Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија-Мобилност Македонија, на 17-18.09.2022 година, во хотелот „Галеб“ во Струга, го одржа 28-то издание на Републичкиот квиз натпревар за лица со телесен инвалидитет на Македонија.
На натпреварот учествуваа 14 екипи кои беа поделени во четири четвртфинални групи од кои две составени од по четири екипи, и две составени од по три екипи. По одржување на четвртфиналните квизови на 17.09.2022, двете првопласирани екипи од секоја четвртфинална група се квалификуваа за полуфиналните борби, а останатите екипи го завршија својот настап на Републичкиот квиз натпревар.
Комплетот на прашањата за квизот традиционално ги изготви Зоран Јорданов, жири комисијата беше во состав Софка Прчева и Драган Дојчиноски, за техничка обработка на прашањата и дигитална презентација на квиз натпреварите беше задолжен Тони Пајдаков, додека водител на натпреварот и годинава беше Бранимир Јовановски.
На 18.09.2022 се одржаа двата полуфинални квиз натпревари. Во првиот полуфинален квиз натпревар, првото место го освои екипата на Мобилност Скопје 1 со освоени 103 поени, на второто место се пласира екипата на Мобилност Кичево со освоени 59 поени и овие две екипи се пласираа во големото финале. На третото место во оваа полуфинална група се пласира екипата на Мобилност Скопје 2 со освоени 24 поени, а на четвртото екипата на Мобилност Тетово со освоени 18 поени.
Во вториот полуфинален квиз натпревар, првото место го освои екипата на Мобилност Кочани со освоени 96 поени, додека на второто место се пласира екипата на Мобилност Прилеп со освоени 74 поени и овие две екипи изборија пласман во големото финале. На третото место во оваа полуфинална група се пласира екипата на Мобилност Битола со освоени 64 поени, а на четвртото екипата на Мобилност Велес со освоени 32 поени.
Финалниот квиз натпревар, како и што се очекуваше, донесе нова возбуда и солидно знаење од страна на сите учесници. После многу промени на редоследот на екипите во текот на играта, на крајот најмногу знаење и умешност покажа екипата на Мобилност Скопје 1, која го освои првото место и титулата „Шампион на знаење за 2022 година“ со освоени 105 поени, второто место и припадна на екипата на Мобилност Кочани со освоени 74 поени, третото на екипата на Мобилност Кичево со освоени 58 поени, а четвртото место и припадна на екипата на Мобилност Прилеп со освоени 27 поени. Овие четири екипи воедно ќе бидат носители на четвртфиналните групи на следниот, 29-ми по ред, Републички квиз натпревар 2023.
На првопласираните три екипи и на нејзините членови, од страна на генералниот секретар на сојузот, Софка Прчева, им беа доделени плакети за учество и за освоен пласман.