И годинава, на 03.12.2021 година, во свечената сала на Владата на Република Северна Македонија, Националниот совет на инвалидски организации на Македонија со своите седум здружени национални инвалидски организации: Национален сојуз на слепите на Република Северна Македонија, Национален сојуз на глуви и наглуви на Република Северна Македонија, Национален сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија - Мобилност Македонија, Републички центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост–Порака, Национален сојуз на цивилни инвалиди од војната на Македонија, Национална федерација за спорт и рекреација на инвалиди на Северна Македонија – Параолимписки комитет на Северна Македонија, Национален сојуз на инвалиди на трудот на Република Македонија, во соработка со Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со инвалидност, го одбележа 3 Декември - Меѓународниот ден на лицата со инвалидност/попреченост.
Настанот го отвори претседавачот на Координативното тело, Спасе Додевски, а потоа говореа:
-Душан Томшиќ, претставник на Министерството за образование и наука;
-Софија Спасовска, претставничка на Министерството за труд и социјална политика, и
-Бранимир Јовановски, претставник на Националниот совет на инвалидските организации на Македонија, кој во своето обраќање истакна:
„Денес е 3. Декември – Меѓународен ден на лицата со попреченост. Согласно СЗО, светската популација денес брои над 7 милијарди луѓе, од кои повеќе од една милијарда луѓе, или приближно 15% од светската популација, живеат со некоја форма на попреченост. 80% пак од нив живеат во земјите во развој и се соочуваат со сиромаштија, која во голем процент дополнително предизвикува нивна дискриминација,социјална исклученост и целосна изолација.
Надградувајќи се на повеќедецениската работа на ОН на полето на попреченоста, Конвенцијата за правата на лицата со попреченост (CRPD), усвоена во 2006 година, на лицата со попреченост и нивните репрезентативни организации им стана дополнителна алатка во борбата за унапредување на правата, недвосмислено потврдувајќи дека сите деца и лица со попреченост имаат право на квалитетно инклузивно образование на сите нива, пристапност, соодветен животен стандард и подобра социјална заштита, вработување, пристапна и достапна здравствена заштита, социјални услуги за поддршка во заедницата, како и намалување на предрасудите и подигнување на јавната свест за правата и потребите на сите лица со попреченост.
Откако беше усвоена од страна на ООН во 2006 година, Конвенцијата, освен што стана прв обврзувачки правен акт во доменот на меѓународното право за правата на човекот во XXI век, исто така претставува и официјално признавање на попреченоста како прашање на човековите права во меѓународната сфера, а со тоа и првиот инструмент за правата на човекот кој го отелотворува социјалниот модел на гледање на попреченоста. Социјалниот модел гледа на лицата со попреченост како на субјекти со свои права, а не како на објекти, и затоа става нагласок на почитувањето на нивните права на еднаква основа со другите лица во општеството. Социјалниот модел се фокусира на бариерите во општеството и средината, кои можат да попречат во целосното и делотворно учество на лицата со попреченост во општеството на еднаква основа со другите, а не на индивидуалната оневозможеност, односно попреченост. Со нејзината ратификацијата во Собранието на Република Северна Македонија на 05.12.2011 година, таа стана дел од националното законодавство и за разлика од другите закони донесени од Собранието, таа во ниту еден дел не може да биде менувана и дополнувана со други закони кое Собранието на државата која ја ратификувала ги носи.
Деновиве се навршуваат 10 години од ратификацијата на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост и реално е да се направи анализа што нашата држава има сторено за реализација на нејзините пропишани мерки и препораки, во однос на реализација на соодветни мерки со кои им овозможува на лицата со попреченост да живеат самостојно и целосно да ги уживаат сите аспекти на животот и развојот на еднаква основа со другите, како и да ги идентификуваат и елиминираат пречките и бариерите за пристапност, вклученост, еднаквост, вработување, образование и обука, социјална заштита, здравство, правда и други аспекти кои придонесуваат за инклузивна еднаквост. Секако, анализа на состојбата ќе даде Координативното тело за следење на спроведувањето на Конвенцијата, кое делува во рамките на канцеларијата на Правобранителот на РСМ, а НСИОМ со здружените членки активно партиципира во тој процес.
