На 29.04.2022 година, во просториите на ДХО „Даре Џамбаз“ беше одржана работна средба помеѓу претседателите на националните инвалидски организации и министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, со нејзините соработници.
На средбата повторно ги потенциравме барањата на нашите членови за зголемување на висината на надоместоците за нега и помош од друго лице, за попреченост и посебниот додаток, како и нивно врзување со процент од просечна месечна плата.
Министерката истакна дека врзување со процент од месечна плата е невозможно заради тоа што во системот не може да се врзуваат правата од работен однос со правата од социјалната заштита. Што се однесува до покачувањето на надоместоците, истакна дека се наоѓаме во исклучително тешка економска состојба и глобална криза, и дека во моментов тешко дека ќе може да се зборува за покачување на надоместоците, меѓутоа истакна дека може да се работи на одредено зголемување со новиот буџет за 2023 година.
Притоа нагласи дека не треба да се занемарат другите услуги и права кои министерството ги донесе за подобрување на положбата на лицата со инвалидност (можете да ги прочитате подолу во текстот од нивниот допис кој интегрално ви го пренесуваме), кои исто така чинат многу средства од Буџетот.
Ние истакнавме дека сме свесни за големата економска криза во која живееме, а предизвикана од пандемијата од ковид, енергетската криза и еве сега и војната помеѓу Русија и Украина, но од друга страна нашите членови без зголемување на висина на надоместоците тешко можат да ги користат средствата за кои истите се наменети, за компензација на зголемените животни трошоци, и за обезбедување на услугата нега и помош од друго лице. За да се амортизира колку толку состајбата, а се до конечна реализација на нашите барања, побаравме веднаш, со ребалансот на Буџетот во јули, да се зголемат надоместоците најмалку за 15% и да се предвиди со новиот Буџет дополнително зголемување со 15%, така би се вратиле на реалниот износ на надоместоците од времето кога беа донесени.
Министерката одговори дека се планира посебниот додаток да се зголеми за 15%, а другите ќе се вложат напори, но во услови на ваква криза, тешко дека ќе може да се зголемат средствата за социјална политика (во кои спаѓа исплата на надоместоците).
Ние ќе продолжиме и понатаму со преговорите и барањата, ќе иницираме повторни средби за решавање на ова прашање, а во меѓувреме ви го пренесуваме текстот од дописот кој го добивме од МТСП, како и линкот на објавата на нивната веб страница:
„Почитувани,
Врз основа на одржаниот состанок и барањата на членовите на Националните инвалидски организации, Министерството за труд и социјална политика во соработка со другите релевантни министерства и институции Ве информира дека во 2022 година ќе спроведе неколку мерки кои се во интерес на унапредување на правата на децата и лицата со попреченост:
· ослободувањето од партиципација за лицата со попреченост над 26 години корисници на правото за попреченост при специјалистичко – консултативна здравствена заштита, болничко здравствена заштита и за лекови издадени на рецепт на товар на Фондот за здравствено осигурување;
· Измена и дополнување на Законот за заштита на детето со кое ќе се овозможи покачување на посебниот додаток за 15% за сите три подвидови на корисници;
· Намалување на возрасната граница за остварување на правото за траен надоместок за родител кој се грижел за своето дете со попреченост до неговата 26 годишна возраст;
· Измена на Законот за социјална заштита со кое ќе се дополни делот за децата/ лицата кои можат да ја користат услугата за лична асистенција и за децата/лицата со комбинирана попреченост, но каде едната од попреченостите е најтешка телесната попреченост;
· Измена и дополнување на Одлуката за цената на социјалните услуги за 2022 година, каде се предвидува цена за час индивидуален и цена за дневен третман за дете/лице со попреченост од стручен работник во лиценцираните Дневни центри за деца со попреченост, односно 858 денари за индивидуален третман и 1.053 денари дневно по корисник.
· Воведување на Регистар за лицата со попреченост;
· Измена на Правилникот за ортопедски помагала со што ќе се овозможи да се доделуваат ортопедски помагала – чевли на секои 6 месеци за сите возрасни групи;
· Подготовка на нова Национална стратегија за лицата со попреченост 2022-2027;
· Обезбедување на обуки и понуда на работни места за невработените родители на децата со попреченост во услугите од социјалната заштита и во Дневните центри;
· Отворање на Центар за рана интервенција во соработка со Министерството за здравство и со Граѓанските организации;
· Отварање на 10 станбени единици за живеење со поддршка за 50 корисници од Специјалниот Завод Демир Капија и ЈУ Завод за рехабилитација Скопје.
Министерството ќе продолжи да ги унапредува правата на децата и лицата со попреченост во консултација со граѓанските организации, Националните Сојузи и родителите на децата со попреченост со кои во изминатите три години ги реализиравме следните мерки и политики:
· Воведување на две целосно нови услуги за децата и лицата со попреченост - Лична асистенција(269 денари за час) и услугата Домашна нега (289 денари за час) платени преку Центрите за социјална работа;
· Проширување на Правото за попреченост и за лицата со интелектуална попреченост;
· Зголемување на додатокот за надоместок за плата за скратено работно време за родител кој чува дете со попреченост до 50% од просечна нето плата;
· Воведување на траен надоместок за родител, кој се грижел за детето со попреченост до неговата 26 годишна возраст без да го смести во институција, кој е невработен и не користи право на пензија, по наполнување на 62 години за жена, односно 64 години за маж (8000 денари месечно).
· Зголемување на износот на утврдената висина на правото на посебен додаток за 15% и дополнително овој износ се зголемува за 25% и изнесува 6276 денари за материјално необезбедени семејства и зголемување за 50%, односно 7531 денар за самохраните родители коишто имаат дете со попреченост
· обезбедени средства и вработување на 500 образовни асистенти во наставата за кои се обезбедени 216 милиони денари
· отворени 7 станбени единици за живеење со поддршка за 35 лица до Специјалниот Завод Демир Капија.
· потпишувањето на договорот за лицата што користат Кохлеарни импланти за набавка на говорниот процесор;
· измена на правилникот за утврдувањето на список на поправки на ортопедските помагала за покривање на трошоците за сервис и поправка на говорниот процесор
Министерството за труд и социјална политика ќе продолжи да биде отворена институција за сите, бидејќи само заедно можеме да ги подготвиме најдобрите решенија кои се во интерес на подобрувањето на пристапот до правата и услугите од социјалната заштита, но и пристапот до пазарот на трудот и подобрување на капацитетите за вработување кај лицата со попреченост. Воедно ќе направиме анализа за сите други барања кои беа истакнати на средбата, како што е покачувањето на висината на правото за попреченост, воведување на правото за родител негувател, развој на рана интервенција за деца од 0-5 години, обезбедување на толкувачи на знаковен јазик како услуга, покачување на лимитот во Програмата за набавка на моторни возила од 10000 на 15000 евра, враќање на наменските средства кои се доделуваат преку средствата кои се добиваат согласно Законот за игри на среќа и други решенија кои се во интерес на децата и лицата со попреченост.