Националниот сојуз на лицата со телесен инвалидитет на Македонија – Мобилност Македонија, на 25 јуни 2022 година ја реализира програмската активност „Музички средби на лица со телесен инвалидитет“, годинава 27-ми по ред.
За разлика од традицијата домаќин на ова средба да биде градот Струмица, годинава за прв пат домаќин на овие средби беше Здружението на лица со телесен инвалидитет на Радовиш - Мобилност Радовиш.
Музичките средби, кои и оваа година беа од ревијален карактер, се одржаа во центарот на Радовиш, на плоштадот „Свети Спасо Радовишки“, со техничка поддршка од Домот на културата, „Ацо Караманов“ од Радовиш.
На настанот учествуваа 10 талентирани лица со телесен инвалидитет, членови на Мобилност Македонија од Прилеп, Кавадарци, Велес, Скопје, Струмица, Штип и Радовиш, а во придружба на музичарите од оркестарот на Мобилност Македонија, „Феникс“.
Како и секогаш, улогата на водител на манифестацијата му беше доделена на еминентниот водител, новинар и текстописец од Струмица, Ѓорѓи Калајџиев.
Пред насобраните случајни минувачи и членови на Мобилност од повеќе здруженија, учесниците на манифестацијата настапија по следниот редослед:
1.Ангел Апостолов од Велес, со песната „Кога падна на Пирина“
2.Ѓорги Здравески од Прилеп, со песната „Девет години“
3.Ванѓа Јованчева од Штип-Злетово, со песната „Мори чупи Костурчанки“
4.Иле Гичев од Струмица, со песната „Кажи ми Наде вистината“
5.Влатко Најдоски од Прилеп, со песната „На шарена чешма“
6.Николчо Делов од Кавадарци, со песната „Една мисла имаме“
7.Христина Проскова од Скопје, со песната „Твојте очи Лено“
8.Петре Јованов од село Подареш -Радовиш, со песната „Јоване море Јоване“
9.Гоце Миновски од Скопје, со песната „Ти, само ти“
10. Стеван Ангелески од Прилеп, со песната „Железар да бидам“
Настанот го збогатија со своето учество:
-Ансамблот на староградски народни песни „Распеани Радовишани“ при Домот на културата „Ацо Караманов“ од Радовиш, и
-Играорната група „Бучим“ од Радовиш.