ЈУБИЛЕЈ 40 ГОДИНИ ОД ФОРМИРАЊЕТО НА НСИОМ
Националниот совет на инвалидски организации на Македонија со своите здружени 7 национални инвалидски организации: Национален сојуз на слепите на Република Северна Македонија, Национален сојуз на глуви и наглуви на Република Северна Македонија, Национален сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија - Мобилност Македонија, Републички центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост–Порака, Национален сојуз на цивилни инвалиди од војната на Македонија, Национална федерација за спорт и рекреација на инвалиди на Северна Македонија – Параолимписки комитет на Северна Македонија, Национален сојуз на инвалиди на трудот на Република Македонија, годинава навршува 40 години на активно делување на полето на заштита и остварување на правата на лицата со попреченост во Република Северна Македонија.
Имено, на 17.12.1981 година беше конституирана Републичката конференција на социјално хуманитарните организации на Македонија, која во тоа време броеше 12 членки, а за прв претседател на претседателството на РКСХОМ бил избран Раде Атанасовски. На 10.10.1995 година истата се преименува во Заедница на инвалидски организации на Македонија, како кровна организација на седум републички инвалидски организации, за да конечно на 01.11.2005 година, по укажување од Ефропскиот форум за лица со попреченост, биде преименувана во Национален совет на инвалидски организации на Македонија.
Придобивките кои НСИОМ и здружените членки ги имаат реализирано во преговорите со институциите на државата во изминатите 40 години се бројни, меѓутоа остануваат отворени уште многу прашања кои чекаат на своја реализација, или допрва треба да бидат актуелизирани.
Оваа година, темата на одбележување на Меѓународниот ден на лицата со попреченост е: „Лидерство и учество на лицата со попреченост кон инклузивен, пристапен и одржлив пост COVID-19 свет“.
Во интерес на времето, ќе укажеме само на неколку важни сегменти од животот на лицата со попреченост за кои имаме покренато иницијативи кои очекуваме да имаат брза и ефикасна реализација.
Во однос на здравствената заштита, јасно е дека лицата со попреченост треба да уживаат квалитетна здравствена заштита на еднаква основа со другите, што вклучува еднаков третман и во услови на пандемијата со КОВИД – 19.
Отсуствуваат континуирани акции за подигнување на јавната свест и информирање на јавноста за правата и потребите на лицата со попреченост, пред се со интелектуална попреченост, како на национално така и на локално ниво. Иако постои одреден напредок во намалувањето на предрасудите, за жал, мора да кажеме дека се уште постои висок степен на предрасуди. Потребно е спроведување на позитивни кампањи за прикажување на лицата со попреченост како еднакви граѓани во општеството, како и целосна имплементација на законската рамка за заштита и спречување на дискриминација.
Националниот сојуз на слепи на Северна Македонија во насока на подобрување на здравствените услуги за овие лица инсистира набавката на тифлотехнички помагала конечно да биде регулирана со Правилник на ФЗОМ. Во ова комплицирано време на пандемија од Ковид-19, кога слепите лица не можат така едноставно да дојдат до брза помош, а во нивниот дом немаат говорен апарат за мерење на крвен притисок, или говорен апарат за мерење на шеќер во крвта, несомнено е дека се ставени во животно загрозувачка состојба која лесно може да се надмине доколку им се овозможи набавка на вакви помагала преку ФЗОМ, бесплатно како што им се даваат на сите пациенти кои не се соочуваат со пречки во видот.
И поред најновите подобрувањата на Правилникот за индикации за остварување на право на ортопедски и други помагала, во делот на стандардно лесни и активни инвалидски колички, повеќеосовински коленски зглобови, карбонски динамични стопала за протези, електронски протези за горни и долни екстремитети итн, кои Мобилност Македонија после тригодишни преговори со ФЗОМ и Владата на РСМ успеа да ги воведе на Листата на ортопедски помагала на почетокот на минатата 2020 година, останаа нерешени уште неколку суштински потреби за лицата кои користат инвалидска количка, меѓу кои и правото на инвалидска количка на електромоторен погон да се стекнува врз основа на пропишана дијагноза и утврдена фактичка потреба, без ограничување осигуреното лице да мора да биде во работен однос, да врши дејност врз основа на која е осигурено, или да се деца на школување до 18, односно 26 годишна возраст.
