НАЦИОНАЛЕН СОЈУЗ НА ЛИЦА СО ТЕЛЕСЕН ИНВАЛИДИТЕТ НА МАКЕДОНИЈА     

Mobile menu

001

На 23.04.2021 (петок), со почеток во 11.00 часот на платформата Microsoft Teams, во организација на Народниот правобранител и Канцеларија на Постојаната претставничка на ОН во Република Северна Македонија, се одржа настан за промоција и консултации за Националната рамка за следење на примената на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост.
На настанот поред организаторите, присуствуваа и претставници од повеќе граѓански организации, меѓу кои и претседателот на Мобилност Македонија.
Модератор на настанот беше д-р Весна Костиќ-Ивановиќ, државен советник за следење на имплементацијата на Конвенцијата за правата на лица со попреченост при Народниот правобранител, а воведни обраќања имаа:
- м-р Васка Бајрамовска-Мустафа, заменик Народен правобранител на Република Северна Македонија и
- Тања Темелкоска, советник за човекови права, Канцеларија на Постојаната претставничка на ОН во Република Северна Македонија.
Во натамошниот тек на настанот, во точката Воспоставување на национална рамка за следење на примената на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост (КПЛП), м-р Васка Бајрамовска-Мустафа, заменик Народен правобранител на Република Северна Македонија говореше за улогата на Народниот правобранител како национален механизам за следење на примената на КПЛП и преземените чекори да се овозможи воспоставување на рамката - споделување на резултатите од анкетното истражување и идните облици на соработка.
Во третата точка, Консултации за националната рамка за следење на примената на КПЛП, беа дадени повеќе општи и конкретни предлози меѓу кои:
-Очекувањата и придонесот на организациите на лицата со попреченост и другите домашни и меѓународни организации во функционирањето на националната рамка за следење;
-Активно и суштествено учество на лицата со попреченост и начела на инклузивност, отвореност и транспарентност ;
-Правата на жените и децата со попреченост;
-Главни приоритети на рамката за унапредување на инклузивноста и правата на лицата со попреченост во националниот контекст.
Ова беше првичен состанок. Во месец мај следи нов состанок на кој ќе се дискутира за конкретните чекори, особено за актуелните закони кои се во подготовка, а тоа е Законот за избори, по одложените избори кои требаше да се одржат во месец април, за да се преиспита дали прашањата кои се во формуларот се соодветни за попис на лицата со попреченост, како и за текстот на новиот Закон за градење со кој треба да се дефинира пристапноста како услов за градба.