетово, ОС Битола, ОС Прилеп, ОС Штип, ОС Струга), имаат функционални пристапни рампи, со тоа што ОС Струмица има пристапна рампа со ограничено користење, т.е. преку неа не може да се пристапи до шалтерите. Инаку, предмет на набљудување се 10 основни судови во Р. Северна Македонија и тоа: ОС Скопје 2, ОС Велес, ОС Гостивар, ОС Тетово, ОС Битола, ОС Прилеп, ОС Штип, ОС Струмица, ОС Струга и ОС Охрид.
Иако објектите на судовите се пристапни од надвор, сепак речиси половината од судовите кои се предмет на ова истражување немаат соодветен пристап до своите простории, односно немаат услови за самостојно движење низ објектот, како и пристап до судските услуги за лица со посебни потреби, т.е. два од судовите (ОС Скопје 2 и ОС Струга) немаат судници на приземјето, додека во два од судовите (ОС Гостивар и ОС Охрид) на приземјето има само една судница.
Уназадување во поглед на пристапноста се бележи во однос на прилагоденоста на објектите за самостојно и непречено движење низ катовите, па така во пет од судовите нема лифт (ОС Велес, ОС Тетово, ОС Прилеп, ОС Штип и ОС Струмица), додека во три судови лифтовите не се во функција (ОС Скопје, ОСГостивар и ОС Струга) додека пак судот во ОС Охрид иако е функционален нема услови да се користи од лица кои се движат со помош на инвалидска количка. Лифтовите во ОС Скопје 2 и ОС Гостивар не се во функција од започнување на мониторингот, додека лифтот во ОС Струга бил во функција се до јануари 2019, од кој датум истиот повеќе не работи.
Иако најголемиот број од судовите кои немаат лифтови имаат судници кои се наоѓаат на приземјето, за жал констатираме дека ОС Скопје 2 не е пристапен, а за жал е и најголем суд по обем на работа и ОС Струга кои немаат судници на приземјет, ниту пак имаатфункционални лифтови, со што овие објекти се практично непристапни за лица со посебни потреби. Ограничена пристапност имаат и ОС Гостивар и ОС Охрид, кои немаат целосно функционални лифтови, а имаат само една судница на приземјето која се користи за ограничена намена.
Како позитивен пример во овој контекст можеме да го издвоиме ОС Битола, како единствен од набљудуваните судови каде постои пристапна рампа, има судници на приземјето, а исто така има и функционален лифт, со што воедно е најпристапниот суд за лица со потешкотии при движењето од сите судови кои се предмет на ова истражување.
Во однос на самостојното движење низ самиот објект, сите судови имаат ознаки за полесно движење на странките, па така судниците се соодветно нумерирани, а постојат и патокази, односно распоред на судниците. Сепак, судовите се уште не овозможуваат еднакви услови за сите категории на граѓани, па така, во набљудуваните судови не постојат тактилни ленти, Брајово писмо, ниту прилагоден фонт на текстот за лица со оштетен вид или потешкотии во читањето.
Само ОС Скопје 2, ОС Прилеп и ОС Струга имаат вработено лица кои би можеле да помогнат на лица со посебни потреби.
Лицето задолжено за помош на лица со посебни потреби е задолжено за сите категории на лица со посебни потреби. Недостатокот од овие лица ја става под знак прашалник практичната функционалност на помошта пружена од овие службени лица.
Ниту еден од судовите не е во можност да обезбеди препис на документи на Брајово писмо, вклучувајќи ги тука и пресудите, што неминовно ги доведува лицата со оштетен вид во далеку понеповолна положба од останатите групи кои се јавуваат пред судот.
Од друга страна пак, само ОС Скопје 2 има на располагање толкувачи од и на знаковен јазик, а останатите судови мораат да бидат информирани однапред доколку постои потреба од толкувач со цел да направат обиди истиот да го обезбедат, додека пак доминантен и воедно законски предвиден приоритетен начин на комуникација со глувонемите лица кои се јавуваат во својство на странки или сведоци е комуникација по писмен пат.
Од сево ова произлегува заклучокот дека иако се прават обиди за да се обезбеди пристапност и достапност до правда за сите категории на граѓани, овие обиди во главно се однесуваат на најосновните потреби, поточно на самиот пристап до судската зграда, додека пак условите за непречено движење низ објектите само делумно одговараат на поставените стандарди. Од друга страна пак, судските услуги остануваат да бидат тешко достапни, а обидите за да се овозможи нивна достапност до сите граѓани се уште се недоволни и несоодветни."
После изложениот брифинг на состанокот се донесе заклучок дека во нивното следно набљудување ќе не вклучат и нас невладините организации кои работиме директно со лицата со посебни потреби, со цел подетални и поуспешни набљудувања и дека има потреба ова истражување да се прошири и на нотарските канцеларии и сите останати канцеларии и институции кои се тесно поврзани со остварувањето на право на пристапност и достапност до правда за сите категории на граѓани.