Во сегашните услови додека трае пандемијата со Ковид-19, исто така важно е да се подобри можноста во здравствените институции, а особено во ковид центрите, здравствените работници да вработат или ангажираат лице кое го познава знаковниот јазик за да комуницира со нив. На тој начин би се намалила потреба за физичко присуство на разни толкувачи, со што би го заштитиле и здравјето на толкувачите на знаковен јазик, бидејќи не би морале да присуствуваат во ковид центрите, односно во центрите за тестирање. Министерството за здравство е должно почесто да комуницира со националните инвалидски организации заради специфичните потреби на различен вид на попреченост, да ги прифаќа нивните предлози, сугестии и барања, како и да овозможи лесен пристап до вакцинација на лицата со попреченост.
Во делот на образованието, потребна е доследна имплементација на новиот закон за основно образование кој јасно промовира инклузивно образование, а одбивањето на разумно прилагодување се препознава како форма на дискриминација по основ на попреченост. Ресурсите треба да се насочат кон соодветна поддршка и ресурси во преминот кон инклузивно образование, да се пружи квалификувана обука за наставниците и помошниот персонал за да се поттикне инклузијата, да се обезбеди универзална пристапност до образовните процес со надминување на архитектонските бариери, пречките во комуникацијата, и обезбедување на квалитетни образовни асистенти. Овој приоритет се однесува и на образовниот процес за учениците со попреченост кој се спроведува во услови на пандемија со КОВИД – 19. Исто така треба да се овозможи ослободување од партиципација за студирање на лицата со попреченост во сите циклуси на високо образование.
Во однос на вработувањето, лицата со попреченост, глувите и наглуви лица, слепите лица, лицата со интелектуална попреченост и телесно инвалидизираните лица, се вистинска маргинализирана група која најчесто се соочува со невработеност или со најниски месечни примања. Невработеноста кај лицата со попреченост особено се зголеми во изминатиот период поради пандемијата од Ковид-19. Со право бараме и очекуваме нивно пообемно вработување во државната администрација, во јавниот сектор. Лицата со попреченост исто така имаат соодветни квалификации, знаења и вештини, вредни се, работни и чесни. Со одредена доквалификација, тие можат квалитетно да одговорат на многу видови на работни задачи.
Во однос на пристапноста, потребно е законодавецот да ги детектира бариерите кои ја оневозможуваат пристапноста и самостојното движење, престој, работа и домување во градбите и непосредното опкружување со кои се соочуваат разните групи на граѓани со попреченост и да пропише градење на објекти и урбана околина согласно универзален дизајн, според кој никој не би бил исклучен, односно на сите би им се овозможило непречен пристап, престој, работа и живеење во градбите со јавни и деловни намени, градби со намена домување во станбени згради како и градби со станбено-деловна намена Универзалниот дизајн и користењето на објектите мора да им овозможи во целост да учествуваат во сите аспекти од животот, да им обезбедат пристап на лицата со попреченост, но и на стари лица кои се движат со потешкотии, привремено попречени лица во мобилноста, млади брачни парови со колички за бебиња и слично, врз основа на еднаквост со другите до изграденото опкружување во урбаните и руралните средини, идентификација и отстранување на пречките и бариерите кои го онемозвожуваат самостојното движење и пристапност до и во сите стамбени, јавни и деловни објекти, како и други внатрешни и надворешни капацитети. Тука пред се се мисли на пристапите, ходниците, патеките за поврзување, пасажите, вратите и вертикалните приклучоци (скали, рампи, платформи, лифтови и други механички уреди за кревање) кои мора да бидат дизајнирани и изградени на начин кој им овозможува на лицата со попреченост да ги користат самостојно, да содржат потребна сигнализација и опрема за непречено движење, комуникација и ориентација. Бројот на места за паркирање на возилата кои ги управуваат лица со попреченост мора да биде најмалку 3% од бројот на паркирни места и тоа да се обележат во близина на главниот влез, а доколку дозволува просторот, треба да се обезбедат места и за паркирање на возила на корисници со детски колички.
Во однос на комуникацијата, глувите и наглувите лица во нашата држава се соочуваат со проблеми во комуникацијата која значително се одразува на нивната информираност, и влијае на нивната невработеност, квалитетно инклузивно образование и инклузијата во сите други културно-општенствени процеси.
За поздравување е воспоставената пракса од Претседателот на државата, од министерствата, како и од претседателот на Владата на Република Северна Македонија, на секоја прес конференција да се обезбеди и толкувач на знаковен јазик. Само на овој начин може да се зголеми информираноста на глувите лица, особено кога се во прашање важни информации, чиј недостаток може да биде дури и животно загрозувачки, како што е овој период кога целиот свет се бори со пандемијата од Ковид-19 и кога надлежните институции објавуваат многу важни мерки и препораки за заштита на сопственото здравје, но и здравјето на заедницата во целина. Апелираме оваа пракса да се применува и во иднина.
