Во организација на Центарот за поддршка на НВО-Гевгелија во соработка со Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС) и Националниот Младински Совет на Македонија(НМСМ), на 17.06.2021 година во хотелот Аполонија во Гевгелија, беше органзирана јавна расправа на тема „Состојбата и предизвиците на лицата со телесен инвалидитет во општина Гевгелија’’. Воведничари беа: Сашо Поцков, Градоначалник на општина Гевгелија; Даниела Гошева Кангова од Здружение на лица со телесен инвалидитет Мобилност Гевгелија; Бранимир Јовановски претседател на Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија - Мобилност Македонија; Томислав Цветковски од Министерство за труд и социјална политика, Скопје; Маријана Тошева од Општинска организација на Црвен Крст – Струмица. Присутни беа претставници на општина Гевгелија, Центар за социјални работи, Фонд за здравство, Црвен Крст -Гевгелија, Здружение на лица со телесен инвалидитет и Здружение на слепи лица.
Градоначалникот Поцков, во своето обраќање изрази благодарност за поканата на јавната расправа: „Општина Гевгелија организираше неколку средби и јавни трибини со лицата со попреченост од Гевгелија за да се идентификуваат нивните потреби. Со цел Општината во согласност на своите надлежности да им помогне на ваквите лица за надминување на урбаните бариери. Било во рамките на финансиската поддршка на здруженијата или во олеснувањето на пристапот за нормално функционирање. Бидејќи градиме еднакво општество за сите, со креирање политики за инклузивност и квалитетен живот за сите граѓани без разлика на полот, верата, националноста или кои било други разлики“, истакна Поцков.
Претседателот на Здружението на лица со телесен инвалидитет од Гевгелија - Мобилност Гевгелија, Даниела Кангова Гошева, во своето обраќање посебен акцент стави на бариерите со кои се соочуваат лицата со телесен инвалидитет: „Иако сме 21 век и за пристапноста на лицата со телесен инвалидитет треба да зборуваме како за веќе решен проблем, сепак, се соочуваме со бариери кои го попречуваат нормалното функционирање. И, тоа поради висината на тротоарите и немањето пристапни рампи секаде, импровизираните вертикални и коси рампи или воопшто немањето обезбеден пристап во јавните институции, немање можност за јавен превоз поради неадаптирани возила и ограничување на можноста за вработување поради претходно наведените причини“.
Претседателот на Мобилност Македонија, Бранимир Јовановски, во своето излагање истакна дека локалната самоуправа треба да направи добра дијагностика на сите недостатоци во градот кога станува збор за лицата со телесен инвалидитет и да изнајде соодветни решенија опфатени во програмите каде бидат застапени повеќе елементи на пристапност, како би се воспоставил функционален систем за социјална интеграција на ваквите лица. И тоа, најмногу во делот на пристапноста при изградба и реконструкција на улици која зависи од инвентивноста на архитектите. Бидејќи, некои промени не бараат големи фискални импликации, туку бараат поголема свесност. Притоа, ги нагласи и заложбите на Мобилност Македонија во подобрување на правата и положбата на лицата со телесен инвалидитет: „Голем дел од нашите активности се насочени кон подигањето на нивото на јавната свест на граѓаните и институциите за потребите на лицата со инвалидност, за тоа каков вид на поддршка или адаптација им е потребна, за да се чувствуваат еднакви и рамноправни со останатите. Активно учествуваме при донесување на законски решенија кои се однесуваат на лицата со телесен инвалидитет, во онаа мера во која сме консултирани, па дури и повеќе бидејќи, честопати успеваме да дојдеме до работни материјали на законите и иницијативи за нивна измена и дополнување самостојно. Секогаш нашите предлози и сугестии биле разгледувани со најголемо внимание од работните групи во институциите, се стекнавме со препознатливост и се поголема партиципативност при подготвувањето на текстот на законите. Секако дека како Сојуз активно делуваме и во донесување на позитивни законски решенија и во други области, горди сме што успеавме да ги подобриме решенијата за нашите членови во Законот за здравствена заштита, да придонесеме за впишување на нови, модерни и софистицирани ортопедски помагала, пред сѐ стандардно лесни и активни инвалидски колички, хидраулични повеќе-осовински коленски зглобови, динамични стопала и целосно електронска надколена протеза, за нашите членови со надколена ампутација.поддршка или адаптација им е потребна, за да се чувствуваат еднакви и рамноправни со останатите“.
Цветковски пред присутните ги презентираше новите мерки и измени во Законот за социјална заштита кои се во процедура, а се во корист на лицата со попреченост. Како објавени повици за добивање грант за развој на социјални услуги во Република Северна Македонија, со цел да се поддржи спроведувањето на процесот на деинституционализацијата и да се зајакне вклучувањето на децата и лицата со попреченост во општеството, преку развој на одржливи социјални услуги во заедницата, во прв ред, услуги за поддржано живеење (домување) во заедницата и средства за други иновативни услуги во заедницата од страна на општините, здруженијата или приватни даватели на услуги. Додека, Тошева од Црвен крст- ОО Струмица, ги сподели позитивните искуства на корисниците на услугата персонална асистенција во домот, како мотивација оваа услуга да биде повеќе афирмирана во општината и да ја користат и лицата со попреченост Гевгелија, но и да се зголеми бројот на даватели, со претходно стекната лиценца на обука за персонален асистент.