Процесот на комуникација помеѓу институциите и глувите лица во изминатите неколку години, е значително подобрен. Државата и Националниот сојуз на глуви лица воведоа работа на „Колцентар“ преку кој се олеснува комуникацијата на глувите и наглуви лица, но сепак и овој успешен проект се соочува со одредени проблеми, како што е неможноста секое глуво лице да раполага со мобилен апарат и доволно интернет, преку кои би можело да ги користи видео интернет услугите на „Колцентарот“. Во врска со ова, сметаме дека државата треба да им овозможи на глувите лица да можат во текот на две или три години да набават мобилени апарати по субвенцонирана цена, по примерот на некои европски земји, како и да се намалат месечните трошоци за интернет услуги за овие лица, па дури и да бидат бесплатни, а се со цел на секое глуво лице да му биде овозможено непречено да комуницира преку овие интернет видео апликации. Во областа на комуникацијата, како еден од најголемите проблеми и потреби на глувите лица, чесно е да се каже дека во изминатите неколку години без прекин државата обезбедува средства за организирање на обуки на толкувачи на знаковен јазик, кои се спроведуваат преку Националниот Сојуз на глуви и наглуви. Овој процес е спор, и ќе даде резултат за неколку години, кога ќе се обучи значителен број на толкувачи на знаковен јазик, при што ќе се задоволат сите потреби и барања на глувите лица во областа на комуникацијата.
Национална стратегија за деинституционализација 2018-2027 ги формулира приоритетите во амбициозен акционен план, но постои голема загриженост за имплементацијата на преодот од институционална грижа во грижа во заедницата, особено при развој на сервисните служби за поддршка кои би овозможиле самостојно живеење на лицата со попреченост. Затоа, државата треба да обезбеди соодветни човечки, финансиски и технички ресурси за транзицијата кон услови за независно живеење, да додели доволно ресурси да се обезбеди лична асистенција и достапни квалитетни услуги во заедницата. Свесни сме дека ова е тежок и долгогодишен процес, но уште повеќе сме свесни дека е потребна цврста заложба од државата за да се избегнат можни ризици.
Националниот сојуз на слепи на РСМ и оваа година потсетува на важноста од признавањето на факсимилот како личен потпис на секое слепо лице. Соочени со предизвиците на Ковид-19 пандемијата, слепите лица и во 2021 година мораа со своите придружници да одат на нотар како би оствариле некое свое право. Недозволливо е во оваа современа ера и технолошките можности кои ги нуди, да лицата со оштетен вид сеуште се потпираат на сведоци при нотарски заверки.
И сосема за крај потсетуваме дека Ковид-19 пандемијата остави значителни нееднаквости помеѓу населението и дека лицата со попреченост се меѓу едни од најпогодените. Бараме можности за целосна инклузија во општеството, а не привилегии, бараме дословно да се почитуваат законите, да се овозможат доволно термини за закажување на прегледи и контролни прегледи за остварување на право на надоместоците од социјалната заштита, а истите редовно да се усогласуваат со порастот на животните трошоци објавени од државниот завод за статистика. Нешто што сеуште не е направено за 2021 година. А станува збор за усогласување од само 1,2%.
Исто така средствата за спроведување на програмските активности на НСИОМ и здружените национални инвалидски организации треба да бидат определени во зголемен износ кој ќе го следи растот на трошоците, како би можеле целосно да ги реализираме планираните активности, а не да ги кратиме, како и адекватно да ги наградиме вработените лица во организациите на национално и локално ниво задолжени за спроведување на активностите, бидејќи напоменуваме дека со години износот на средатва за работа кој го добиваме е ист, а растот на минималната плата и трошоците на услугите се зголемени, некои дури и неколкукратно.
Овогодинешната тема на ООН за одбележување на меѓународниот ден на лицата со попреченост:„Лидерство и учество на лицата со попреченост кон инклузивен, пристапен и одржлив пост COVID-19 свет“, има за цел да укаже дека сите споменати права на лицата со попреченост мора континуирано да се остваруваат во услови на пандемија со Ковид-19 и пост Ковид состојбата. Правата на лицата со попреченост мора да бидат земени во предвид при планирање на мерките за заштита и превенција од КОВИД-19. Исто така, потребно е лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства да се вклучени во мерките на државата за ублажување на последиците од кризата со пандемијата.